1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Кина во борба против корона-вирусот со масовни карантини

Ханс Шпрос
13 февруари 2020

Кина се надева дека епидемијата предизвикана од корона-вирусот ќе заврши до април. Во меѓувреме милиони жители се подложени на посебни контроли и изолациони мерки од невидени размери.

https://p.dw.com/p/3Xhqj
China Coronavirus: Zahl der Infizierten steigt sprunghaft
Фотографија: Getty Images/Str

За да се намали ризикот од ширење на инфекцијата околу 60 милиони Кинези во кинеската провинција Хубеи и соседните провинции живеат речиси во услови на карантин, објавува Ројтерс. Вухан, главниот град на Хубеи, каде што избувна епидемијата, беше ставен во карантин на 23 јануари, месец и половина по регистрирањето на првиот пациент со тогаш сѐ уште мистериозното белодробно заболување. Оттогаш обичните граѓани не можат да отпатуваат, ниту да влезат во Вухан.

Повеќе:Доколку не се стави под контрола, коронавирусот може да зарази 60% од светското население

Не е погоден само Вухан

Ограничувањата за жителите во единаесет милионскиот град Вухан, во однос на напуштањето на домовите и движењето, сега се проширија на целата провинција Хубеи. Локалниот весник „Хубеи Рибао“ пишува: „Министерството за домување во провинцијата во понеделникот издаде наредба за целосна изолација на населените места. Во основа е дозволен само по еден влез и излез. На лицата кои може да патуваат им се мери температурата и се запишуваат вредностите. Посетителите кои имаат температура над 37,3 степени не смеат да влезат во населените места. Јавни простори како библиотеки и сали се затворени на неодредено време.“

China Coronavirus: Zahl der Infizierten steigt sprunghaft
Посетителите кои имаат температура над 37,3 степени не смеат да влезат во населените местаФотографија: Getty Images/K. Frayer

Слични рестрикции има и во соседната источнокинеска провинција Жеџанг, како и во милионските градови како Ханџоу, седиште на онлајн концернот Алибаба, Нингбо, едно од најголемите пристаништа во светот, како и Таиџоу и Венџоу. По избувнувањето на епидемијата во Венџоу околу 20.000 луѓе кои покажале симптоми на можна зараза или имале контакт во Хубеи со заразени лица се сместени во хотели во таканаречен „централизиран карантин“. Поради ова многу семејства се разделени и имаат само телефонски контакт, пишува „Вашингтон пост“. Над 100.000 жители од Вухан се по потекло од Венџоу. Како и многу други Кинези, тие беа во посета на своите семејства за Пролетниот фестивал, носејќи го вирусот со себе.

Кина: Со сите сили и методи против корона-вирусот

„Народна војна“

Изолацијата на градот Вухан се гледа како симбол на мерка спроведена во стилот на командна воена операција во која засегнатите немаат можност да се спротивстават, која е можна да се спроведе само во еднопартиска диктатура како во Кина. „Власта во моментов се чуствува многу моќно во оваа речиси воена состојба“, вели историчарот Лифан Џанг во интервју за ДВ и додава: „Сосема е неверојатно дека може да има поголем народен отпор, бидејќи луѓето се плашат од вирусот и поради тоа избегнуваат собири.“

China Corona-Krankenhaus in Wuhan
Болниците во Вухан се полниФотографија: Imago-Images/Xinhua/Xiong Qi

Медиумите под контрола на власта го користат терминот од времето на Мао - „народна војна“ за да ги опишат мерките кои се спроведуваат за справување со епидемијата - Ren Min Zhan Yi. Со тоа што кинескиот знак „Yi" овде не значи битка, туку епидемија - и двете со ист изговор.

Различни се оценките дали овие мерки имаат смисла или не. Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус го пофали кинеското раководство за одлучните мерки: „Мора да бидеме благодарни за тоа што го изолираа епицентарот. Со тоа тие го штитат останатиот дел од светот."

Се разбира Пекинг смета дека мерките се целосен успех. Кинескиот амбасадор во Швајцарија за весникот „Ноје цирхер цајтунг“ изјави: „Епидемијата е ограничена на Вухан и околината. Без изолација и карантин ќе имавме уште многу Вухани, а веројатно и заболени и во Швајцарија."

Коронавирус: Каде е Чен Кјуши?

Предности и лоши страни

Американскиот виролог Иан Липкин, кој за време на актуелната криза привремено престојуваше во Кина како советник на владата, е цитиран во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ со скептична проценка. „За луѓето во Вухан со тоа се зголеми опасноста да се инфицираат, а за сите други, и во странство, се намали." Стапката на смртност во Вухан е значително повисока отколку во остатокот од земјата. „Липкин смета дека тоа може да е поврзано со проблематичната состојба со снабдувањето во градот, која пак е последица на изолацијата", пишува ФАЦ.

Повеќе: 

Корона-вирусот е опасен за кинескиот државен апарат

Смртта на докторот-свиркач ја крена на нозе кинеската јавност

Како да разликувате настинка или грип од коронавирус?

Тоа се однесува и на медицинската логистика. Откако Вухан бил отсечен од остатокот на светот, локалните болници се префорсирани со напливот на пациенти. Инфицираните и потенцијално здравите лица со часови се ‘тискаат’ во преполни ходници, „епидемиолошки кошмар”. „Сумирано, прашањето дали изолацијата на градот од здравственополитички причини беше паметен потег не може да се одговори, бидејќи нема друга референтна група за споредба”, вели вирологот Липкин.