Промена на граници: Опасност од пожар на Балканот
29 август 2018Клубот на европски политичари кои навистина ја познаваат Југоисточна Европа не е преголем, а еден од нив е поранешниот шведски премиер и министер за надворешни работи, Карл Билт, оценува денеска весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, кој ги пренесува ставовите на Швеѓанецот за актуелниот момент во преговорите на Белград и Приштина и идејата за размена на територии:
„'Доживуваме враќање на идејата дека е едноставно, а за стабилноста дури и поволно, создавање моноетнички држави на Балканот. Но, тоа е илузија, како што докажува и минатото на регионот', вели Билт во разговор за весникот (Вашингтон пост, н.з.). Тој јасно му се спротивставува на поранешниот австриски дипломат Волфганг Петрич, кој беше еден од наследниците на Билт на позицијата Висок претставник во Сараево. Според Петрич, кој сега е советник на една адвокатска канцеларија од Виена, чиј клиент е и српската влада, на Тачи и Вучиќ им е до 'козметички корекции' кои би погодиле само мал број села во Косово и Србија, што не претставувало закана. 'Колку што јас сфатив, станува збор за тоа косовските територии северно од реката Ибар да се разменат за регионот на Прешево и Бујановац во јужна Србија. Од тоа би биле погодени десетици илјади луѓе', му се спротивставува Билт на Петрич. Тој укажува на можните последици за останатите региони на Балканот: 'Ако Прешево може да стане дел од Косово, зошто тогаш не и Тетово во Македонија? Ако Митровица стане дел од Србија, зошто не и Бања Лука во Босна?'...
(...) Тоа што за оваа тема сега воопшто се дискутира сериозно, се должи на Вашингтон. Сите американски влади по 1999 година отфрлаа промена на границите и создавање моноетнички држави на Балканот. Тоа во мандатот на претседателот Трамп се промени. Билт зборува за 'тектонски поместувања' во американската политика. 'Меѓутоа, за разлика од порано, имам големи сомневања во тоа дека денешните САД би биле подготвени да преземат одговорност за последиците од својата политика. Тоа ќе ѝ се препушти на Европа.' Во оваа дебата, според Билт, Европа е 'во најдобар случај - неактивна'. 'Се прашувам, ако сега некој создава факти, кои би биле прифатени од Американците, дали Европејците се доволно силни тоа да го спречат?' Билт потсетува на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, кој плановите на Вучиќ и Тачи ги нарекува чисто 'билатерално решение'. Швеѓанецот забележува дека е 'нереално да се верува дека последиците од ваква размена на територии може да се изолираат'. Од страна на Хан бараните институционални гаранции за да се спречи вакво решение за други конфликти, 'не би спречиле ваквата политика да послужи како инспирација за други региони на Балканот'“, пишува весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Промена на границите носи шанси, но крие и ризици, оценува денеска на оваа тема весникот „Ноје цирхер цајтунг“:
„Новиот простор за преговори е создаден благодарение на поменетите меѓународни околности. Благодарение на 'дилмејкерот' Трамп во Белата куќа и на една ЕУ која сака барем пред сопствената врата да се грижи за ред, табуата се скршени. Џон Болтон, советник за безбедност на Трамп, минатата недела беше прашан што мисли за размена на територии меѓу Србија и Косово. Доколку тоа се направи со консензус, одговори Болтон, 'не исклучуваме територијални адаптации'. И Европската Комисија нагласува дека на двете страни би требало да им се 'остави простор' за постигнување согласност. Еврокомесарот Јоханес Хан се обиде да ги распрсне сомневањата за можен домино-ефект: се работи за билатерално решение, а не за урнек за решавање на други конфликти. Кога ќе биде постигнат договор, останатите ЕУ-држави треба да го почитуваат, смета Хан. Неговите зборови се во спротивност на оние на канцеларката Меркел. Таа изјави дека постоечките граници на Балканот се и остануваат 'недопирливи'. Во телефонски разговор со Трамп таа ја потврдила својата позиција. Според медиумски извештаи, во Париз и Виена на ова се гледа на пофлексибилен начин, додека Лондон е скептичен кон промена на границите. Велика Британија надвор од границите на ЕУ ќе игра голема улога во Советот за безбедност на ОН', пишува „Ноје цирхер цајтунг“.