1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За границите на Балканот и гаранциите на Балтикот

30 август 2018

Ако Западот има донесено одлука за менување на границите, тоа и ќе се случи. Нервозата во регионот не е поради ендемската лабилност на границите на Балканот туку поради дискутабилната стабилност на гаранциите на Западот.

https://p.dw.com/p/342su
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Ерупцијата на дебатата за промената на границите помеѓу Србија и Косово ја потврди одамна искажаната теза дека најголемата „опасност” за Балканот не е албанско-српскиот конфликт, туку српско-албанската соработка. Доволно е да се прочешлаат адресите на сите загрижени од дијалогот Приштина-Белград за да се разбере ефектот на ова тврдење. Впрочем, токму реакциите кои уследија по најавата за можни корекции на меѓу-државните граници послужија како потстетник за влијанието кое овие два народа го имаат врз земјите кои ги опкружуваат. Доколку првиот расплет преку конфликт може да биде контаминиран во рамките на две држави, ефектите на договорот за соработка би биле регионални и далекусежни токму поради новата динамика на регионалните меѓудржавни и внатрешнополитички односи.

Порив за кроења на границите

Пред сѐ, веста за промените во односите на северните соседи не е никаква новост, туку беше најавена пред неколку месеци од страна на Волфганг Петрич, кој по пролетната посета на Вашингтон најави „нова стратегија на Трамп за Балканот”. Второ, принципот на непроменливост на границите е веќе нарушен пред неколку месеци со демаркацијата помеѓу Црна Гора и Косово. Сосема друга работа е што Црна Гора не се бунеше при добивањето екстра доза земјиште, но сега со загриженост се прашува дали таа добивка може да ѝ се врати по глава. Трето, преговорите помеѓу Грција и Албанија се сеуште во тек, токму по прашањето на разграничувањето. Четврто, до пред неколку години во Македонија (поточно, кај Македонците) се наметнуваше дебата за федерализација на Македонија, дебата која повторно ќе добива на актуелност – но во друга одора. Петто и најбитно, да не се лажеме, поривот за кроења на границите не дојде со Трамп, туку постојано тлеше низ салонски ќошиња од Берлин и Париз, до Москва и Анкара, па ширум сите наши касаби. Затоа, колку и да е тоа популарно за смирување на нечистите совести, идејата за поделби е повеќе исполнување на тајните желби на Европејците, отколку новитет оттаде Атлантикот. Проблемот е во тоа што таа желба се исполнува – но не на начин како што си замислуваа и посакуваа оние кои премолчено гледаа на бугарските пасоши, религиски мотивираните „економски инвестиции”, патриотски пљачки под носот на француски мировници ... Не, ова не е американска приказна, туку американско жнеење на европски засаденото семе  на раздор.

Повеќе на темата:

-Менувањето граници - реалност или пироманија?

-Промена на граници: Опасност од пожар на Балканот

-Балканот меѓу нов почеток и експлозија поради Косово

Впрочем, зарем никој не успева да ја согледа „случајноста” во која токму европските претседателства стануваат временски жаришта за расчистување на етнонационални интереси под превезот на ЕУ „вредности” и НАТО „стабилност”? Како што беше случајот со бугарското претседателство за склучување договори со Софија и со Атина. Наследено од тековното австриско претседателство во кое токму Виена предничи во протежирање на српско-косовскиот договор во име на ЕУ, драматизирање на наративот за одбрана на ЕУ од муслиманите, а всушност во интерес на нео-Австроунгарската империја, пост-модерно наречена Вишеградска Група. Интересно ќе биде – и за очекување е – да се види дали романското претседателство ќе успеесвоето шестмесечие да го искористи за разрешување на замрзнатиот кофликт Молдавија – Транснистрија и да ја реализира желбата за присоединување на Молдавија кон мајка Романија. Час потоа, Финска ја презема честа да биде ЕУ предводник на Балтикот. Со надеж дека аргументот за „мали козметички корекции на границите” нема да биде аплициран ширум балтичките држави. Како на пример во регионите Харју и Ида Виру во Естонија, Даугавпилс и Резекне во Латвија или пак Висагинас и Клаипеда во Литванија, инаку сите погранични региони и претежно населени со етнички Руси. Во Хрватска, следната на листата претседавачи со ЕУ, нема Руси, но затоа има Пирански Заливи и херцеговски гудури и нивни подземни шурувања со Република Српска. И на крај на второто десетлетие, следува германското претседателство, за кое само се знае дека ќе биде со седиште во Берлин, но се голема непознаница кој ќе биде претседавачот.

