Елисејскиот договор: темел на пријателство
22 јануари 2018 Четири месеци по изборите за Бундестагот, пратениците во Берлин и натаму чекаат да почнат со работа. Сѐ уште нема влада, па парламентарната работа практично е парализирана. Во Франција е сосема поинаку. Таму, 44-годишниот Франсоа Дерижи е претседател на парламент кој работи под полна пареа. Последните месеци пратениците изгласаа повеќе реформи, меѓу нив и реформа на пазарот на трудот.
Кога Дерижи ќе го започне својот говор во германскиот парламент денеска (22.01), на дневен ред ќе биде реформата на Елисејскиот договор кој е стар 55 години. Тоа е историски договор кој го потпишаа канцеларот Конрад Аденауер и претседателот Шарл Де Гол на 22 јануари 1963 година. Нема да биде во прашање само обнова на стариот договор кој во суштина ги обврзува двете влади на тесна соработка, туку и за „новата политичка определба“ за германско-француската соработка, како што тоа го формулираше пратеникот на ЦДУ од Фрајбург, Андреас Јунг. Тој претседава со германско-француската парламентарна група и работеше на документот кој сега е усвоен во Бундестагот и во француското Национално собрание.
Повеќе на темата:
- Германија и Франција - судбинска заедница
- Германско-француски модел за помирување
Подобри сме заедно
Резолуцијата би била сигнал за францускиот претседател Емануел Макрон дека Германија ги споделува неговите желби за реформи на ЕУ. Во документот се наброени разни проекти и теми кои се на агендата на германско-француската соработка. Во тоа спаѓа и отворање на германско-француски центри за стручно усовршување, формирање на билингвални училишни паралелки, но и подобрување на инфраструктурата во пограничните региони. Се говори и за формирање на заеднички центар за вештачка интелигенција.
Андреас Јунг вели дека се надева и на ширење на економската соработка. „За првпат имаме јасна определеност за германско-француски економски простор- не само за заеднички пазар, или заеднички регулативи во стопанското право, туку и за други работи. Подобри сме заедно, одошто секој поединечно“, вели Јунг.
Досегашниот биланс не е спектакуларен
Не се знае колку од тоа резолуцијата ќе успее да придвижи. „Се потрудивме да ги проучиме сите досегашни германско-француски изјави на намери и - само минимален дел од нив досега е остварен“, вели Франк Баснер, шеф на Германско-францускиот институт од Лудвигсбург. Тој споменува дека проектот за изедначување на даночните одредби за фирмите беше започнат уште во 2011 година, кога го поттикнаа канцеларката Ангела Меркел и претседателот Никола Саркози. Но, од тоа досега нема ништо.
Баснер смета дека во таа насока е многу важен еланот на пратениците, и дека некои работи треба постојано одново да се испробуваат. „Германско-францускиот универзитет е стара идеја која никогаш не е реализирана- но сега постои, на пример, една кровна организација во рамките на која германските и француските универзитети успешно соработуваат“.
Баснер наведува три области кои се подобни за потесна соработка: одбраната, оданочувањето на фирмите и мобилноста меѓу двете земји. Како особено значајна се смета воената соработка- мнозинството земји на ЕУ (23 од 28) се сложни дека треба да се оствари таков вид нова соработка. Баснер смета дека Германија и Франција во тој проект би можеле да имаат улога на авангарда.