1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се оквалификува 27 април?

7 мај 2021

Ако е „правда“ да се бара слобода за оние кои упаднаа во Собранието на 27 април, тогаш правда во Северна Македонија никогаш нема да има. Како што нема за многу жртви на нивниот напад. Коментар на Борис Георгиевски

https://p.dw.com/p/3t7zK
Nord-Mazedonien Skopje | Protest der Opposition
Протести на опозицијата за ослободување на осудените за 27 априлФотографија: Petr Stojanovski/DW

Шефот на државата Стево Пендаровски деновиве повторно ја актуелизираше темата за судењето на организаторите и насилниците кои упаднаа во Собранието на 27 април 2017 година. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе подолго време инсистира дека тие луѓе „не се терористи“ и бара, во зависност од приликата, слобода или правда за нив. Кон хорот денеска се приклучи и лидерот на ДУИ, Али Ахмети оценувајќи дека квалификацијата „тероризам“ е претешка за учесниците во крвавиот упад од 27 април во Собранието.

Прашањето е кој ја дава таа квалификација- правото или политиката?

Да тргнеме од протестот организиран на 25 април во Скопје на кој и Христијан Мицкоски и присутните повикуваа на слобода за „уставобранителите“ како контрапункт на квалификацијата „терорист“ која, де-факто, самите ја поставија.
Разбрануваните духови поради протестот уште не беа смирени кога се јави претседателот Пендаровски со свое толкување за „терористите“.
„Бидејќи јас нешто знам околу тероризмот и околу безбедносните проблеми и дилеми, јас тврдам дека тие луѓе не беа терористи што влегоа“, рече Пендаровски во интервју за Канал 5, додавајќи дека напаѓачите во Собранието треба да „одговараат за претепување“.
„И за организирање на таков настан 18 години се многу“, рече тогаш шефот на државата.
Точно една недела по тоа интервју Пендаровски и Мицковски на тет-а-тет средба го расчистуваа прашањето за „терористите“.
Овојпат Пендаровски дополнително ја ублажи својата квалификација од претходната недела, додавајќи дека „помилување не доаѓа предвид“, затоа што вината на учесниците во крвавиот напад „беше неспорно утврдена".
„Во однос на правната квалификација на делото, факт е дека тие лица не беа судени за кривично дело тероризам, туку по друг член, за терористичко загрозување на уставниот поредок“, рече Пендаровски по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски, пак, излезе со следната изјава:
„Ние не бараме амнестија, не бараме милост, туку бараме правда за осудените лица. Тие да бидат осудени за прекршување на законите, а не за тероризам“.

Erstürmung des Parlaments in Mazedonien
Упадот на Собранието на 27 април 2017 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski

Никој не е суден за „тероризам"

Она што Пендаровски во меѓувреме го прифати, а Мицкоски, барем јавно, не (сака), е дека досега осудените 16 лица за упадот во Собранието се токму осудени за прекршување на законите. Поточно на Членот 313 од Кривичниот законик (КЗ) кој носи несреќно одбран наслов „Терористичко загрозување на уставниот поредок“ во поглавјето „Кривични дела против државата“. Тероризмот како таков е формулиран и образложен во членовите 394а (Терористичка организација) и 394б (Тероризам) од истиот КЗ, но под друга глава „Кривични дела против јавниот ред“.

Доколку се исфрли она „терористичко“ од насловот на делото, останува дека насилниците од 27 април се судени за загрозување на уставниот поредок. Еве како е тоа дефинирано во Членот 313:

Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Северна Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или други општоопасно дејство или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор од најмалку десет години.

Тоа што дел од политичките актери преку форсирањето на наративот за неправедно осудените „терористи“ се обидуваат да издејствуваат политички отстапки или амнестии за осудените, нема никаква врска со пресудата која е донесена врз основа на битието на делото, а не на насловот на членот 313. Тие квалификации, без оглед дали се зборува за „уставобранители“ или дека насилниците се судени како „терористи“ имаат единствена цел да го релативизираат целиот случај и крвавиот упад во Собранието да го сведат на граѓанска прошетка.

Во конкретниот случај, никој не е суден или се суди како терорист, туку како учесник или организатор на дело за загрозување на уставниот поредок во смисла на спречување со акт на насилство на парламентот да избере претседател во уставно, законски и деловнички предвидена постапка за тоа. Тоа, помалку или повеќе, сите го гледавме во живо на телевизија. Освен оние кои посведочија на лице место, од двете страни на барикадите.
И доколку се погледне битието на кривичното дело од членот 313, постапувањето на учесниците се поклопува со поведенијата наведени во делото. Дали некој спори дека целта на овие луѓе беше насилнички да ја спречат работата на парламентот, како највисока државна институција, без оглед дали се тие денес за некого „уставобранители“ или „терористи“?
Може зборот „терорист“ да се избрише и од новиот дигитален Речник, како што всушност треба да се избрише од насловот на Членот 313 на КЗ, но тоа нема да го смени фактот дека насилството кое го приредија осудените го виде целиот свет на тој 27 април 2017- еден од најцрните денови во македонската историја. Ако е „правда“ да се бара слобода за тие луѓе, тогаш правда во Северна Македонија никогаш нема да има. Како што нема за многу жртви на нивниот напад. Но тоа, за жал и за срам, не е тема ни за власта, а уште помалку за опозицијата.

Мачна вечер на насилство во Скопје