Еден петел секогаш чини колку две кокошки
14 април 2020Новиот век почнува со Француската буржоаска револуција во 1789 година. Историската наука му дала убаво име на периодот на кој и ние сме современици. Но и во новите векови светот остана соочен со многу војни: граѓански и верски, колонијални, идеолошки, социјални и индустриски револуции, балкански и две светски војни, пандемии, тероризам и природни катастрофи. Во изминатите 231 година се откриени најголемите изуми, тоа е период на најбрзиот напредок на планетата Земја откако постои човекот. Истовремено се одвиваат и најбрзиот развој и најголемите страдања на човештвото кои траат и ден денс на сите континенти.
Ќе речете, со право, двете спротивности: и развој и разорувања не одат заедно едно со друго. Тоа би бил логичниот заклучок. Меѓутоа, тоа е збирниот резултат на статистиката, што не се совпаѓа со краткотрајноста на човечкиот живот, па така и страдањата не ги погодуваат подеднакво сите генерации и сите луѓе. Деновиве кога сме соочени со една друга војна против чумата на 21 век, кога светот војува против заедничкиот непријател- пандемијата од досега непознат вирус, повторно сме бомбардирани со црни статистики од недоволна историска дистанца за науката, но со ужасна злоупотреба на политиката во ерата на интернет и брзата комуникација на глобалните социјални мрежи.
Црни статистики за политичка пресметка
Таму каде што науката има разбирливи резерви, додека не ги открие причините и доказите, поради големите непознаници, политиката добива готов производ за пресметки во битките за превласт. Стравот станува силен сојузник, па истите бројки и показатели лесно се претвораат во успех, или неуспех во зависност од тоа кој, зошто и како ги пакува и ги соопштува.
Повеќе:
-Потврден велигденскиот карантин, Дебар подготвен за скрининг
-Што е добро сценарио во пресрет на пикот на Ковид-19?
-Од кога е присутен коронавирусот во Северна Македонија?
Така 1.000 заболени од коронавирусот стануваат полоши од 50.000 или 100.000 заболени, а 50 починати се пострашни од 10.000 изгубени животи. Едното било 13.5 отсто, а другото, 4.3, или само 2,6 отсто на милион жители.
Успеваат тазе испилените партиски експерти да ги поделат страдалниците на децимали како да не се работи за луѓе, туку за фабричко производство. Замислете ако почине еден човек во мариовско село тоа може да биде геноцид на 33,3333 отсто од населението според нашите новопечени статистичари. А, во напуштено село без ниту еден жител може да биде и сто отсто успешно спречена заразата.
Нашиот фронт не е на конференциите за медиуми
Секоја чест на малкуте исклучоци, но жално и разочарувачки е што македонските медиуми го прифатија тој мејнстрим на политички игри со бројки, наместо да бидат во потрага по судбината на луѓето погодени од големата несреќа што не снајде.
Кај нас речиси ги нема сториите и сведоштвата на паталците, што е нашиот дел од работата. Медиумите во светот се полни со драматични сведошта и со истражувачки текстови директно од „фронтот“. Нашиот фронт се сведе на конференциите за медиуми и партиските соопштенија при што се поставуваат секој ден исти прашања и се добиваат исти одговори влегувајќи во замка на банализација на војната со вирусот.
Една добро срочена и автентична приказна за самоизолација, за спасување на животите на заболените, за храброста и пожртвуваноста на лекарите и медицинските работници, на полицијата, на војската, на еден хуман човек, можат да дадат многу поголем ефект од глупавите папагалски прашања и застрашувачките црни пропагандни статистики. Една кратка вест со име и презиме на жената на 90 годишна возраст која на болничка постела кажала „дајте му го респираторот на некој помлад јас имав убав живот“ долго време беше најчитана и со најголем ефект да се сфати што е врв на хуманоста. Ама таа вест стаса од белиот свет.
Убеден сум дека такви исти и слични стории на хуманост и пожртвуваност има и кај нас, ама нема кој да ги забележи од презафатеност со идеите на лицемерните спасители и од здравствената и од економската криза.
Заразен вирус и од ТВ екраните
Да, навистина е херојство да се остане дома во изолација, но херојство е и да се спасуваат луѓето со ризик по сопствениот живот, како што е херојство да го работиме нашиот дел од работата со веродостојни текстови кои имаат поголем ефект од секој сувопарен апел.
Се уште има уредници и новинари кои мислат дека многу помагаат да се надмине ситуацијата со целодневните тв терапии и сеанси на старите „позитивни“ пациенти кои откако љубезно ќе ја поздравуваат емисијата и водителот, ќе ги истресат вирусите кои се заразни и преку екранот. Ги гледаме истите дебати на аналитичарите и политичарите кои трчаат од една на друга телевизија и знаеме што ќе кажат уште пред да проговорат. Нивните медиуми ја објавуваат експресно пресудата кој кого растурил. Дури и кога имаат исти ставови, додуша многу ретко, кавгата е неизбежна. Кога се караат мислат дека нешто работат за доброто на нацијата.
Не помалку штетни се јавните настапи на спасителите кои имаат на секој час по десетина магионичарски трикови за брзо спасување и од економската и од здравствената криза. Нивните рецепти се полни со чудесни безболни решенија кои се сведуваат на сто стапа по туѓ грб. Сите овие избавители имаат една експертска копи-пејст идеја, порано викавме пишана со индиго, а тоа е да не спасат со наши пари, или со заеми кои и ние и, уште повеќе, идните генерации ќе ги враќаат. Тоа им е испробан лек од поодамна кога немаше коронавирус и пандемија.
Најлесно е да се делат пари од државната каса и од заеми. Да се заборчиш до гуша кај нас стана голем успех. А да им кажеш да се бркнат малку во својот џеп и нешто да донираат за Македонија ќе возвратат жестоко дека се тоа популистички мерки. Што да ви кажам, пропагандистите многу добро знаат што е популизам.
Најмногу радува духот на граѓаните
За голема среќа духот на граѓаните и во изолација и за време на долгите полициски часови е на висина. Тоа го потврдуват илјадниците видео пораки на мобилните кои имаат извонредна смисла за хумор и сатира, за исмевање на лагите, заблудите и примитивизмот. На ум ми дојде една карикатура од учебниците по историја објавена во германските весници за време на големата криза од триесеттите години на минатиот век. Германец на пазар ја прашува продавачката колку чини петелот. Селанката му одговара: две милијарди марки, или две кокошки. Оваа народна мудрост искажана на зелен пазар многу појасно ја објаснува целата научна аналитика и теории на кризата. Еден петел секогаш вреди колку две кокошки. Можете да печатите милијарди банкноти, ако немате што да купите не ви вредат ништо. Стануваат безвредна хартија.
Други колумни од Ерол Ризаов:
-На мака се познаваат јунаците
Истото тоа моите генерации го видовме и доживеавме непосредно пред крвавиот распад на Југославија кога печатницата за пари на Топчидер работеше во три смени. Имавме во џебовите милиони динари кои наутро имаа вредност колку 50 марки, а навечер веќе беа 30 и ако не најдете нешто да купите за да преживеете утредента вредеа колку 10 марки со кои не можете да купите ни една третина од она што можевте вчера.
Од тоа блиско минато е вицот од црните берзи и менувачници на улиците и пазарите по југословенските градови. Колку е денес марката го прашува човек дилерот на девизи. Вели илјада динари. Како илјада кога вчера беше 600 динари? Тогаш, дојди вчера е одговорот. Еден ден граѓаните на Југославија се разбудија со замрзнати девизни сметки во банките.Се уште траат последиците од тој грабеж.
Јуриш на банките
Карикатурата пак од предвоена Германија, како црн хумор, прикажана при денешни наши маки и неизвесности се гледа на друг начин од апокалиптичките слики на големите и мали европски метрополи со празните улици, ресторани, кафулиња, музеи, киносали, берберници, затворени граници, аеродроми, полициски час, карантини, сирени на брза помош, траорни конференции за печат, се бројат секоја минута починати и заболени. Веќе гледаме и застрашувачки редици пред банките. Парите уште не изгубиле од својата вредност, напротив стануваат се поскапи, но прашање е дали и до кога можат да се добијат сите добра и услуги кои до вчера беа лесно достапни. Парите како и секоја стока имаат своја цена. Кога има многу, евтини се. Кога има малку скапи се. Утешителна е согласноста на сите одговорни во земјата дека нема печатење на пари без покритие, денарот останува стабилен. Но што правиме со стратезите кои и од лево и од десно проповедаат конфискација на парите на коминтентите на банките. „Какви се овие луѓе бре“ што повикуваат на јуриш на банките, хорор кој еднаш го преживеавме со уште незалечени рани.
Економскитe кризи ги следат војните. Некогаш се главни причини за воените судири, а секогаш се задолжителни трагични последици еднакви на жртвите од војните.
Предвоените и повоените кризи имаат неколку заеднички карактеристики јасно детектирани од историската и економската наука. Намалување на побарувачката, намалување на производството, масовна невработеност, финансиска криза и презадолженост на државите, сиромаштија, егоизам и профитерство. Црните статистики кои влеваат страв за сопствениот живот додека трае пандемијата. Починатите бргу се забораваат. Почнува повторно приказната за брзиот развој и големите успеси. Се така до следната криза.