1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Десетмина сами се пријавиле да сведочат за пожарот во Тетово

ДТЗ
18 ноември 2021

Се комплетира досието од илјадници страници по двомесечната истрага за пожарот во ковид-центарот. Сослушани се 50-тина сведоци, пристигнаа две важни вештачења, се чека само вештачењето од Германија.

https://p.dw.com/p/437ge
Nordmazedonien Brand im Krankenhaus in Tetovo
Фотографија: Visar Kryeziu/AP Photo/picture alliance

Десетина сведоци сами се пријавиле во тетовското обвинителство за да раскажат што се случувало ноќта на 8 септември кога само за неколку минути изгоре модуларната болница, во која се лекуваа ковид-пациенти. Станува збор за лица кои вечерта биле присутни во  ковид центарот - дел од нив се лекувале, а останатите биле придружба на своите блиски заразени со ковид. Сите тие сведочеле за миговите кога настанал пожарот и нивниот обид да се спасат бегајќи низ прозор. 

„Од нигде-никаде се појавија луѓе за кои ние воопшто не знаевме дека ноќта биле во модуларната болница. Тие доброволно дојдоа во Обвинителството и посведочија дека биле таму во моментот кога избувнал пожарот. Тие биле сместени во други соби, но почнале да бегаат низ прозорците за да се спасат, кога огнот почнал да се шири“, вели за ДВ првиот човек на тетовското обвинителство, Бесир Алиу. 

Тој е благодарен што тие самите се понудиле да помогнат во расветлување на истрагата за пожарот во тетовската ковид-болница, кој имаше трагичен епилог. 14 лица загинаа, а повеќемина беа повредени во огнената стихија. 

„Нивното сведочење е од голема корист, тие беа сослушани во својство на 'лица што даваат потребни известувања“, појаснува Алиу. 

Nordmazedonien Brand im Krankenhaus in Tetovo
Нови сведоштва за миговите кога настанал пожарот и обидот на пациентите да се спасат бегајќи низ прозор. Фотографија: Visar Kryeziu/AP Photo/picture alliance

Ова ги потврдува изјавите на родините на пациенти во ковид-центарот кои ден по несреќата тврдеа дека биле придружба и се грижеле за своите најблиски, иако тоа е строго забрането со лекарските протоколи. Поради ваквото непочитување на упатствата на Министерството за здравство,  модуларните ковид-центри се најдоа под лупа и на Државниот санитарен и здравствен инспекторат кој изврши вонреден инспекциски надзор во 18 модуларни болници. Меѓутоа при извршените надзори не беа констатирани недостатоци. 

Се чека само германското вешачење 

Петмината обвинители коишто работат на истрагата полека го комплетираат досието за пожарот во Тетово. Од тетовското обвинителство велат дека е долга листата на сведоци коишто биле сослушани во изминатиот период - околу 50 лица се појавиле пред истражните органи, а комплетиран е и материјал од неколку илјади страници во текот на двомесечната истрага за трагедијата во Тетово. Досега се обезбедени и видео-снимки од ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбени згради, куќи, како и обезбедување на целокупниот видео-материјал објавен, како од индивидуални поединци, така и од социјалните мрежи. 

Ковид-центарот во Тетово по катастрофалниот пожар

„Се чека само вештачењето од Германија, кое што само што ќе го добиме, веднаш ќе го објавиме“, уверува Алиу. 

Експертскиот тим од Бундескриминаламт или Сојузната  криминалистичка полиција (БКА) чиј делокруг на работа е токму во национална и меѓународна соработка, истраги, истражувања и развој пред два месеци беше во земјава. Тие во своите лаборатории вршат вештачење на примероците земени од увидот по пожарот и се очекува наскоро да дадат одговор како е можно само за неколку минути да изгори цела болница. 

Комплетирани две домашни вештачења

Обемната документација содржи и два извештаи - оној којшто го изготви крим-техника од МВР, а којшто веќе беше објавен во јавноста, како и вештачењето од Технолошкиот факултет за градбата, кој минатата недела пристигна кај истражните органи. Извештајот на МВР посочи дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат. 

