1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ е на потег во Западен Балкан

ЖА/ печат
13 јули 2017

Крајно време е ЕУ да се позанимава со Западен Балкан, независно од манифестации како самитот во Трст. Во спротивно, би можела да се занимава со регионот повеќе отколку што би сакала, пишуваат весниците на германски јазик

https://p.dw.com/p/2gTLz
Italien Balkankonferenz in Triest
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Bertorello

„По распаѓањето и крајот на војните во Југославија, Балкан не се наоѓа во фокусот на јавноста и на европските политичари. Во овој период во регионот речиси и да нема напредување. Напротив: ако денес воопшто може да се зборува за политички промени, тогаш не е во насока на демократија и правна држава, туку кон авторитарност и непотизам. Во услови на економска и социјална стагнација, корумпираните политички елити сѐ поотворено користат националистичка реторика. Крајно време е ЕУ да се позанимава со овој регион и надвор од вакви собири како (важниот) самит за Западен Балкан. Во спротивно, присутна е опасноста да треба со него да се зафати многу повеќе отколку што би сакала,“ пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг.

Весникот Фолксштиме од Магдебург пишува за испраќање сигнал од самитот во Трст:

„Државите од Западен Балкан се наоѓаат под полуофицијален ЕУ-протекторат. Среднорочно, во тоа нема да има промена. Присуството на раководните врвови од Франција, Германија и Италија на самитот за Западен Балкан, покажува дека судбината на регионот и натаму е присутна на европската агенда. Останува ЕУ-пристапната перспектива, иако нејзиниот хоризонт постојано се оддалечува. Србија на пример, првично планираше да стане дел од ЕУ до 2020 година, сега се споменува 2025 година. Брисел е многу потпретпазлив при приемот на нови членки по лошите искуства со Романија и Бугарија. Главниот интерес е насочен првенствено кон стабилноста на регионот. По бегалската криза, покрај одржувањето на мирот, тоа значи да се држи затворена Балканската рута. Еден вид сигнал до Сиријците и Авганистанците, но и до Албанците и Македонците: можете да сметате на помош, само ако останете дома!“

Меркише Одерцајтунг пишува:

„Самитот за Западен Балкан во Трст доаѓа во вистинско време. На регионот му е потребен нов залет на сите нивоа, зашто процесот на приближување кон ЕУ е во застој, а за некои дури е истиснат во далечна иднина, поради фактот што демократијата и владеењето на правото постојано се покажуваат загрозени и бидејќи на стопанството му се потребни инвестиции, кои пак можат да стигнат ако одговараат условите за нив.“

Виенски Стандард констатира:

„Секоја година, на самитите за западнобалканските држави има многу слични идеи. Досегашните стратегии, мора да се признае, регионот не го приближија позначајно до ЕУ. Зашто, во овие држави недостигаат ефикасни управни структури кои се предуслов за парите од ЕУ воопшто да можат наменски да се користат. За вистински промени е потребна подобра анализа, вложување повеќе пари и храброст за новини. Берлинскиот процес, инициран од германската канцеларка Ангела Меркел во 2014 година, досега донесе толку малку и од причина што ЕУ- државите со години не се занимаваат сериозно со проширувањето.“