Историјата на Косово не смее да се врзува за поединци!
30 јуни 2020Видно потресен, но сепак со мирен тон и многу контролирано, во понеделникот косовскиот претседател Хашим Тачи конечно преку видео-порака се обрати до народот: ќе дадам оставка на функцијата доколку судијата го потврди обвинението против мене. Со тоа Тачи го прекина повеќедневниот неразбирлив молк што следеше по соопштеното покренување прелиминарно обвинение против него за извршени воени злосторства.
Веста за обвинението го стигна на пат кон Вашингтон, каде на викендот беше планиран самит на врвот со Србија. На него, со посредство на САД, се очекуваше нов пробив во дијалогот кој е ставен на мраз. Средбата беше откажана.
Во октомври истекува рокот во кој Судот треба да го потврди или отфрли привременото обвинение против косовскиот претседател. Дотогаш Тачи сака да остане на функцијата. Но, тешко може да се претпостави тој и натаму уверливо да го води дијалогот со Србија, неговата позиција на меѓународната преговарачка маса е ослабена со оглед на очекуваното обвинение.
Повеќе:
Дијалогот во Брисел продолжува – Тачи таму не е неопходен
Реакции од Берлин: Обвиненијата против Тачи и Весели „позитивен сигнал“ за Косово
Тачи се надеваше дека Вашингтон ќе го спаси
Во обраќањето Тачи ја истакна својата невиност, заслугите на ОВК, Ослободителната армија на Косово, во борбата против угнетувањето од страна на режимот на Слободан Милошевиќ и ги пофали напредоците постигнати во Косово. Отворено е ново тешко поглавје и Косово мора да се соочи со минатото, потенцираше тој. Тачи самиот е спремен да се соочи со судење, доколку следи обвинение.
Истовремено, тој ѝ префрли на меѓународната заедница непропорционален третман на Косово во однос на војната. Тачи не се воздржа ни од коментар: моментот на покренувањето на обвинение од страна на Специјалното обвинителство и начинот на кој тоа е направено, тој го нарече „скандал“.
Притоа, на претседателот би му било подобро да не се впушташе во такви коментари. Зашто, правдата не смее да се прејудицира. Исто како и презумпцијата на невиност на секој обвинет, до пресудата важи и почитување на правилото за независност на судот.
Исто така, не е целисходно поведување од шпекулации и теории на заговор околу моментот на објавувањето на прелиминарно обвинение. Со тоа никому не се помага. Во 20-те години по војната, Косово има многу постигнато во консолидирањето на правната држава. Конечно, тоа што е сега можно покренување обвинение против претседателот покажува дека системот функционира.
Иронија на судбината е што токму Хашим Тачи, тогаш косовски премиер, во 2015 година силно се залагаше за формирање на Специјален суд. Создавањето на Специјалното обвинителство за разјаснување на воените злосторства извршени од Албанци во периодот 1998-1999 година беше еден од најжестоко дискутираните закони во Косово. Со основањето на овој суд Косово покажа сила и се одважи на уникатен чекор во регионот. Овие процеси треба да се гледаат како шанса за нов почеток во Косово. На Косово сега му се потребни јасни односи за да се концентрира на решавањето на разновидните проблеми.
Историјата на Косово во никој случај не смее да биде персонализирана. Неспорно е дека многу од денешните водечки политичари во Косово имаат голем придонес за напредокот на Косово на патот кон независност.
Но, во прв ред тоа е заслуга на сите луѓе на Косово. И тие заслужуваат подобра иднина во сопствената земја. Затоа е неважно кој и каде ќе го води дијалогот со Србија и да се надеваме, наскоро ќе потпише што е можно пофер договор меѓу Косово и Србија. Важно е Косово на крајот од овие процеси да излезе посилно, поконсолидирано и поверодостојно. Овие процеси немаат алтернатива во процесот на демократизација на земјата.