1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДИК ја отвори Пандорината кутија

27 октомври 2021

Дали врз основа на нееднаков третман на неважечките ливчиња во првиот и во вториот круг, кандидатите сега може да го оспорат изборниот процес?

https://p.dw.com/p/42E9m
Nord-Mazedonien Skopje | Kommunalwahlen
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Измената на Упатството за важечки и неважечки гласачки ливчиња што вчера ја донесе ДИК, само пет дена пред вториот круг од локалните избори, може да биде вовед во хаос. ДИК соопшти дека ги известила и ги задолжила Избирачките одбори задолжително да постапуваат според членот 109 став (2) и да ставаат печат на секое гласачко ливче, но доколку има ливчиња без ставен печат, за таквите да постапат согласно член 115, а во врска со член 110 од Изборниот законик и таквите ливчиња да бидат важечки доколку волјата на гласачот е јасно изразена.

Менувањето на правила меѓу два изборни круга ги става во нерамноправна положба учесниците во  изборната трка.  Да не забораваме дека во некои општини кандидатите ја завршија трката во првиот изборен круг со минимална разлика меѓу нив, во ситуација на голем број неважечки ливчиња. Легитимно е тие сега да го постават прашањето - колку од тие неважечки ливчиња би биле важечки според сега изменетото упатство? И колку од тие  кандидати  ќе можеле да победат уште во првиот круг, доколку при постоење на ливчиња без печат се мерел единствено фактот дека волјата на гласачот била јасно изразена на нивна страна?

Имајќи го тоа предвид, одлуката на ДИК да го измени упатството, отвора повеќе прашања. Може ли сега некои кандидати да побараат стопирање на вториот круг сѐ додека не се направи ревизија на неважечките ливчиња од првиот круг, заради истата основа поради која е изменето упатството? Што ако се утврди дека на нивно конто треба да се додадат уште гласови кои неправилно им биле одземени, и дека практично победиле уште во првиот круг? Може ли кандидатите да побараат јавно прегледување на неважечките ливчиња? Дали врз основа на нееднаков третман на неважечките ливчиња во првиот и во  вториот круг,  тие сега може да го оспорат изборниот процес? Во кои „рокови“ ќе ги вложат нивните приговори за ова, со оглед дека никој навреме не можел да претпостави што ќе реши ДИК пет дена пред вториот круг. Или ќе мора да одат пред Уставен суд?

Очигледно, ДИК го најде најкусиот пат за отворање на Пандорината кутија. Комисијата има право да носи упатства, но не да ги менува правилата на игра меѓу два изборни круга. Па дури и сите кандидати од икс причини да се „помират“ со изменетето упатство (ако не дале приговор на присуството на гласачки ливчиња без печат во кутиите, што отвора и ред други сомнежи), сигурно е дека кај гласачите ќе остане чувството на недоверба, но и на демотивација. Зошто да одат на гласање - за да добијат ливче без печат? И немаше да се чудат на ваква постапка ако во ДИК седеа членови кои по професија се нешто друго, а не „големи“ правници.

Членот 109 став 2 од Изборниот законик е јасен: „Гласачкото ливче се откинува од кочанот на блокот по нумерички редослед, му се става печат на предната страна и потоа му се дава на избирачот“.

Зошто членови на Избирачки одбори не ставале и не би ставале печат на избирачките ливчиња, кога тоа е им е законска обврска? Кој ги обучувал, како ги обучувал, и кој ќе сноси одговорност за вакви пропусти или можеби намера? Сомнежот ќе постои се додека отсуствуваат јасни одговори.

Второ,  Државната изборна комисија  ќе треба да објасни што значи нејзиното известување до Избирачките одбори „задолжително да постапуваат според членот 109 став (2) и да ставаат печат на секое гласачко ливче“, ако во истата реченица не само што не исклучува да се случи спротивното, туку и ги утврдува условите под кои едно мртво ливче (без печат) би се вратило во живот.

Nord-Mazedonien Skopje | Kommunalwahlen: Aleksandar Dastevski, Präsident der Wahlkommission
Александар Даштевски, претседател на ДИКФотографија: Petr Stojanovski/DW

Не смее да постојат ливчиња без печат. На ваков начин Избирачките одбори не се мотивираат да го почитуваат член 109 став 2. Ставањето печат е една секунда работа, а луѓето седат во ИО за да ги спроведат сите законски постапки за фер и  кредибилен изборен процес,  а не за да не ги спроведат.

За потсетување, во првиот круг од гласањето за градоначалници во 80 општини имаше 44.833 неважечки ливчиња, а во Град Скопје 15.940 неважечки ливчиња, или заедно повеќе од 60.000. Колку од нив биле без печат? ДИК мора да соопшти. Зашто ако се обидува тој пропуст сега да го покрива со изменето упатство, а на штета на еднаквите услови во изборниот процес, тогаш вториот круг може да се претвори во деветти круг од пеколот. А цената за (не)одговорноста, кој ќе ја плати?