Историска шанса за Република Молдавија
12 јули 2021Фудбалските фанови од цел свет го поврзуваат Лондон со финалето на европското првенство во фудбал – особено деновиве. За многу мои пријатели и познаници од Германија, Лондон е синоном за средношколски екскурзии, семестри во странство и практикантство, како и незаборавни концерти. За 39-годишниот Молдавец Јон пак Лондон е синоним за макотрпна работа на разни градилишта, далеку од неговите најблиски. Речиси половина милион Молдавци работат во странство бидејќи не можат да врзат крај со крај во нивната земја задушена во сиромаштија и корупција.
Но, сега граѓаните покажаа дека им е доста од сето ова – проевропската партија Акција за солидарност (ПАС), чија изборна кампања се фокусираше на борбата против корупција и сиромаштија, со над 50% има апсолутно мнозинство во новиот парламент во Кишињев. Шлаканица в лице за „Блокот на комунисти и социјалисти“ на поранешните проруски претседатели Игор Додон и Владимир Воринин, кои добија помалку од 30% од гласовите. Застрашувачките приказни за „лошата Европа“ и наводна дестабилизација на Република Молдавија во случај на успех на проевропските сили се чини сè помалку проаѓаат кај гласачите.
Ветер во грб за Маја Санду
Само неколку километри од источната надворешна граница на ЕУ меѓу Романија и Република Молдавија се наоѓа сепаратистичкиот регион Транснистрија кој од почетокот на 1990-те се отцепи со помош на руски војници. Но, овој замрзнат конфликт не е единствената криза што ја засенува молдавската политика. Само неколку часа по инаугурацијата на младата проевропска претседателка Маја Санду на 24 декември 2020, владата предводена од Социјалистите во Кињишев си даде оставка – среде корона пандемија, во која особено тешко настрада здравствениот систем, меѓу другото и поради масовна миграција на медицински персонал.
Борбата на Маја Санду против мочуриштето на корупција и групите олигарси во првите месеци во нејзиниот мандат често потсетуваше на осамените хероини од филмовите и романите. Бидејќи во парламентот во Кишињев Социјалистите имаа најмногу места, а тоа е партијата на поранешниот претседател Додон, кого Санду го порази на претседателските избори во ноември 2020. Со новото мнозинство на партијата ПАС (на која Санду беше претседателка се до изборот на новата функција) сега ќе и се овозможи ветер во грб и поддршка за основните реформи кои и се итно потребни на земјата. Ова е најголема шанса за вистински нов почеток откако поранешната советска република прогласи независност пред 30 години.
Добра вест и обврска за ЕУ
Изборната победа на ПАС е добра вест за Република Молдавија и за ЕУ со која земјата уште во 2014 година потпиша Договор за асоцијација. И покрај сите кризи, ЕУ не ја загуби целосно својата популарност, особено не во пограничните региони на континентот. Ова уште повеќе ја обврзува ЕУ да не ги разочара овие луѓе, туку да и даде поддршка на Република Молдавија на нејзиниот европски курс, меѓу другото и преку инвестиции кои треба да придонесат во борбата против сиромаштијата.
-повеќе:
Крај на реформскиот експеримент во Молдавија
Фотографија на денот: Чевлите на иселените од Молдавија
Република Молдавија: Еден век поделеност
Проевропскиот резултат е најизразен кај една група гласачи – молдавската дијаспора. Над 210.000 Молдавци гласаа во 150 избирачки места во странство. Многу од нив требаше да патуваат повеќе километри за да стасаат до таму и долго да чекаат во ред. Над 86% од Молдавците во странство го дале својот глас за ПАС, додека „Блокот на Комунистите и Социјалистите“ освоил помалку од 3% од гласовите на дијаспората.
Јон овојпат не мораше да стои во долг ред пред молдавската амбасада, туку гласаше дома каде се наоѓа во моментов. Кратко пред изборите тој во интервју за ДВ изјави дека најголема желба му е да може да си се врати во татковината. Многу Европејци од западните држави забораваат дека најголемата привилегија е едноставно да можеш да си живееш дома и таму да имаш перспектива. Им посакуваме на Молдавците добар живот во сопствената земја во иднина да им стане реалност.