Комерсант: Турбината за Северен тек 1 е вратена во Германија
18 јули 2022Турбината за гасоводот Северен тек 1пристигнала со авион во Германија, пишува руски „Комерсант“, повикувајќи се притоа на лица кои се запознаени со проблемот. Доколку нема проблеми со логистиката или царината, турбината за пет до седум дена ќе пристигне во Русија, пишува весникот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја критикуваше остро одлуката на Канада да ја врати во Германија турбината за гасоводот Северен тек 1. Украинците „никогаш нема да ја прифатат одлуката на Канада“, му рекол Зеленски на канадскиот премиер Џастин Трудо во телефонски разговор. Се работи за „повреда на режимот на санкции“, оценил Зеленски.
Владата во Отава минатата недела даде зелено светло за враќање на турбината која беше на поправка во Канда. Зеленски оцени дека ако сега се прекршат санкциите против Русија, „нема да мине долго време и ќе се случат и други прекршувања“. Украинскиот претседател ја обвини Русија дека ги уценува другите држави со гас.
Низ гасоводот Северен тек 1 од 11 јули веќе не тече гас.Причината е инспекција на гасоводот, која би требало да трае десетина дена. Неизвесно е дали по завршувањето на контролите повторно ќе биде отворена славината за гас. Рускиот концерн Гаспром уште на средината од јуни го намали многу количеството на гас кое минува низ Северен тек 1, образлагајќи го тоа со дефектната турбина која беше на поправка во Канада.