1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да нема преговори додека траат приговори за СЈО

Катерина Блажевска24 јуни 2016

Какви било меѓупартиски преговори за точките од 'Пржино' се излишни, додека сите потписници не го поддржат работењето на СЈО, вели лидерот на Либералната партија, Ивон Величковски.

https://p.dw.com/p/1JCIA
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Власта жестоко ја критикува одлуката за привремено замрзнување на опозициското учество во парламентот сè додека Уставниот суд не се произнесе за уставноста на СЈО, од „Шарената револуција“ ја поздравуваат, а некои опозициски партии укажуваат излишно е да се водат какви било преговори се додека не се обезбеди поддршка за СЈО од сите потписници на Договорот. Последниов став решително го застапува претседателот на Либералната партија, Ивон Величковски.

„Ако по обраќањето на Иванов опозицијата го 'замрзнува' учеството во Собранието, а партиските тимови сепак продолжуваат некакви преговори за списоците или за медиумите наместо за гарантирање на работата на СЈО, единствено логично прашање е каде прво да се организираат протестите - пред 'Клубот на пратеници' или пред 'Бихаќка'“, реагира Величковски.

Тој аргументира зошто е илузорно во исто време да се одвиваат и „преговори“ и „замрзнување на собраниските активности“.

„Иванов го нападна постоењето и тимот на СЈО. Со дикцијата што ја употреби, тој го упати Уставниот суд да го поништи постоењето на СЈО, придружувајќи му се на Груевски. Тоа јасно потврдува дека какви било меѓупартиски преговори по која било од точките од 'Пржино' се излишни, додека сите пржински потписници недвосмислено не го поддржат работењето на СЈО во јавна и заедничка изјава, како што веќе предложи Либералната партија. Преговори од кој било вид и за која било друга тема се во корист на тезите на Иванов и Груевски. Може да се разговара само за формата на поддршка на СЈО, а не да се глуми 'нормална состојба'“, предупредува Величковски.

Kombibild Politiker Mazedonien

Според лидерот на ЛП, откако ќе се постигне согласност за таква поддршка на СЈО, на првата наредна средба на лидерската четворка треба да се побара помош од меѓународните претставници за изготвување акциски план за спроведување на препораките на извештајот на Прибе.

„Цивилната контрола врз тајните служби, медиумите, одвојувањето на партијата од државата, избирачкиот список.., се нотирани слаби страни на секои, па и на 'брзите' избори за кои се залага Заев. И граѓанските протести покажаа дека без реформи, нема фер и демократски избори. Се друго е само тесна партиска калкулација. Ова укажува на потребата не само партии, туку особено граѓански претставници и експерти од областите да дадат придонес во креирањето одржлив и транспарентен пат на излез од кризата“, сугерира Величковски.

Поразителен пресек од Пржино

Во експертската јавност се согласуваат дека е нужна одбрана на СЈО, кое стана најважната придобивка од пржинскиот Договор и главна алка во синџирот кој треба да го расплете јазолот. Од тој аспект, не ги изненадува одлуката на опозицијата.

„Заев безмалку ги поистоветува своите политички барања со платформата на 'шарената револуција' и граѓанските организации, за што има две главни причини, од кои едната принципиелна, а другата прагматична“, објаснува комуникологот Петар Арсовски.

„Првата, принципиелната, говори дека мора да има некаков напредок во реформите, а симболот и фокусот на наопходните предуслови за нормализацијата на состојбата е СЈО. Оваа институција е најважната алка во синџирот кој треба да го расплете јазолот, во кој заглавивме како општество. Притисокот е тука важен, зашто ако се има предвид фактот дека СЈО се уште 'виси' (како институција, а по нивните предмети судовите постапуваат лаконски), и дека Груевски иако формално е во оставка се уште да ги држи конците во своите раце, тогаш салдото од Пржинскиот договор во моментов е: опозицијата се врати во Собраниете и 'бомбите' престанаа да се емитуваат. Тоа е поразителен пресек, и мислам дека во таа смисла овие барања имаат принципиелна смисла. Втората, прагматичната причина, е дека Заев ги координира сопствената платформа со позициите на 'Шарената револуција', зашто тоа е неговиот најдобар резарвоар гласови и политичка енергија, па ширењето и легитимирањето на ваквите барања му оди во прилог“, констатира Арсовски.

