1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ-Западен Балкан: Потврда на перспективата, но без ветувања

18 мај 2018

Самитот на ЕУ и на земјите од Западен Балкан донесе многу позитивна енергија и признавање на важноста на меѓусебните врски, но изостанаа конкретни ветувања околу перспективата за членство во Унијата.

https://p.dw.com/p/2xv38
Bulgarien EU-Balkan-Gipfel in Sofia | Konferenzraum
Фотографија: Reuters/V. Mayo

Претставниците на ЕУ во Софија речиси едногласно го потенцираа значењето на Западниот Балкан за цела Европа, но, со ретки исклучоци, одбиваа да спомнуваат датуми кога се во прашање перспективите на земјите во регионот.

Германската канцеларка Ангела Меркел на прес-конференцијата тоа и отворено го потврди.

„Немам никакво мислење што се однесува до наведувањето на 2025 година како можна цел. Влегувањето (во ЕУ) мора да биде засновано на напредок. Не врз база на време, туку врз база на постигнатото и тоа посебно во областите владеење на правото, корупцијата, борба против организираниот криминал, отворени билатерални и гранични прашања...“, рече Меркел.

Bulgarien EU-Balkan-Gipfel in Sofia | Angela Merkel, Bundeskanzlerin
Меркел: Влез во ЕУ врз основа на напредокФотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Единствено претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани имаше малку поинаков тон и застана во поддршка на 2025 година како датум кога, според негово мислење, треба да влезат Србија и Црна Гора.

Она што ЕУ не може да го вети во однос на перспективата за влез, ќе се обиде да го компензира со уште поголеми инвестиции во регионот.

Во завршната декларација на самитот јасно се укажува на „решеноста на ЕУ да го зајакне и интензивира својот ангажман на сите нивоа со цел да ѝ даде поддршка на политичката, економската и социјалната трансформација на регионот“.

Повеќе: ЕУ: Шест нови иницијативи за трансформација на Западен Балкан

ДВ веќе го објави планот којшто предвидува поддршка на Брисел во шест клучни сектори во регионот, кој би требало да опфати десетици проекти. Иако предлогот на Тајани за одобрување пакет од 10 милијарди евра инвестиции и помош за регионот засега е преоптимистички, сепак сите шест земји и тоа како ќе прифитраат од помошта на Брисел.

Проектот чиешто финансирање почна веднаш по минатогодишниот самит во Трст, сега ќе биде надополнет со нов, особено во сферата на транспорт и поврзаност.

Босна и Херцеговина ќе добие директна помош и поевтини кредити за изградба на четири проекти: медитерански коридор со Хрватска (Тарчин-Иван, две делници) којшто треба да стартува на средината од 2019 година, а да заврши до 2022 година. ЕУ ќе ја финансира и секцијата на автопатот Почитељ-Звировиќи во рамките на коридорот 5ц, како и делницата Буна-Почитељ.

Најголема поединечна директна помош (41,4 милиони евра) ЕУ им доделува на Србија и Косово, и тоа за изградба на делница од автопатот кој треба да ги поврзе Ниш и Приштина.

Македонија и Албанија ќе добијат екстра финансирање за да се поврзат со автопат и железница во рамки на Коридорот 8.

Bulgarien EU-Balkan-Gipfel in Sofia | Merkel & Thaci & Vucic
Најголема поединечна директна помош ЕУ им доделува на Србија и КосовоФотографија: Reuters/V. Donev

Најголемо охрабрување за земјите од регионот стигна од претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск:

„ЕУ е и ќе остане најважен партнер на Западниот Балкан. Интеграцијата на регионот е основен приоритет на ЕУ, а Западниот Балкан е интегрален дел на Европа.“

Причина за задоволство на крајот имаше и домаќинот, бугарскиот премиер Бојко Борисов.

„Не знам дали во Софија некогаш имало толку претседатели, премиери, канцелари и банкари и претставници на европски институции“, рече Борисов.

Бугарија и Западниот Балкан