1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пеколот е во вториот круг

26 октомври 2021

Зачудува што премиерот и владата наместо да си ја работат својата работа, прифатија неразумна реторика дека поразот, или победата на локални избори треба да ја одредува судбината на владата. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/42Anp
Nord-Mazedonien Skopje | Kommunalwahlen
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Патувањето на грешните души до пеколот во девет круга на Данте Алигери во Божествената комедија во Македонија се одвива во живо во скратено издание само од два круга. Кој ќе чека цели девет круга измачување на градските и селските кметови и на нивните бројни фанфари, камбани, труби и таламбаси. Таа голема ѓурултија и шамата ни се одвива пред очите и ушите за да обневидиме, оглувиме и оглупавиме за да веруваме на ѓаволските работи кога гулабот се престорува во орел, а волкот во јагне.

Најголемите црнила на комуналните избори за  градоначалници во годината 2021 се истураат врз сетилата на граѓаните меѓу првиот и вториот круг како во војна на живот и смрт. Фронтот е по линија на живото ткиво и оди по секоја улица, куќа и зграда и влегува во секое семејство. Следиме голема парада на примитивизам, провинционализам, простотилак, омраза, лажење, крадење.... ај да скратам малку оти ги има многу повеќе од десетте Божји заповеди.

Како наближува 31 октомври секој ден осамнуваат чудеса, видеа, снимки, разни документи за насилства, злосторнички здруженија на параполиција која ќе стрела и убива само за преживеаните во првиот круг на пеколот да станат ангели победници во вториот круг.

Изборите се фер само кога победува ВМРО ДПМНЕ

Денес, утре се до црниот петок на 29 октомври, ако не победи ВМРО ДПМНЕ и по 31 октомври ќе трештат тревогите за големата кражба на изборната победа. Ако пак победат, се разбира, тоа ќе бидат фер и демократски избори како никогаш досега. Изборите се фер и веродостојни само кога победува ВМРО ДПМНЕ, се друго е кражба. Лагите за ликвидации и злосторнички здруженија на партиската полиција, за апсења и закани на опозициските политичари и кандидати за градоначалници по победата ќе станат небитни како вообичаен предизборен фолкор. Новата ера на преродба во илјада чекори за модернизација на Македонија може да почне.

Она што е ветено во предизбораната кампања на секое населено место од најзафрленото, па се до главниот град не е остварливо ниту за илјада години. Тоа не треба да се докажува. Почнете да пребројувате ако немате попаметна работа и веќе по неколку часа ќе се откажете од долгите списоци на желби и глупости. Но, тоа воопшто не е важно кога и онака никој не верува веќе на предизборни ветувања, како што не верува ниту во тоа што навистина е направено.

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов, колумнистФотографија: privat

Што будала може да замисли ни држава не може да плати

Во карикатуралната демократија, како што се подразбира кај нас, може букавлно да се вети се што ќе им падне на памет на политичките партии и на кандидатите за градоначалници. На пример можат да гарантираат со убави зборови и лансирање на првиот македонски сателит во вселената кога ќе дојдат на власт во градовите, иако ќе немаат никаква власт, ни пари.

Сите во хор велат ќе обезбедат почист воздух. Ќе дишеме почист воздух само затоа што дошол новиот градоначалник во градското Собрание. Реките и езерата ќе се избистрат заедно со промените на кметовите. За само четири години во Македонија ќе се отворат над 200 големи паркови. Ќе се изградат околу 600 километри фекални канализации и уште толку атмосферски, 500 километри водоводи, 250 километри булевари, околу 250.000 паркинзи во катни гаражи и улични паркиралишта, и стотина километри слободни пешачки зони, ќе се купат над 500 електрични автобуси, градскиот превоз секаде ќе биде бесплатен, нема да не чуди деновиве да се вети и бесплатен меѓуградски сообраќај и со автобуси и со возови. Валканата тешка индустрија ќе се дислоцира од големите градски центри. Ќе се изгрдат 100 нови училишта и околу 150 градинки. Нема ништо да се гради што ќе го дехуманизира просторот и ќе ја нарушува човековата околина. Ќе се исчистат дивите депонии, а не се кажува каде ќе се фрли отпадот оти никој не вети изградба на депонии во неговата општина кај што ќе кметува градоначаникот кој нема ни денар во најголемиот број општински каси, ни овластувања нешто да направи и при најдобри намери. Поточно има натрупано милиони денари долгови.

