1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

2000 македонски граѓани по вакцина во Бугарија

ДТЗ
18 мај 2021

Оние коишто сакаат да се вакцинираат ќе можат да изберат помеѓу АстраЗенека, Бионтек/Фајзер и Модерна.

https://p.dw.com/p/3tZqW
Libanon Beirut | Coronaimpfung
Фотографија: Marwan Naamani/dpa/picture alliance

Речиси 2000 граѓани на Северна Македонија се пријавиле на двата пункта за вакцинација против Ковид-19 коишто се отворени на граничните премини Станке Лисичково - Делчево и Златарево - Ново Село. На преминот Станке Лисичково вакцинацијата започнала во 10 часот, а на пунктот изутринава веќе чекале 50-тина заинтересирани. Двајца лекари и две сестри се ангажирани за вакцинацијата во граничната зона. 

Според бугарските медиуми, идејата за отворање на вакцинални пунктови на граничните премини било на бугарскиот филантроп д-р Милен Врабевски. Тој уште пред неколку месеци ѝ го предложил ова на бугарската влада. 

-повеќе на темата: Бугарија отвора два центри за вакцинација на македонски граѓани

„На состанокот на Советот на министри пред Велигден беше одлучено да се вклучи С. Македонија во заштитата од пандемијата, да им се помогне со вакцини, почнувајќи од границата. Ние го правиме ова за да не мора да влегуваат во Бугарија и на тој начин ќе заштедат, бидејќи не им се потребни ПЦР-тестови. Ова се сиромашни луѓе и ние сме должни да размислуваме за да им го олесниме вакцинирањето“, ја пренесуваат бугарските медиуми изјавата на д-р Врабевски. 

Докторката Николина Крастева за БНР вели дека има голем интерес за вакцинирање на граѓаните од околните места. Но, има и заинтересирани коишто доаѓаат од внатрешноста на земјата, додава таа. Медиумите пренесуваат изјави на македонски граѓани коишто имаат бизниси во Бугарија и притоа ја искористиле можноста за вакцинација, пријавувајќи го целото семјество. 

-повеќе на темата: Македонските граѓани на вакцинација и во Бугарија

Бидејќи мобилните канцеларии се наоѓаат во меѓуграничната зона, граѓаните нема да мора да влегуваат во Бугарија и затоа не треба да покажат негативен резултат на ПЦР-тест. Оние коишто сакаат да се вакцинираат ќе можат да изберат помеѓу АстраЗенека, Бионтек/Фајзер и Модерна. Медиумите во Бугарија пренесуваат дека привичната идеја била на овој начин да им се помогне на граѓаните во С. Македонија, коишто имаат и бугарски пасоши, но според информациите од вакцинација нема да бидат враќани ниту оние коишто немаат бугарски документи. 
„Станува збор за сложена епидемилошка ситуација, којашто ги погодува и граѓаните на Северна Македонија. Ние имаме 120 илјади граѓани со бугарски пасоши таму и имаме обврска да се грижиме за овие граѓани.“, ја пренесуваат тамошните медиуми изјавата на д-р Милен Врабовски. Бугарските медиуми наведуваат дека д-р Врабевски е познат филантроп во Бугарија и во С. Македонија. Компанијата со којашто раковиди има претставништа во повеќе земји во регионот, а во Скопје е присутна од 2005 година со клинички испитувања на лекови.

Изминатиот период голем број македонски граѓани заминаа на вакцинација и во соседна Србија, откако тамошните власти ги отворија вратите за имунизација и на граѓаните од регионот.