1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Од кога е присутен коронавирусот во Македонија?

БГ
10 април 2020

Зголемен број болни од сезонски грип и сомнителен случај во Велес. Дали коронавирусот пристигнал во земјата уште пред откривањето на првиот случај на 26 февруари ќе се знае откако ќе мине критичната фаза.

https://p.dw.com/p/3alKn
Nord-Mazedonien Skopje | Coronavirus | Entnahme Abstrich Corona-Test
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Драстичното зголемување на заболени од грип годинава и случајот на мајката и синот од Велес кои починале пред повеќе недели го отвораат прашањето дали коронавирусот во земјата бил присутен подолго одошто досега се мислеше. Министерот за здравство Венко Филипче во неколку наврати изјавува дека таа можност постои, но засега сите капацитети се насочени кон спречување на ширење на болеста и лекување на заболените.

Во изминатите 24 часа во земјата се регистрирани 48 нови случаи на заразени со Ковид-19, а вкупниот број се искачи на 711. Меѓу тие случаи не се лидерите на двете најголеми политички партии Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Нивните тестови на коронавирус биле негативни.

Случајот од Велес

Веста за смртта на 79 годишна мајка и 53 годишен син во Велес, чии посмртни останки беа откриени од полицијата на 6 април, веројатно ќе останеше само последен поздрав до двајца несреќни луѓе, доколку во меѓувреме кај жената не беа пронајдени траги од коронавирус во дишните патишта. Соседите на починатите велат дека не ги виделе мајката и синот неколку месеци. Некои претпоставки одат дотаму што времето на смртта на двајцата го сместуваат во јануари годинава. Таквата можност не ја исклучува ни Филипче. 
„Кај едно од лицата од Велес најден е вирусот во примерок од дишното стебло. Тешко е да се каже причината за смртта, но во насока на тоа што значајно е зголемена бројката на заболени од грип годинава, не е исклучена можноста вирусот и порано да бил присутен, особено поради асимптоматските носители на вирусот“, изјави Филипче.

Nord-Mazedonien: Venko Filipce, Gesundheitsminister
Филипче не ја исклучува можноста вирусот да е подолго во земјатаФотографија: Regierung Nordmazedonien

Таквата проценка не потекнува од случаите од Велес, туку од фактот што годинава бројот на заразени од сезонски грип е речиси удвоен во однос на претходни години.

„Бројките на пациенти со сезонски грип до минатата година, и гледано повеќе години наназад, биле околу 20 илјади, а оваа година се 37 илјади“, вели Филипче.

Тестот ќе почека

Првиот случај на заразен со коронавирус беше откриен на 26 февруари. Се работеше за македонска државјанка која се врати болна од Италија- епицентарот на коронавирусот во Европа. Таа во меѓувреме се излечи и беше отпуштена од болница, но остана генералниот став дека првичните кластери на болеста во земјава се формираа од повратници од странство. 

- повеќе: Правила и дозволи за време на полициски час

Сепак, наскоро нема да дознаеме дали Ковид-19 бил присутен во земјава и пред првиот официјално откриен случај. Примероците на заболените од сезонски грип се чуваат во Институтот за јавно здравје, но тие ќе бидат анализирани откако ќе се намали бројот на новозаразени со коронавирус. 
„Нашиот фокус сега е дијагностицирање и откривање нови пациенти. Анализа за коронавирус на материјалите од заболените од грип ќе има, но засега, поради големиот број нови пациенти, нашиот фокус е на пациентите со симптоми на болеста“, вели Филипче.