1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган и сонот за арапска солидарност

Керстен Книп
14 август 2018

Поради падот на лирата и судирот со американскиот престедател Трамп, на турскиот претседател Ердоган му се итно потребни сојузници од арапските држави. Но, такви нема доволно.

https://p.dw.com/p/337KP
Türkei Ankara Rede Erdogan
Фотографија: picture-alliance/Xinhua/Turkish Presidential Palace

Реџеп Таип Ердоган ја најде главната причина за падот на турската лира - лажните вести кои се шират на интернет. Ширењето вакви вести е еднакво со предавство на државата, изјави турскиот претседател на почетокот на неделава. Авторите на таквите текстови ги нарече „економски терористи“ и ги обвини за „предавство“.

Претходно, Министерството за внатрешни работи најави дека има намера да ги цензурира критичките коментари на социјалните мрежи. Првиот биланс: од 7 август се идентификувани 346 кориснички профили на социјалните мрежи, на кои падот на турската валута бил коментиран на провокативен начин.

Ердогановите изјави би можеле да најдат плодна почва кај неговите приврзаници, претпоставува Јунус Улусој од Центарот за турски студии и интеграциски истражувања во Есен. За разлика од претходните економски кризи, кои важеа за кризи од домашно производство, тој сега би можел да убеди еден дел од населението дека една странска супер сила ѝ објавила „економска војна“ на Турција и дека сака да ја дестабилизира и понизи земјата. „Тој краткорочно ќе игра на оваа карта, иако причините и овојпат се домашни.“

Повеќе: Ердоган се заканува со драстични мерки за спас на лирата

Türkei Lira Banknoten
Лирата секојдневно губи вредностФотографија: Reuters/M. Sezer

Долгорочно пак, како што вели Улусој, на Ердоган ќе му биде тешко да го објасни обезвреднувањето на лирата. Ердоган постојано се фали со тоа дека ја довел Турција на курс на пораст. Меѓутоа, сега се случува спротивното. „Во моментов турското население тоа сѐ уште не го чувствува, но во догледно време тоа ќе се случи. Би можеле да се затвораат работни места или платите прилично да се намалат поради високата стапка на инфлација.“ Дали и тогаш Ердоган ќе може да ги привлекува гласачите е отворено прашање.

Со Ердоган против Трамп?

Арапските држави со напрегнатост гледаат кон Турција. Коментаторите беа зафатени со Турција уште од победата на Ердоган на изборите во јуни. Блогерот Мухамад Џумех, кој живее во Лондон и на Твитер има околу 270.000 следбеници, оценува дека Арапите кон Ердоган во суштина имаат два става: „Едни го сметаат за диктатор кој победил на наводни демократски избори, а други сакаат да го прават истото што и Ердоган, но во поинакво опкружување.“ Со Ердоган се занимаваат еднакво и арапските демократи и арапските автократи, гласи пораката проследена со намигнување. Ердоган предизвикува поделба, Ердоган поларизира, како во Турција, така и во арапскиот свет.

Она што му оди во прилог на турскиот претседател е фактот дека во американскиот претседател Доналд Трамп има не само екстремно моќен противник, туку и човек кој економските санкции ги смета за легитимен инструмент на политиката и ги применува повеќекратно. Со тоа, како што оценува познатиот и контроверзен колумнист Адел Бари Атван за интернет-весникот „Раи ал-јоум“ од Лондон, Трамп против себе заврте голем дел од арапскиот свет. „Шиитите и сунитите се обединети во негативниот став кон неговата влада и неговата земја.“ Така, повеќе држави со различни конфесионални табори, кои се водечки во исламскиот свет, како што се Турција и Иран, се обединија против Трамп, оценува Атван.

Тој смета дека лутината поради администрацијата на Трамп се зголемува и во светски рамки. Доколку казнените царини на Вашигнтон влијаат врз американската економија и доколку од тоа почне да страда американското население, „тоа би можело да доведе до вистинска револуција, која повеќе ќе предизвика промени во самите САД, отколку во земји како Турција, Иран или Русија“, уверен е Атван.

Türkei | Proteste gegen US-Sanktionen
Приврзаници на Ердоган протестираат против американските санкции (3.08.2018, Анкара)Фотографија: picture-alliance/AA/D. Keskinkilic

Ердоган - еден популист меѓу многуте

Поинакво гледање на работите има Хазим ал-Амин, колумнист од весникот „Ал Хајат“ кој излегува во Бејрут и Лондон. За него е чудна изјавата на Ердоган дека Американците го имале доларот, а Турците го имале господ. Тоа е чудна изјава која го сместува турскиот претседател во редицата популистички политичари кои радо се потпираат врз религиозни изјави, а помалку врз разумно водена политика. „Дел од оваа трупа се Доналд Трамп, Бенјамин Нетанјаху, Владимир Путин, Али Хамнеи и Ердоган. Сите тие сакаат политиката барем делумно да ја заменат со религија.“

Трамп со своите санкции ја стави под притисок и Европа. Меѓутоа, во Европа реакциите беа воздржани. Во односот САД-Турција, пак, сега еден наспроти друг се исправени еден голем и еден мал Трамп - „катастрофата е неизбежна“.

Повеќе: Кризата во Турција – опасност за европската економија?

Ердоган во моментов не може да попушти, смета Јунус Улусој. Теоретски е замисливо Ердоган да го ослободи свештеникот Ендру Бренсон. Американскиот државјанин во Турција е затворен поради сомневања за тероризам, што беше причина за најновата криза меѓу Анкара и Вашингтон. „Но, тоа би значело губење на образот, кое еден ориентален патријарх не смее да си го дозволи пред своите приврзаници.“ Сепак, вакво решение е замисливо на долг рок.

Erdogan besucht Katar
Посета кај пријатели: Ердоган во посета на турските трупи во Катар (15.11.2017)Фотографија: picture alliance/dpa/abaca/K. Ozer

Умерени економски односи со арапскиот свет

Турција може само условно да се надева на економска помош од арапскиот свет, оценува Мустафа Елабад, директор на Центарот за регионални и стратешки студии Ал-Шарк во Каиро. „Турско-арапското партнерство е преценето. Турција во арапскиот свет извезува главно едноставни производи, кои речиси и не можат натамошно да се преработуваат“, вели Елабад за ДВ.

Најблизок сојузник на Турција во арапскиот свет е емиратот Катар. Турција има стационирано свои трупи таму. И онака силните политички врски беа зацврстени уште повеќе минатата година, кога Турција му прискокна напомош на Катар во судирот против коалицијата предводена од Саудиска Арабија, која применуваше извозен бојкот против малата заливска држава. Турција тогаш го снабдуваше Катар со најнеопходното. Колку Катар сега би можел да ја поддржи Турција е прашање. Имено, таа земја е зафатена со својата криза, оцени „Вашингтон пост“.

Турција негува и натаму односи со другите држави од Заливот, вклучително и Саудиска Арабија, но тие односи се исклучително скромни, смета Мустафа Елабад. „Трговските односи на Турција и Саудиска Арабија не можат да се споредуваат со оние кои саудиското кралство ги има со државите од ЕУ.“ Арапската солидарност, нагалсува Елабад, е многу воздржана. „Поддршка за Турција од страна на арапските држави во оваа криза нема да има.“