1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина помага со скриени мотиви?

Франк Зирен
26 март 2020

Пекинг ја користи поволноста на моментот со корона-кризаната за со пружање помош да ја поправи довербата на светска сцена. САД, пак, губат од имиџот на партнер од доверба, оценува Франк Зирен.

https://p.dw.com/p/3a3Fv
Coronavirus | Internationale Hilfe für Italien
Фотографија: imago images/photonews.at

Во Кина бројот на новоинфицирани со коронавирус континуирано опаѓа. Во провинцијата Хубеи луѓето конечно, со одредени ограничувања, можат повторно да патуваат. И, веќе на 8 април би требало да биде укината забраната за излегување во Вухан. Кинеската економија полека, но сигурно почнува повторно да се враќа во форма и во првите чекори ги води со себе и азиските соседи. Тоа е важно, зашто Кина и Азија се одговорни за 30 проценти од порастот на светската економија. Кина веќе сега повеќе тргува со Азија отколку со САД и во тој дел има уште многу простор за надградба.

Во други делови на светот сега со копнеж се гледа на состојбата во некогашниот епицентар, која се’ повеќе се релаксира. Многу држави стравуваат од целосен колапс на своите здравствени системи, нешто што Кина со своите дотогаш невидени мерки на карантин за малку го избегна.

Глобална офанзива на помош од Пекинг

Без да си остави барем малку време за одмор, Пекинг сега почна глобална офанзива на помош за земјите кои се најмногу погодени од вирусот. Милиони заштитни маски, лабораториска облека и опрема за тестирање се доставени во ЕУ, пред се’ во Италија, Шпанија, Франција и Австрија. Поддршка од Кина добија и Филипини, Пакистан, Шри Ланка, Иран, Ирак и повеќе африкански земји. Пекинг некаде испраќа и цели лекарски тимови, кои врз основа на искуствата дома сега треба да се борат против пандемијата во странство - од еден фронт на друг. „Солидарноста и соработката сега се најмоќното оружје што го имаме“, изјави шефот на државата и партијата во Кина, Ши Џинпинг.

Coronavirus | Internationale Hilfe für Italien
Лекари од Шангај во Рим слетаа уште пред две недели и со себе носеа помош за справување со коронавирусотФотографија: AFP/Stringer/Ansa

Тој сега сака да ја врати помошта што ја доби од ЕУ. Зашто, само во јануари ЕУ на Кина и’ достави над 50 тони помош. За Кина противуслугата меѓутоа е поедноставна отколку за ЕУ, со оглед на тоа што повеќето медицински производи - од опрема за заштита до респиратори - и онака во голем дел се произведуваат во Кина. Таму, во фирми за производство на медицинска техника, како Аеонмед, сега наместо за сопствени потреби се произведува наголемо за странство. Во најмала рака исто толку важен како материјалот е кинескиот ноу-хау во справувањето со вирусот. Ниту една друга земја нема толкаво искуство.

Голем дел од студиите и податоците и натаму доаѓаат од Кина. Во Вухан и на други места веќе се тестирани потенцијални вакцини. Кинеските лекари знаат колку е важно да се тестира голем број од граѓаните и како медицинскиот персонал да се заштити од зараза. Иако ниту една земја не може да се спореди со друга во сооднос 1:1, постојат многу добри причини сега добро да се слуша што имаат да кажат Кинезите.

Frank Sieren *PROVISORISCH*
Франк ЗиренФотографија: picture-alliance/dpa/M. Tirl

Вашингтон не е веќе партнер од доверба

САД, кои во текот на епидемијата со ебола во 2014 година се’ уште беа земја која ги координираше меѓународните напори за помош, во мандатот на претседателот Трамп го загубија имиџот на партнер од доверба. Наместо тоа, американскиот претседател долго зборуваше за „кинески вирус“, со цел да го сврти вниманието подалеку од сопствената неодговорност. Неговата влада сакаше да ја убеди Г7 да биде преземена формулација „Вухан-вирус“. Попусто. И дури и Трамп одеднаш да си се допадне себеси во улога на спасител на светот, тешко ќе му се верува на еден претседател кој под мотото „Америка на прво место“ постојано во прв план ги има своите интереси.

ЕУ, како секогаш, е премногу зафатена со себе за да може да преземе улога на глобален лидер. Наместо да ги докажат своите принципи на заедница на вредности и солодарност и на светот да му покажат како земјите може да се држат заедно, европските држави брзо еднострано ги затворија своите граници и забранија извоз на опрема за заштита. Тоа, како првична реакција, имаше смисла и беше разбирливо, но главно некоординираните продори на земјите членки создадоа впечаток дека во услови на криза секој си се сака прво себеси. Тоа сега полека се менува, На пример, француски и италијански пациенти се лекуваат во болници во Германија и Швајцарија во пограничните региони.

Coronavirus | Internationale Hilfe für Italien
„Непријателот е вирусот, не луѓето. Напред Кина!“ - плакат во МиланоФотографија: Reuters/F. L. Scalzo

Работ на Европа губи доверба

Фактот дека помошта од Кина за Европа оди делумно побрзо и понекомплицирано отколку внатреевропската помош би требало да е причина за размислување. Во многу земји на работ на ЕУ веќе сега по прашањето на епидемијата повеќе му се верува на Пекинг отколку на Брисел. Тоа со текот на кризата само ќе се зајакнува. „Европска солидарност не постои. Тоа е бајка на хартија“, критикуваше српскиот претседател. „Се покажа дека Европа без Кина одвај може самата да се заштити.“

Кина, меѓутоа, што се однесува до нејзината улога на претпоставен пример за светот, има сериозна конкуренција - Тајван и Јужна Кореја ефикасно се справија со вирусот и без тотален карантин. И, тие реагираа побрзо. Борбата против епидемијата поради одолговлекувањето на Кина кое се должи на цензурата, почна со задоцнување. Тоа не го прави Ковид-19 „кинески вирус“, но спречува Пекинг сам да ги собере ловориките.

На меѓународен план, меѓутоа, Пекинг умно ја користи поволноста на моментот за да ја поправи довербата. Притоа, не е неважно кој на пазарот прв ќе извади вакцина.

Нашиот колумнист Франк Зирен живее во Пекинг над 20 години

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема