1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ковид-19: Охрабрувачки бројки и продолжување на мерките

СН | МИА
19 мај 2021

Бројот на новозаразени со коронавирусот во земјата, како и на хоспитализирани во македонските болници продолжува да се намалува. Од друга страна, расте бројката на вакцинирани, но и на заинтересирани за вакцинација.

https://p.dw.com/p/3taMw
Nordmazedonien | Impfzentrum in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Според податоците од Министерството за здравство, барем една доза од вакцината против коронавирусот досега примиле 40 насто од македонските граѓани над 70 години и 33 отсто кои се на возраст над 65 години. Аплицирани се 207 219 дози, а ревакцина примиле 31 599 граѓани. Преку веб-страницата vakcinacija.mk интерес да се вакцинираат изразиле речиси 377 илјади граѓани.

Nordmazedonien | Coronavirus | Impfung Präsident Stevo Pendarovski
Македонскиот претседател Стево Пендаровски вчера (18.05.2021) првата доза од вакцината ја прими во пункт во Куманово за, како што рече, да ги разбие дезинформациите дека наводно има разлика меѓу вакцините што се даваат во Скопје и оние во другите градови, а веќе решил и втората доза да ја прими во трета општина.Фотографија: Präsidentschaftsbüro der Republik Nordmazedonien

Меѓу последните вакцини што дојдоа во земјава е новата пратка на „Фајзер“ со 9360 дози, од кои 4680 се од директниот договор со овој производител, според кој секој понеделник „Фајзер“ ќе ни испорачува од 5000 до 7000 дози вакцини, односно 26.000 за цел месец. Останатите 4680 дози од новата пратка вакцини „Фајзер“ се добиени преку трилатерални договори  во рамки на програмата „Тим Јуроп“. Преку оваа програма за поддршка во снабдувањето вакцини за Западен Балкан, што ја координира Австрија, во земјата во мај треба да пристигнат 19.890 вакцини.

Паралелно со имунизацијата, се намалува и бројот на новозаразени со коронавирус. Во вчерашната статистика на министерството за здравство беа евидентирани 83 нови случаи на Ковид-19, 259 оздравени и двајца починати пациенти. Активни случаи има 3270 во целата држава.

Повеќе:

-2000 македонски граѓани се пријавиле за вакцинација на границата со Бугарија

-Засилена имунизација, благ пад на новозаболените од Ковид-19

-Филипче: Маски мора да се носат, рано е за свадби и концерти

Се намалува и бројот на хоспитализирани поради компликации, така што болниците затвораат дел од капацитетите наменети за ковид-пациенти. Во претходното деноноќие, како што беше соопштено, немало приеми на Интерните клиники во главниот град. Министерството за здравство вчера соопшти дека на болничко лекување се 457 пациенти позитивни и сомнителни на вирусот, од кои 193 во Скопје и 264 на инфективните одделенија во другите градови низ земјава, а има околу 680 празни болнички кревети.

И покрај ваквите бројки кои будат надеж, засега остануваат да важат рестриктивните мерки – забрана за движење на населението од полноќ до 4 часот и работење на угостителските објекти до 23.30 часот. По препорака на Комисијата за заразни болести, Владата вчера на седница донесе заклучок мерки за ограничување на движењето наместо до 18 мај да продолжат да важат до 1 јуни.