Кажано поразбирливо тоа што будали можат да замислат тоа ни држава не може да плати.

Така дојдовме до најголемата будалаштина, а тоа е да се прифати локалниот казан со папазјанија како главна кујна за опстанок на државата. Налудничавиот амбиент со пребројување на гласови заедно и баби и жаби во еден кош се престори во парламентарни и претседателски избори каде што некои жешки глави сега се гледаат како премиери и претседатели на државата, па илјадници пати дневно повикуваат на јуриш да се спаси државата од домашни непријатели и предавници.

Енергетската криза може да не врати 40 години назад

Зачудува што и премиерот и владата наместо да си ја работат својата работа за што се избрани и имаат уште над две години мандат прифатија една неразумна реторика и јавна расправа дека поразот, или победата на локални избори треба да ја одредува судбината на владата без да се одржат редовни или предвремени парламентарни избори. Во ситуација кога пандемијата се уште коси животи најмногу поради отпорот кон имунизација на населението со вакцинација под 50 отсто и кога на земјата и се заканува енергетска криза и рестрикции на потрошувачката на електрична енергија кои можат да не вратат 40 години назад, крајно несериозно прозвучуваат лицитациите со оставки. Тие што не го виделе овој мрак во осумдесетите години од минатиот век не можат ни да претпостават колку е тоа страшно кога со часови нема струја, а градовите се во темница среде зима.

Да се фрлат толку милиони евра чии точни износи никогаш нема да се дознаат на  комунални предизборни кампањи наместо поголем дел од тие средства да одат за едукација на граѓаните за неопходноста од вакцинација и за ублажување на последиците од неопходните построги мерки и ограничувања како би се совладала пандемијата, сега повторно да се втурнеме во предизборни парламентарни кампањи која чини десетици милиони евра и неколку месеци изгубено време во енергетски неизвесна зима, може да биде со катастрофални последици. Не помалку штетно е сега да се троши време на предизборна парламентарна кампања која би ја продолжила неизвесноста околу почетокот на преговорите со ЕУ по наша вина.

При овие реални и веќе најавени кризни ситуациии од стручни луѓе да се дигаат локалните изборни резултати на ниво на вонредни парламентарни избори е најблаго речено несериозна и крајно загрижувачка работа.

Стравот од блокади во општините наспроти владата е оправдан, но е меч со две острици. Блокадите ако се терање меѓупартиски инат на сметка на граѓаните можат да бидат многу контрапродуктивни за тие што ги поставуваат. Зборовите на премиерот Зоран Заев дека владата не може да влече напред без Скопје прозвуче како најава на оставка, која остана не докрај разјаснета. СДСМ и коалиционите партнери тоа мора да го разјаснат јавно и категорично.

Веќе се набројани повеќе примери во светот каде што локалната власт, градоначалниците, премиерите и коалиционите влади, па и претседателот на државата се од различни партии, но системот функционира бидејќи таму важат законите. Проблемот кај нас е функционирањето на институциите на системот и кога во парламентот коалиционите партнери имаат тенко мнозинство и кога имаат апсолутна власт со двотретинско мнозинство. Зависноста на институциите на системот од партиите и неразвиената локална самоуправа се најголемиот проблем на македонската демократија. Таму се изворите на блокадите на владеењето на правото и исплатливоста на криминалот и корупцијата.

Она што во овој момент е најнеопходно да се одбегне политичката криза е студени глави и нормализација на ситуацијата. Резултатите од локалните избори од промените што ќе настанат ќе треба да се потврдат со остварување на ветувањата. Само така можат да се дадат оценки за успешноста на секоја власт.