1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Русија ја финансира анти-ЕУ кампањата во Албанија?

БГ
20 јануари 2020

Германскиот весник Билд ја отвора дилемата за можна руска инволвираност во обидите да се блокира Тирана на патот кон ЕУ и тоа преку најголемата опозициска партија во Албанија. Спорни се врските на Баша со канадски лобист

https://p.dw.com/p/3WSaX
Albanien, Der albanische Oppositionsführer der Demokratischen Partei, Lulzim Basha (C), spricht mit seinen Unterstützern während einer Protestkundgebung gegen die Wahl des neuen Staatsanwalts vor dem Parlament in Tirana
Фотографија: Reuters/F.Goga

Тоа што најголемата опозициска партија во Албанија, Демократската партија на Љуљзим Баша со сите сили се обидува да ја спречи земјата да започне преговори со ЕУ преку продлабочување на внатрешните конфликти, можеби лежи во интересот на Русија во регионот, тврди Билд во истражувањето објавено викендов.

Најтиражниот германски весник ги поврзува Баша, канадскиот лобист и политички стратег Ник Музин и неколку руски компании поврзани со Кремљ, и тврди дека постојат докази за нивно активно лобирање во полза на блокада на европските интеграции на земјата.

Документите на американското министерство за правда покажуваат дека Музин бил ангажиран за лобирање од албанската опозициска партија. Музин не е било кој. Тој е еден од најпознатите лобисти во Северна Америка чија листа на клиенти ги опфаќа поранешниот претседател Џорџ Буш, сенаторите Тед Круз и Џон Мекејн, како и Доналд Трамп. За тримесечен ангажман, Музин добил 675 илјади евра од Демократската партија на Албанија. Висината на хонорарот и потеклото на парите сега отвораат многу прашања за Баша, чиј потпис стои на договорот. Затоа што како хонорар биле наведени на три пати по 25 илјади долари, а исплатени далеку повеќе.

Во јуни минатата година, поради оваа исплата, обвинителството во Албанија започна постапка против Баша. Опозицискиот лидер ги отфрла сомнежите и тврди дека власта против него води валкана кампања.

Од каде тогаш дошле парите?

Според актите на американските власти, најголемата исплата ја извршила фирмата „Биниат трејд“ со седиште во Единбург, Шкотска.
„Трагите на ’Биниат трејд’ водат низ целиот свет: од Шкотска преку Белизе и оттаму до Русија“, пишува Билд. Но формално, фирмата не поседува такви средства, затоа што според основачкиот акт во Британија, таа има само 100 фунти почетен капитал. Во приказната тука се вклучи американскиот магазин „Мадр Џоунс“ кој уште минатата година откри дека зад шкотската оф-шор компанија всушност стојат повеќе влијателни руски бизнисмени. Еден од нив е Евгениј Шереметјев кој поседува удели во повеќе руски фирми.

„За албанскиот премиер Еди Рама ова е јасен сигнал дека зад активностите на лобистот Музин стои Русија. Затоа што Русија нема интерес од приближување на Албанија кон ЕУ“.

„(...) Дубиозните махинации сепак се покажаа успешни иако ЕУ ја предупреди опозицијата дека бојкотот на парламентот и внатрешнополитичката дестабилизација можат да го загрозат патот на Албанија кон ЕУ“, пишува Билд.