1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕК ја слуша реториката, не ја гледа стратегијата

20 декември 2016

Проблемот не е во реториката, туку во стратегијата. Треба ли да ја потсетиме ЕК на скандалозното „писмо на Никола Груевски“, од 2009 година, во кое го повика членството на последната битка со неистомислениците!?

https://p.dw.com/p/2Ua8h
Mazedonien Wahlen Anhänger der regierenden VMRO-DPMNE feiern den Sieg
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Ако се постави погрешна дијагноза, болеста не може да се лекува. Претпоставувам дека и во Европската Комисија го знаат овој општо познат факт. Токму затоа, исклучително зачудува нивната последна изјава која рефлектира опасна индиферентност кон загрижувачките состојби во земјава. Дотолку повеќе, што на ЕК не и се случува првпат „да и изгори театарот“ во Македонија. 

Токму ЕК со години мижеше на јасните симптоми кои точно ги индицираа македонските болки, а таа во Извештаите за напредокот на земјата, на болниот организам рутински и фразеолошки му препорачуваше витамин Ц, чај и повеќе движење. Дури и по настаните во Собранието од 24 декември 2012 година, кои покажаа дека улогата на Парламентот е целосно суспендирана и узурпирана од извршната власт, ЕК го одмолчи фактот дека меѓупартиски договорената терапија од страна на ВМРО-ДПМНЕ веднаш беше прогласена за „тоалетна хартија“.

Четири години подоцна, по сите „бомби“, по мачно трасираниот политички Договор за излез од кризата, и по Прогласот на ВМРО-ДПМНЕ кој најавува ништење на придобивките од „Пржино“, ЕК излегува со став дека „се многу загрижени поради тензиите во текот на последните денови и зголемувањето на негативната реторика“.

Ова е повторно мижење пред реалноста. Проблемот не е во реториката, туку во стратегијата. Реториката е само последица, ехо, одраз на долгогодишната стратегија на ВМРО-ДПМНЕ за пресметка со сите што не се согласуваат со неа, со сите кои ги критикуваат и демаскираат нејзините божем државни, а всушност лукративни проекти на партиската врхушка, преку кои се уништува секаква можност Македонија да стане правна, демократска и европска држава.

Проблемот не е од вчера, ни од завчера, ни од обраќањето на Груевски пред седиштето на ДИК. Крстови за опозицискиот лидер, погребни венци на новинари и некролози за амбасадорите не постизборен „афект“. Тие се резултат на стратегијата која Груевски официјално ја најави уште пред седум години, а непречено се остварува до денес. Треба ли да ја потсетуваме ЕК на скандалозното „писмо на Никола Груевски“ од 2009 година, во кое повика „браќа и сестри, пријатели и сопартијци“ да се вклучат во последната битка и пресметка со неистомислениците. Писмото ја шокираше домашната и меѓународната јавност, но од ЕК не произведе ни порака со која на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ќе му се ставеше на знаење дека демократијата подразбира дијалог, разговор со аргументи, а не пресметки со секој што има поинаков став од неговиот.

Mazedonien Wahlen - VMRO-DPMNE Gruevski
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Гледано од денешен аспект, поодговорно од ЕК изреагира Ричард Квест, водителот на шоуто „Quest means business“ на Си-ен-ен, кој во 2009 година го праша Груевски дали и Македонија ги дели истите вредности со земјите од ЕУ- слободен пазар, правна држава, демократија.., на што Груевски одговори: „Се разбира дека ги делиме истите вредности“.

„Навистина?“, праша иронично Вест, по што на маса го извади скандалозното писмо и побара објаснување за пораките што Груевски ги испраќа со него.

„Тоа е писмо што го пратив до членството на партијата. Тоа обично го правам еднаш годишно. (...) Тоа е своевидна мобилизација на луѓето да им се приклучат на прогресивните сили во земјата“, рече Груевски.
И еве до каде стигна со прогресивноста.

Затворените медиуми во годините потоа, отпуштените (и затворени) новинари, згазената медиумска слобода, армијата неправедно лустрирани јавни личности и монтираните судски процеси кои ги нотира ЕК, се резултат токму на таа успешно спроведена повеќегодишна стратегија на ВМРО-ДПМНЕ. Ништо не се случува преку ноќ. Затоа, кога ЕК денес зборува за реторика, свесно или несвесно го амнестира Груевски од креирањето и спроведувањето на смислено сценарио за удар врз основните вредности на демократијата. Тој е истиот Груевски кој му одговори на амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар, дека „не може да се предвиди што ќе се случи (со протестите пред ДИК- н.з.) бидејќи има голем број револтирани граѓани чии постапки не може да се предвидат и целосно контролираат доколку институциите не работат согласно законот“.

Истиот Груевски само еден ден подоцна со Проглас им се обрати на тие граѓани, со порака што дополнително ги мобилизира кон тензии. И на крајот, истите тие граѓани што тој „не може да ги контролира“, неговата партија преку смс-налози ги повикува, ги товари во автобуси и ги развезува таму каде што налага партиската потреба.

Тој е премиерот кој во земјата воведе култура на длабоки поделби и тотална поларизација на општеството по разни основи. За таа цел на располагање му стои целата институционална машинерија, која наместо да работи во интерес и за потребите на граѓаните, подредена е да функционира како негова партиско-пропагандна единица за секојдневни и брзи интервенции за заштита на Потемкинова држава.

За жал, дел од налозите во Прогласот веќе се во завршна фаза, иако намерата на Груевски беше да покаже наводно „вртење нова страница“. Истото се однесува и на најавата за „десоросизација“. Дел од граѓанскиот сектор со години е мета на оркестрирани притисоци од власта, а една недела пред изборите контрола од УЈП влезе во повеќе од дваесетина невладини организации. Не велам дека УЈП не треба да ги спроведува своите надлежности. Напротив, треба, но во редовна и политички недиктирана постапка, која нема да буди сомнеж во изборот на „моментот“.

И додека „спорните“ граѓански организации јавно ги објавуваат извештаите за изворите на финансирање и начинот на кој се потрошени парите, нема информации дали контрола влегла и во Здружението за духовно обединување на Сетинци-Попадинци и Крушоради, кое доби возило марка „Ауди А4“, деловен простор во центарот на Скопје на трајно користење и без надомест, како и голем број грантови од Владата за да донира споменици во Скопје.

Не верувам дека вака „рамноправно“ може да изгледа „јакнењето на независниот граѓански сектор“, кој како што рече Груевски, „нема да биде под ничија контрола“. Освен, можеби под неговата.