Војна на нерви околу гасоводот Северен тек 1
14 јули 2022Рускиот енергетски концерн Газпром соопшти денеска дека не може да гарантира оти гасоводот Северен тек, преку кој со гас се снабдува Европа, ќе може добро да работи.
Газпром наведе дека не може да потврди дали ќе успее да дојде до германската турбина која е поправена во Канада. Гасоводот во моментов е запрен поради редовниот годишен ремонт на 10 дена, а европските земји стравуваат оти Москва би можела да се обиде да најде техничка причина како изговор трајно да ја запре испораката на гас преку овој гасовод, и така врз нив да изврши притисок во контекст на украинскиот конфликт.
Дури и пред запирањето со работа на Северен тек 1, Русија значително го намали снабдувањето со гас во последните недели, оправдувајќи го тоа со недостигот на турбини на Сименс, кои според Русија се потребни за работа на станиците за компресија на гасоводот и чии некои делови се испратени во Канада на поправка.
„Газпром сега не располага со никаков документ кој би му дозволил на Сименс од Канада да го изнесе моторот од турбината за станицата за компресија Портоваја“, наведе Газпром.
Повеќе: Стоп на испораката на гас преку Северен тек: Дали Германците наскоро ќе мора да се „смрзнуваат”?
Се додава дека под такви услови е невозможно да се потврди безбедна работа на оваа станица за компресија која е неопходна за гасоводот Северен тек.
Канада во саботата соопшти оти ќе ѝ ги врати на Германија турбините наменети за Севен тек и покрај санкциите воведени за Русија.
Канадскиот премиер Џастин Трудо оцени дека таа одлука била тешка, но додаде оти санкциите се воведени да се казнат Владимир Путин и неговите пријатели, а не канадските сојузници и жителите на Европа.
.