СЈО беше формирано со договор на четирите партии, а обинителката Катица Јанева избрана од парламентот со рекордно мнозинство од 108 гласа „за“, без ниту еден глас „воздржан“ или „против“. Денес СЈО ужива висока доверба кај граѓаните, која според последната анкета на ИРИ изнесува околу 63 отсто. Довербата падна единствено кај владејачката ВМРО-ДПМНЕ, откако нејзини функционери се најдоа во својство на осомничени во предметите на ова обвинителство.

Вчера оваа партија жестоко го искритикува потегот на опозициските пратеници, оценувајќи го како „невидена бламажа и невиден притисок врз судот во демократска Европа“.

„Ова го нема ниту во една европска земја. Замрзнувањето на нивната работа во Собранието не е добро и ја продлабочува кризата во Република Мекедонија. Со продлабочување на кризата, губи народот и губи државата. Сигурни сме дека на крајот ќе загуби и виновникот за оваа состојба, а тоа е СДСМ“, рече на прес-конференција Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.

Парламентот и СЈО - важни за демократијата

Опозицискиот потег вчера беше проследен и со меѓународни реакции. Европската комисијата порача дека учеството во работата на Собранието е клучна за развојот на европската демократија и дека Договорот од Пржино е најдобар начин за земјата да излезе од актуелната криза.

„Неучествувањето во парламентарните активности ги спречува демократските функции на овие институции и не обезбедува поголема рамнотежа на политичката моќ. ЕК ги повикува политичките лидери да се однесуваат одговорно и да ги зајакнат демократските процеси во интерес на нивните граѓани и на евроатлантска индина на земјата“, изјави за новинската агенција „Мета“ портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич. Таа ги повика политичките лидери и другите државни институции да го почитуваат и да не се мешаат во работата на СЈО.

Mazedonien, Parlament
Фотографија: AFP/Getty Images/R. Atanasovski

Парламентот е клучна институција во секоја демократија, оцени и амбасадата на Велика Британија во Македонија.

„Се надеваме дека сите пратеници ќе ја исполнат својата демократска улога, ќе ја користат својата позиција и влијание да го зајакнат владеењето на правото во Македонија“, се вели во оценката на амбасадата.

По критиките за работата на СЈО од страна на претседателот Иванов, од амбасадата потсетуваат на важноста на СЈО за излезот од политичката криза.

„Работата на Специјалното обвинителство е клучен дел од Договорот од Пржино и основа за одржливо решение на политичката криза. СЈО беше договорено од четворицата партиски лидери што го потпишаа Договорот од Пржино, а СЈО доби целосна поддршка во Собранието. Сите страни треба да продолжат да даваат целосна поддршка и да се воздржат од постапки кои ќе ја поткопуваат неговата работа“, порача амбасадата на Велика Британија.

Им ги преведува ли некој изјавите на Иванов на претставниците на меѓународната заедница - коментираат аналитичари. Потсетуваат дека тој не го оспорува само СЈО, туку и пржинскиот Договор го смета за наметнат, а не за прифатен од четирите партии, поради што сметаат дека адресите на критиките мора да бидат попрецизни.

Иванов во своето завчерашно обраќање, посочувајќи виновници за нарушување на правната држава, најдиректно го соопшти неговиот став за Договорот од Пржино.
„Правната држава ја нарушија лидерите на СДСМ и ДУИ бидејќи уставниот поредок не им беше доволен за да се сретнеме, да седнеме и да се договориме, туку трчаа во амбасадите на странските држави. Правната држава, сувереноста и независноста ги загрозија овие двајца неодговорни политички лидери кои придонесоа да го добиеме договорот од Пржино“, обвини Иванов.