Nordmazedonien Brand im Krankenhaus in Tetovo
Се чека уште вештачењето од Германија за да се комплетира досието за истрагата.Фотографија: Visar Kryeziu/AP Photo/picture alliance

Ваквите сознанија на вештаците се поклопуваат со сведочењата на пациентите и нивни роднини коишто биле присутни во ковид-болницата, а коишто за медиумите раскажаа дека во моментот кога се случил пожарот лекарите се обидувале да реанимираат девојче, кога се случила искра од кабелот на дефибрилаторот, по што пламенот за неколку минути ја проголтал целата модуларна болница. 

Вториот важен извештај е од Технолошкиот факултет за градбата кој се фокусираше на изградбата на модуларната болница, која изгоре за само неколку минути. Тој треба да даде одговор за материјалите од кои е изградена болницата според проектот, нивните својства и дали тие се според пропишаните стандарди. Детали од извештајот не се споделуваат, но Алиу за ДВ вели дека е задоволен од изготвениот документ. Оценува дека извештајот е направен стручно, со користење на најсовремени методи за вештачење во лабораторија и во наредниот период ќе биде анализиран заедно со другите документи прибавени во истрагата. 

Вештачењето било фокусирано конкретно на два материјали коишто беа спорни во јавноста по избувнувањето на несреќата, кога беше обелоденето дека модуларниот објект е граден со ПИР место со ПУР пена. 

Сведоштво за хаосот во тетовскиот ковид-центар

Дојче веле ја објави проектната листа за модуларната болница во Тетово во која беа наведени надлежностите на централната и локалната власт, како и на првите луѓе на тетовската Клиника.  Министерството за труд и социјална политика заедно со претставници на Светска банка го спроведувале, а локалните власти и директори требало да го контролираат квалитетот и функционалноста на модуларните болници, покажуваат документите до кои дојде Дојче веле. Во план била лесна, брза и монтажна изградба на објекти по принципот клуч на рака. Притоа се користеле ПУР материјали, кои според експертите, не нудат доволна заштита при пожари. 
Од Општина Тетово тогаш излегоа со тврдење дека тие немале никаква надлежност во фазите од изградбата и контролата на објектот. Документите, како и Светска банка како дел од проектот, потврдуваат дека конкретната одговорност за објектот, по примопредавањето, била на директорот и персоналот во болницата. Но, во јавноста се поставија многу дилеми за пожарот во болницата кои се однесуваат на квалитетот на објектот, неговото менаџирање и надлежностите. Министерството за здравство, пак, тврдеше дека сите 19 модуларни ковид-болници во државата, вклучително и тетовската, која изгоре во страотен пожар, се типски објекти, градени по највисоки стандарди. Според нив, пропусти во изградбата нема

Нема епилог ни истрагата на Русковска 

По катастрофалниот пожар, обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска даде наредба Бирото за јавни набавки да ѝ ја достави целокупната документација за јавните набавки за сите модуларни болници во државата. Но, и по две месеци нема информации до каде е проверката на тендерската документација. Руковска за ДВ вели дека „засега нема ништо ново“.  

-повеќе на темата: Што знаеме досега за трагедијата во Тетово: Повеќе прашања од одговори

Претставниците на граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово” неодамна одржаа прес-конференција на која побараа властите да дадат одговори околу одговорноста.

„Нема детали од истрагата на Обвинителството за организиран криминал и корупција за тендерот и модуларните болници, дали ги исполнувале основните стандарди за безбедност, управување и одржување. Досега немаме конкретен одговор дали болницата имала или не систем за противпожарна заштита“, рече Хамди Сулејмани, советник од иницијативата „Подобро за Тетово”.

Тоа што меѓу жртвите има и членови на семејствата кои биле принудени да се грижат за своите роднини, според него, е уште едно кривично дело за кое обвинителството мора да бара кривична одговорност од управата на болницата. „Истрагите треба да се спроведуваат без да се штеди никој, на која и да е државна или партиска позиција. Нулта толеранција за културата на неказнивост! Се додека нема одговорност, во Тетово нема да има спокој“, порача тој. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема