1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Како да останете здрави во изолацијата поради коронавирусот

БГ/ ДВ
25 март 2020

Затворени и со чувство на здодевност, дури и очај? И покрај тоа што сте затворени во четири ѕида поради коронавирусот, сепак можете да сторите многу нешта за да си ги заштитите здравјето и благосостојбата.

https://p.dw.com/p/3a2Wl
Symbolbild Home Office | Arbeit in Zeiten von Corona
Фотографија: picture-alliance/PantherMedia/D. Cervo

Во тешки времиња какви што се овие предизвикани од коронавирусот, неретко е чувството дека нештата излегуваат од контрола. Секојдневието е целосно сменето, а иднината, барем според експертите, е неизвесна.
Но има нешта што можете да ги сторите, освен социјалното дистанцирање и миењето на рацете со сапун, за да ги заштитите вашето здравје и благосостојба.

Хранете се добро

Без вакцина, ништо не може целосно да го елиминира ризикот од зараза со коронавирусот. А научниците велат дека дотогаш има уште 12 до 18 месеци.
Но здравата исхрана е важна не само за вашето физичко здравје, туку и за психичкото. Здравата диета го намалува ризикот од хронични болести како кардиоваскуларни болести, диабетес и дебелина, но исто така и депресија и анксиозност. 

- Секс во време на коронавирус
Притоа не мора да следите некоја посебна диета, само избегнувајте обработена храна затоа што таа најчесто содржи многу шекер.
Најдобрата храна за нашето ментално здравје е најздравата храна. Комплексните јаглехидрати кои ги има во овошјето, зеленчукот и житарките, обезбедуваат важна храна за нашите мозоци затоа што постепено ја ослободуваат енергијата, што исто така го стабилизира и расположението.
Балансираната исхрана треба да вклучи и мешавина на храна богата со витамините А, Б, Ц, Д и Е, како и минералите железо, цинк и селениум. Б- витамините кои ги има во зеленото овошје како броколите и спанаќот, мешунките, бананите, јајцата, рибата и цвеклото, се важни за нашите мозоци и нивните „среќни“ хемикалии како серотонин и допамин. Недостатокот на Б6, Б12 и Б9 се вообичаени во случаи на депресија.
Од витално значење е да го одржуваме и цревното (стомачното) здравје, затоа што многу истражувања покажуваат дека тоа има големо влијание врз нашето расположение и однесување. Пребиотици и пробиотици кои ги има во ферментирана храна како кефир, кимчи (корејски специјалитет), кисела зелка и јогурт можат да намалат воспаление, и да го подобрат расположението и когнитивните функции.
Во советите на Светската здравствена организација за справување со стресот поради коронавирусот, се потсетува „да не се користат цигари, алкохол и дроги за смирување на емоциите“. Доколку не се чувствувате добро разговарајте со здравствен работник или психолог.

Verschiedenfarbiger Blumenkohl
Водете сметка за исхраната додека сте во изолација.Фотографија: Imago/Frank Sorge

Наспијте се!

Сонот е клучен за нашето тело да ги обновува клетките, да се чисти од отрови, да ја консолидира меморијата и да процесуира информации. Има доволно докази дека недостатокот на сон има лош одраз врз здравјето- со негативен ефект врз нашето психичко здравје, концентрацијата, па дури и емоционалната интелигенција. Дополнително, може да се зголеми и ризикот од развој на хронични болести како диабетес, дебелина и срцево заболување. 

- Митови и факти за коронавирусот
Многу е важно да се има регуларна рутина за спиење, исто како и за оброците, работата и вежбањето. За повеќето луѓе доволни се меѓу 6 и 9 часа ноќен сон.
Доколку имате тешкотии да заспиете, обидете се да ги ограничите вестите пред да одите во кревет. Од помош е и ако ја намалите изложеноста на екрани навечер, затоа што ефектот на сината светлина врз нашата ретина може да го наруши квалитетот на сонот.

Вежбајте доволно

Вежбањето ослободува хемикалии во телото кои ни даваат позитивно чувство, а го подобрува и сонот, ги намалува стресот и стравовите, ја подобрува меморијата и когнитивноста.
Не е време за екипни спортови, но можете да вежбате сами, вели Маркус Торман, сопственик на фитнес студио во Германија. Тој препорачува 30-минутно умерено движење секој ден.
„Можете да го поделите вежбањето во 10-минутни сесии, по 10 минути утрото, попладнето и вечерта. Кога тоа ќе ви стане дневна рутина, денот ќе ви биде подобро структуиран“, вели Торман за ДВ. 

- Повеќе спорт- помалку стрес
Многу фитнес инструктори- јога и пилатес, лични тренери, танц тренери- ги нудат своите часови онлајн за време на кризата, дел од нив и бесплатно. Се што ви е потребно се простирка или пешкир за подот и добра интернет врска.
Доколку тоа не ве интересира, Торман препорачува и други начини за стимулирање на циркулацијата во телото. „Одете нагоре-надолу по скалниците на вашата куќа или зграда, трчајте во празно во домот, боксувајте во празно, правете склекови или стомачни вежби“.
Иако движењето на отворено можеби е ограничено, излезете колку можете, барем накратко, затоа што тоа докажано ја подобрува менталната состојба. Дури и ако успеете да прошетате накусо еднаш дневно, тоа е здраво, затоа што истражувањата покажуваат оти поминувањето два часа во природа неделно го подобрува здравјето. Но не го правете тоа доколку имате било какви симптоми на грип, или се чувствувате преморено. И секако, одржувајте максимална социјална дистанца и не се движете во групи.

Социјални врски

Сега, повеќе од било кога, потребни ни се пријатели. Податоците велат дека социјалната поврзаност е исто толку важна за нашето здравје како и исхраната, движењето и спиењето.
Да, не е можно да организирате вечера или пикник во време на изолација. Но не сите социјални контакти мора да бидат лице-в-лице за да имаат смисла. Обидете се со видео разговори, можеби дури и виртуелна вечера преку апликации како Zoom или Google Hangouts.

Активности за смирување

Иако можеби изгледа дека светот во моментов зборува само за една тема, присилната изолација за многумина може да биде одлична можност да се одморат од вестите. Што е тоа за што секогаш ви недостига време? Градинарство, готвење, сложувалки, шиење, медитација, читање на сите оние подзаборавени книги?
Сега е одлично време за сите нешта, или барем за дел од нив- што и да ве прави среќни.
Конечно, водете се од советот на СЗО: „искористете ги како поука тешките ситуации од минатото кои сте успеале да ги надминете“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема