1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Шарената револуција“ бара од пратениците да го заштитат СЈО

СН/шр22 јуни 2016

Во отворено писмо „Шарената револуција“ од народните претставници побара да не учествуваат во работата на Собранието сѐ додека Уставниот суд не се произнесе за уставноста на СЈО и не се обезбеди граѓанско учество.

https://p.dw.com/p/1JBBO
Фотографија: picture-alliance/dpa/EPA/G. Licovski

„Шарената револуција“ денеска упати повик до пратениците во македонското Собрание да дејствуваат веднаш и да им помогнат на граѓаните да ја обезбедат заштитата на Специјалното јавно обвинителство кое, како што се вели во писмото, е институција-симбол на правдата, институција која пратениците ја изгласале без ниту еден глас против: „Бараме од вас да застанете и во одбрана на Член 2 од Уставот на Република Македонија и да им помогнете на граѓаните да се изборат за тоа дека 'Суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.'", стои во писмото во кое „Шарената револуција“ порачува дека по 70-дневните протести и улични дејствија изграден е јасен граѓански политички и вредносен став во актуелната криза во Македонија од кој нема отстапување.

Во таа насока е и апелот до народните претставници: „Пратеници, за да покажете дека стоите во одбрана на правдата, суверенитетот на граѓаните и Уставот, од вас бараме да не учествувате во работата на Собранието сѐ додека Уставниот суд не се произнесе за уставноста на Специјалното јавно обвинителство и сѐ додека не се гарантира учество на претставници на граѓанскиот сектор во разговорите и преговорите за излез од политичката криза, во улога на набљудувачи, извествувачи за јавност и консултанти“.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: DW/K. Ozimec

Од пратениците се бара да дејствуваат веднаш и пред очи да ја имаат итноста на ситуацијата и решителноста на граѓаните да не се откажат од своите зацртани цели:

„Погледнете ја бојата врз зградата на Собранието на Република Македонија, тоа е порака и повик до вас да се одважите и да дејствувате одговорно, или ако веќе сте на страната на правдата да продолжите да се борите за неа уште посилно“, се вели во писмото во кое се потсетува на останатите барања на граѓанското движење: „Оставка од актуелната влада на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ и формирање на преодна влада која до крај ќе ги спроведе итните реформски приоритети од извештајот на Прибе и ќе создаде услови за фер избори; формирање на специјално одделение во Кривичниот суд, надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО; процесот на решавање на кризата да се одвива на територија на Република Македонија; оставка на Ѓорѓе Иванов од функцијата Претседател на Република Македонија.“