Пакет за рекомпонирање на Југоисточна Европа

Дилемата е веќе актуелна во светло на последниот разговор помеѓу Трамп и Меркел, на која според изјавите од нејзиниот кабинет, канцеларката ја нема целосно одбиено идејата за размена на територии помеѓу Србија и Косово. Но под услов да „тие потези не се одразат на други територии”. И сето тоа би било во ред, благонадежно дури за сите околу Косово и Србија, доколку не лебдееше сенката на пораз за Меркел лично. Која со самиот акт на барање гаранции од Вашингтон де факто ја делегитимира моќта и авторитетот на Германија пред САД да одлучува како во ЕУ, така и во Европа. Судејќи според поведенијата на актерите од регионот, таа порака е веќе прочитана и следствено аплицирана во безмалку колективно вртење кон Вашингтон. Со исклучок на Македонија, која Германија како нејзино последно – иако сосема расклатено – упориште во регионот. Следствено, сѐ што Меркел може да побара како гаранција е „потезите да не се одразат врз други територии” – за време на нејзиниот мандат. 

Се разбира, клучното прашање е дали развојот на состојбите помеѓу Косово и Србија ќе се одразат кај нас? Објективно гледано, причините за такви стравувања се засега минимални. Но читањето на субјективните аргументи на провладините стратези го наметнува впечатокот дека таа надеж се заснова на презервација на внатрешо-политичкиот статус-кво и гаранциите од страна на Меркел, Меј, Макрон итн. Инсистирањето на „козметички промени” во Македонија како навидум доволен изговор за избегнување на последиците од промената на границите е подеднакво наивно како и надежта на Волфганг Петрич дека трампите Митровица – Прешево се мали, невини, фини „козметички корекции”.

Дотолку повеќе што договорот Косово-Србија не е исклучок во вакум, туку е составен дел од истиот пакет на рекомпонирање на Југоисточна Европа во кој се и нашите договори со Грција и Бугарија, Албанија и Грција, како и последователните настани кои ќе се одвиваат ширум „огнената линија” исцртана од државниот секретар Џон Кери. Се разбира, таа стратегија некаде се фокусира на „разбивање народи” (Македонија), некаде граници (Косово), некаде со нови Дејтони (Босна), некаде со прегрупирање нации (Вишеградска група) ... На кратко, ние сме само нијанса, и тоа прилично бледа, во принципот на новиот Хелсиншки политичко-безбедносен договор, во кој Европа е повторно повеќе реципиент, отколку креатор на стратегии. 

Балканските граници и западните гаранции

Убедувањата дека овие нови моменти нема да се одразат врз нас се повеќе замислени желби, отколку издржани размислувања кои пропуштаат да ги земат предвид целосно изменетите параметри на носење одлуки во име на државата, народот, нацијата. Имено, првиот превид во анализрањето на игрите на релација Приштина-Белград се базира на прелесно заборавената или сокриена компонента дека овие „две страни во спор” се всушност една, т.е. српско-косовска клиентелистичка клика инсталирана и подредена кон Западот. На страна емотивните декори на нации, етникуми, држави, истории, виорења знамиња и извикување пароли, денешните раководства ширум регионот се само извршители на работи, шефови на испостави одбрани според принципот на послушност и покорност. Колку е подлабока понизноста пред наредбодавачите, толку се повисоки октавите на викање пред гласачите како насушна потреба за прикривање на сопствената автентична немоќ и на реверс дадена моќ.  

Но функционалноста на клиентелизмот е секогаш двонасочно условена и зависна од спремноста и моќта на наредбодавателот да ги нахрани сопствените клиенти и спречи нелојална конкуренција во нивно превземање. Прашањето затоа не е „што доколку” туку колку време треба да помине за да некој ги превземе не само сегашните клиентела-влади, туку и принципот на решавање спорови по рецептот на Западот, но спротивно од интересите на Западот? Ова не е прашање на замислена иднина, туку реалност базирана врз искуствата од регионот во односите кон Берлин и Вашингтон, Лондон и Париз, Москва и Анкара во не повеќе од последните 3-4 години. Да не зборуваме за превртливостите на домашната владеачка клиентела, нејзините предизборни мулти-култи пароли и пред-референдумски православија за „дрпање”  глас-два од „русофилите”.  

Немам сомнеж дека доколку Западот има донесенo одлука за менување на границите, тоа и ќе се случи. Без оглед на сите апели за нивно вразумување и убедувања дека таа „мала корекција” нема да заврши на Балканите, туку ќе се прошири се до Балтикот на север, Фергана долината на исток и Македонија на jугот. Таа намера секако и сигурно е изводлива, исто како што е сигурно долгорочно неодржлива. Токму поради хендикепот на Западот во давање убедливи гаранции кои тие самите – а не Русите или Кинезите – се неспособни и неволни да ги истуркаат до крај. Затоа, нервозата во регионот и пошироко не е поради ендемската лабилност на границите на Балканот туку поради дискутабилната стабилност на западните гаранции од САД и ЕУ.   

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач