Здравствената реформа на Трамп „се ниша“
18 јули 2017Плановите на американскиот претседател Доналд Трамп за ревизија на здравствената реформа воведена од Барак Обама, претпрпеа тежок неуспех. Лидерот на мнозинството во Сенатот Мич Меконел, изјави дека очигледно намерата да се укине Обамакер и веднаш да се замени со нов систем, нема изгледи на успех. Фактички, републиканците во Сенатот со тоа капитулираат во поглед на реформирањето на Обамакер.
Републиканските сенатори Мајк Ли и Џери Моран објавија на Твитер дека нема да ја поддржат ревизијата на Законот за здравство предложена од претседателот на САД, Доналд Трамп, онаква каква што е сега. Со тоа бројот на конзервативците кои отворено застанаа против документот, порасна на четворица, а републиканците не можат да си дозволат повеќе од два гласа „против“ од своите редови.
Меконел најави дека Сенатот во следните денови ќе гласа за укинување на Обамакер. Новиот закон би стапил во сила одложно за две години, со цел да се овозможи стабилен преоден период за премин кон нов здравствен систем. Ова е во согласност со барањето на Доналд Трамп до Републиканската партија испратено преку Твитер, едноставно да се укине Обамакер без адекватна замена, а во меѓувреме да се изработи комплетно нов предлог закон за здравствениот систем, во што би биле вклучени и демократите.
Републиканците одамна се мачат околу ревизијата на здравствениот систем, но отпорот во сопствените редови се засилува. Уште пред најавите на Моран и Ли, нивното мнозинство беше во прашање, поради здравствени проблеми на сенаторот Џон Мекејн гласањето беше одложено. Во Сенатот републиканците имаат мзозинство од 52 наспроти 48 гласа од Демократската партија, која пак категорично одбива да соработува за кој било закон што би имал за цел укинување на „Обамакер", но е отворена за негово подобрување.
Трамп аргументира дека Обамакер е премногу скап. Неговото укинување беше едно од клучните изборни ветувања на Трамп.