„Една вера, еден јазик“, едно објаснување и многу врева
28 декември 2021Документарен филм на руски автор „Една вера, еден јазик“ неколку дена ги предизвикува реакциите во бугарската јавност, со сомнеж дека целта е тој да води кон нови поделби, во време на спор меѓу Софија и Скопје. Филмот, снимен по сценарио и во режија на Елена Мироненко, пред неколку дена имаше проекција во Скопје, во рамките на Меѓународниот филмски фестивал „Богородичен покров“.
Реакциите се однесуваат на фактот што Бугарија во филмот била целосно исклучена од научните лингвистички процеси поврзани соСветите Кирил и Методиј, и дека во него е прикажана карта на Југоисточна Европа од IX век, на која Бугарија не е ни означена.
Покрај зборовите „Македонија е татковината на словенската азбука“, нараторот зборува дека сите древни духовни текстови на Русија, Украина, Србија, Црна Гора, Бугарија и Македонија се напишани на црковнословенски, кој потекнува од Македонија. Како дел од важниот пат на светите браќа, се посочува и нивниот престој во Херсон, Крим.
Филм со „една цел“
Силвија Недкова бугарски филолог, која се занимава со литературна критика и новинарство е само една од личностите кои реагираа на „бришењето на Бугарија од картата на писменоста“.
„На патувањето, во кое го следат патот на кирилицата, авторите на филмот поминуваат низ Русија, Украина, Македонија, Србија, Црна Гора. Бугарија е толку темелно заобиколена, што нема сомнение дека оваа ‘творба’ има една само цел: да ѝ даде рамо на Македонија во спорот со Бугарија, да ги привлече Македонците и Србите кон каузата на ‘Втората Византија и третиот Рим’ и да создаде словенска алијанса, за која Бугарија, како членка на ЕУ, ќе биде непријател. Истата улога ѝ е одредена и на Украина, на која ѝ е посветен последниот дел од филмот“, реагираше Недкова.
Таа потенцира дека филмот се снимал со помош на руската амбасада во Македонија.
„Често се појавувале навестувања од руска страна, дека делото на Кирил и Методиј може да биде искористено како орудие за поделби, дека признавањето на улогата на Бугарија во создавањето и утврдувањето на православната словенска култура е прашање на современа политика. Овој филм, сепак, не е навестување. Тој е директен предизвик. Доказ, дека тој не е дело на псевдоисторичари, е фактот што само пред еден месец ‘Една вера, еден јазик’ ја доби големата награда на Меѓународниот филмски фестивал ‘Радонеж’ во Москва. Премиерата на филмот во Скопје, пренесена од сите македонски медиуми, исто така е индикативна - пoддршката од Русија ќе биде едно од оружјата кои Македонија ќе ги искористи во спорот со Бугарија“, оцени Недкова.
Творештво - непоткрепено од историска експертиза
И додека во бугарската јавност се намножија оценки дека „им е забиен нож во грбот“, по бројните реакции за филмот се огласи амбасадата на Русија во Софија, со став дека филмот „не соодветствува на позицијата на официјалната руска историографија“.
„Во врска со публикациите во бугарските медиуми за филмот на Елена Мироненко ‘Една вера, еден јазик’ за ширењето на христијанството меѓу Словените, би сакале да го разјасниме следново. Филмот е одраз на авторската гледна точка, содржи субјективно толкување на редица историски настани и не соодветствува на позицијата на официјалната руска историографија, а исто така и на пристапите на амбасадата на Русија во Бугарија. Добро е што во нашите православни земји, како и досега, постои жив интерес за заедничките корени на верата, писмото и културата. Творечката иницијатива, непоткрепена од историска експертиза, за жал, не води секогаш до постигнување на замислената позитивна цел“, соопшти руската амбасада во Софија.
Но, во време на најсензитивниот период во македонско-бугарските односи, евидентно е дека некаква „цел“ веќе е постигната, со оглед дека во јавни реакции штетата се насочува на македонска адреса, иако без никаква основа за тоа.
„Кога политиката одново ја пишува историјата, се е можно. Непријатно е што тогаш бугарско-македонската комисија конечно ќе се блокира. И браќата Македонци ќе треба да се кандидираат за некаков друг сојуз. Но не за европскиот“, оцени во куса рецензија за филмот писателот и новинар, Паун Цонев.
Игра со „честитките“
Не првпат дејноста на Светите Кирил и Методиј и потеклото на словенската писменост да се претвори во тема што ги бранува духовите во Софија и Скопје. Во 2017 година повод за тоа стана руска честитка за 24-ти мај до македонскиот народ („писменоста е дојдена од македонските земји“ - како цитат од говор на претседателот Владимир Путин). По реакциите од Софија, официјална Москва објасни дека кога се спомнува „македонските земји“ се мисли на географскиот поим.
Истиот случај, се повтори и годинава.
„’Денеска во Русија е свечен ден - Денот на словенската писменост, а писменоста дојде кај нас токму од македонската земја’ - Владимир Путин“, објави на Твитер руската амбасада во Скопје.
Истиот ден, руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова, во видео порака снимена пред тамошен споменик на Светите Кирил и Методиј, ја потенцирaше улогата на Бугарија за словенската писменост.
„Несомнено, улогата на Бугарија во формирањето и ширењето на словенската писменост, јазик и култура е непроценлива и неспорна. Познатиот руски научник Дмитриј Лихачов пишуваше: ‘Бугарија им го дала на источните Словени високиот слој на јазикот, столбот на духовноста, го збогатил нашиот јазик, му вдахнал морална сила и способност да ги возвишува мислите, концептите и замислите. Тоа е јазикот на кој се доверувале највисоките мисли, на кои се молеле и се пишувале свечени зборови. Тој за сето време бил покрај рускиот народ и духовно го збогатувал’“, порача во мај Митрофанова.