1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западниот Балкан е од стратешка важност за НАТО

22 февруари 2017

НАТО е свесен за зголеменото руско влијание на Балканот, но истото не треба да се преувеличува, вели во разговор за ДВ, Лори Вокер од Одделот на НАТО за Западен Балкан. За Македонија условот останува спорот за името.

https://p.dw.com/p/2Y1qU
Brüssel Nato-Hauptquartier
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Warnand

ДВ: Очигледно расте руското влијание на Балканот. Имајќи ја предвид и несигурноста во новата американска администрација, како реагира НАТО на тие закани?

Лори Вокер: Регионот го сметаме за стратешки важен за Алијансата, но исто така сме посветени на тоа, земјите од регионот да можат да донесуваат одлуки без притисок. Од таа причина, загрижени сме поради зголемената пропаганда и лажните информации кои доаѓаат од руска страна. Од перспектива на НАТО, за нас е многу важно да се спротивставиме на тоа со факти и мирно. Не се обидуваме да се натпреваруваме во некаква пропаганда со Русите, но се обидуваме да ги оставиме фактите да зборуваат за себе. Ќе продолжиме да ги поддржуваме земјите од регионот и нивната способност самите да донесуваат одлуки, а во исто време ја зголемивме соработката со ЕУ во однос на поддршка за земјите од регионот. Но исто така треба да бидеме внимателни и да ги погледнеме фактите, затоа што понекогаш руското влијание во регионот се преувеличува. Земете ја Србија, на пример, и погледнете ги трговските статистики за руската трговија со Србија која достигнува околу 8 проценти, додека трговијата со ЕУ е над 60 отсто. Ваквите нешта треба да се имаат предвид.

Какви конкретни мерки преземате за да се спротивставите на овој релативно нов феномен?

Тоа е растечки, но не е целосно нов феномен. Ние се трудиме да обезбедиме дека имаме кохерентна и координирана стратешка порака, обрнуваме големо внимание на она што се случува во регионот и политички се ангажираме во регионот. Генералниот секретар неодамна беше во Босна и во Косово. Сметаме дека правиме сѐ што е во наша моќ да ја испратиме вистинската порака.

Но во истовреме се случува растечка нестабилност во Босна и Косово поради различни влијанија, безбедносни проблеми и провокации. Како реагирате на некои случувања, како што беше на пример, изградбата на ѕидот во Митровица и испраќањето на српскиот воз?

Важно е луѓето да останат мирни и да ја смират реториката, затоа што во заеднички интерес е да работат заедно. Тоа е пораката која НАТО постојано ја испраќа: ние сме неутрални во однос на статусот на Косово, ја поддржуваме стабилноста во регионот и на сите заедници кои живеат таму. Ѕидот ќе биде урнат, а генералниот секретар се сретна со српскиот премиер Вучиќ во Давос и разговараше за инцидентот со возот и ја изрази нашата загриженост во врска со тоа, а потоа следуваше и состанокот во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Нашата основна порака е да се гледа долгорочно и да се остане мирен и дека зголемувањето на националистичката реторика не е во ничиј интерес, иако такви работи се случуваат одвреме-навреме. 

Deutschland Münchner Sicherheitskonferenz 2017
Генералниот секретар на НАТО, Јенс СтолтенбергФотографија: Reuters/M. Rehle

Србија е заинтересирана за влез во ЕУ, но не и за НАТО. Мислите ли дека Србија сепак може да стане иден кандидат за членство во НАТО?

За нас, во односите не се работи за членство, туку за партнерство, затоа што целосно ги почитуваме желбите на различните земји. Србија не бара членство во НАТО, и не се обидуваме да ја охрабриме во таа насока. Среќни сме да соработуваме со Србија врз база на воена неутралност како што одлучи нејзиниот парламент, како што е случајот и со многу други земји како Австрија, Финска, Шведска и Ирска. Оттука, имаме добри односи со Србија и во однос на практичната соработка и во однос на политичкиот дијалог, и прашањето за членството воопшто не е проблем за нас.

Решавањето на т. н. спор за името со Грција останува клучен услов за членството на Македонија во НАТО. Имајќи ја предвид длабоката политичка криза во земјата и нејзината нестабилност, сметате ли дека Македонија би можела да влезе во НАТО без да го реши спорот?

Прво, важно е да се потенцира дека земјата не е нестабилна и од точка на гледање на НАТО фундаменталната позиција за решавање на спорот за името останува. Во исто време, како што можевте да видите во заклучокот од самитот во Варшава, сојузниците искажаа бројни грижи во однос на некои случувања во земјата во последните години. Сакаме да продолжиме да работиме со Скопје за решавање на тие проблеми. Се направија некои чекори напред во однос на Договорот од Пржино и изборите во декември, но земјата има уште пат да изоди и сакаме да ги поддржиме во надминувањето на тие проблеми.

Од администрацијата на Доналд Трамп досега немаше јасни сигнали во однос на идното проширување на НАТО во Европа. Очекувате ли да остане политиката на проширување?

НАТО останува посветен на политиката на отворени врати. Тоа е една од најуспешните политики на Алијансата која порасна од 12 членки во 1949 година, на 28 колку што имаме денес и очекуваме наскоро да бидеме 29.

Лори Вокер е задолжен за регионот на Западниот Балкан во Одделот за политички прашања и безбедносна политика на НАТО. Со него разговараше Аделхајд Фајлке.