1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како функционира пристапниот процес кон Европската унија?

Барбара Везел
11 мај 2022

Украина го исполни прашалникот од 500 страници за пристап кон ЕУ и ѝ го предаде на Европската комисија. Но, францускиот претседател Макрон предупреди – пристапниот процес може да трае со децении. Како функционира тој?

https://p.dw.com/p/4B7Jg
Bildgalerie 50 Jahre Römische Verträge I Frankreich: Europäisches Parlament, Straßburg
Фотографија: Daniel Kalker/picture alliance

Кога францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот во Стразбур предупреди дека  приклучувањето на Украина и други земји кон ЕУ може да трае со децении, сигурно мислеше на Турција. Таа е земја-кандидат од 1999 година, а одлуката имаше политичка мотивација и ја донесе тогашниот германск канцелар Хелмут Кол. Оттогаш во текот на годините беа отворени повеќе поглавија на пристапните преговори, но односот кон сѐ поавтократскиот претседател Реџеп Ердоган потоа се олади. Прекршувањата на човековите права во Анкара стануваа сѐ поеклатантни, а политичкиот развој сѐ понедемократски, па ЕУ конечно ги стави преговорите на мраз. Можеби Макрон го имаше овој предупредувачки пример на ум.

Копенхашки критериуми

Првиот чекор во процесот на приклучување е статусот на кандидатска земја, за што предуслов е исполнување на т.н. Копенхашки критериуми, договорени на самитот во 1993 година во данскиот главен град. Според нив, земјата треба да има стабилна демократска влада и да ги почитува правната држава, слободите и институциите.

Крајната одлука меѓутоа е политичка, зависи од тоа дали другите земји-членки веруваат дека одделна земја се вклопува во нивното европско семејство и дали може да му користи од геостратешки или економски причини.

Јасно, Турција во нејзината сегашна политичка ситуација не може да стане земја-кандидат. Но, исто така е јасно дека демократските назадувања на патот кон членство во ЕУ не се исклучени. Тие стануваат дотолку поверојатни, колку што подолго трае патот. Од друга страна, ни членство не штити од антидемократски развои, што го покажува примерот на Унгарија.

Ukraine-Krieg - Wolodymyr Selenskyj
Украинскиот претседател Володимир Зеленски бара брз прием на неговата земја во ЕУФотографија: Efrem Lukatsky/AP/dpa/picture alliance

Отворање на преговорите

Формалните преговори можат да почнат кога една земја е способна да го признае, примени и практично да го применува европското право. На патот дотаму е неопходно спроведување реформи во судството, управата, економијата и други политички структури со цел, на крајот да бидат исполнети т.н. пристапни критериуми, односно стандардите на ЕУ. Почетокот на овие преговори мора да биде договорен едногласно во Советот на европските влади.

Во првиот чекор Европската комисија ја проверува фактичката состојба во институциите на земјата-кандидат и предлага преговарачка рамка, поделена во одделни поглавја. Кога ЕУ-членките ќе го прифатат овој дел од процесот, можат да почнат преговори за одделни сегменти.

По реформата на пристапниот процес од ланската година, преговарачките области се поделени во шест тематски групи: фундаменти, внатрешен пазар, конкурентност и инклузивен раст, еколошки прашања, ресурси, земјоделство и кохезија и на крајот – надворешни односи. Овие групи натамошно се делат на 35 други подобласти. На овој начин се скенираат сите области на една држава и се оценува нивната компатибилност со европските барања.

Онаму каде проверката детектира недостатоци, преговарачите од ЕУ инсистираат на реформи, означени со бечмаркови за постепена примена. На пример, ако сите деца немаат пристап кон образованието, земјата кандидат треба да го реформира образовниот систем. Ако политиката премногу се вмешува во именувањето судии, се налагаат реформи во правосудниот систем заради гарантирање на неговата независност. Земјата кандидат е должна да ги применува препораките од Брисел, што може да трае неколку години, во зависност од потребата.

Кога земјата-кандидат е на мислење дека доволно напредувала во реформите, во ЕУ се врши наново проверка на соодветната област. Но, ако земјата кандидат ги одбива бараните реформи, пристапниот процес доаѓа во застој. Во случај на јасни демократски назадувања, како на пример во Турција, процесот може да биде замрзнат.

Пристапот кон ЕУ како круна на процесот

Затворените преговарачки поглавија мора да бидат признати од страна на европските влади во Советот на ЕУ. Дури тогаш доаѓа до пристапен договор, кој мора да биде одобрен од Комисијата, Европскиот парламент и конечно едногласно усвоен и од Советот на ЕУ. Приклучувањето е дефинитвно кога и во земјата кандидат ќе поминат сите пречки на ратификувањето.

Меѓу 2004 и 2007 година, во рамките на големото проширување со источноевропските земји, од Естонија до Бугарија, членки на ЕУ станаа 12 држави, меѓу кои и Малта и Кипар. Стануваше збор за сосема јасна политичка одлука, која широкоградо прогледа низ прсти за бројните дефицити кај новите членки. Се покажа меѓутоа дека промената на комунистичките структури во економијата и управата траеше многу подолго од очекуваното. Бугарија на пример е сѐуште под длабок печат на корупција, а Романија има проблеми со дисфункционални институции. Светол пример меѓу новите членки се напротив балтичките земји. Последно примена во ЕУ беше Хрватска во 2013 година, а потоа дојде до застој.

Infografik EU Beitrittskandidaten Westbalkan DE
Аспиранти за прием во ЕУ од Западен Балкан

Замор од проширување

Оттогаш во многу членки на семејството на ЕУ владее видлив замор од проширување, на пример во Франција, Холандија или кај одделни скандинавци. Проширувањето чини многу пари- во ЕУ-буџетот за помош во пристапниот  процес се предвидени 9 милијарди евра – и се раѓаат бескрајни политички проблеми.

Во чекалницата во моментов седат повеќе западнобалкански земји, на кои постојано им се ветува напредок, зашто нивниот прием се чини стратешки важен, но фактички ништо не се придвижува. Косово и  Босна и Херцеговина  на пример уште не се зрели за статус на кандидати, зашто нивните влади им се закануваат на соседите или грубо ги прекршуваат нормите на ЕУ.

Безуспешни  пристапни преговори  веќе неколку години се одвиваат со Србија и Црна Гора, кај кои Европската комисија пред сѐ има забелешки во однос на владеењето на правото, најважниот критериум. Последно се отворени преговорите со Северна Македонија и Албанија, иако Холандија се сомнева во желбата на албанската влада за борба против прекуграничниот криминал на бандите и затоа ги блокира напредоците.

Конечно, во регионот продолжуваат и старите кавги и ривалства. Прво Грција со години го блокираше пристапот на Северна Македонија поради спорот за името, а сега  Бугарија прави проблеми поради караница околу јазикот.

Имајќи ја во превид замрсената ситуација кај малите земји кандидати, не е чудо што многу членки на ЕУ вџашено гледаат кон големата  Украина и нејзината желба за полноправно членство. Владата во Киев пред војната не можеше да ги исполни ниту реформските услови од партнерскиот однос. Во поглед на корупцијата и правната држава постојат големи недостатоци. Поради рускиот напад, во меѓувреме   политичката ситуација се промени, но не и внатрешната состојба во земјата, на која прво ќе ѝ биде потребна гигантска економска програма за обнова. А во поглед на приемот на земји, кои сѐуште не се политички зрели, ЕУ по последната рунда проширување од средината на 2000-те години, сега би требало да дува и на маштеницата.