Кризата во Албанија продолжува и по изборите
1 јули 2019Ова беа првите избори во посткомунистичка Албанија без учество на опозицијата, на кои повеќе од 50% од кандидатите на локалните избори за градоначалници немаа ниту еден конкурент. Портпаролката на Централната изборна комисија, Дрилона Хоџа, по затворањето на избирачките места изјави дека „одзивот на граѓаните е 21,6%“. Најслаб одзив имало во општина Лежа, каде на гласање излегле само 8,93% избирачи, а највисок во општина Пустец, каде доминира македонското малцинство и каде гласале 55% од избирачите.
Според албанската опозициска Демократска партија на Љулзим Баша, која ги бојкотираше изборите, одзивот на изборите е 15%. Инаку, во 31 општина, од вкупно 61, кандидатите на Социјалистичката партија немаа противкандидати, иако на изборите, како што информира Државната изборна комисија, учествувале 36 партии, поделени во две коалиции: „Алијанса за европска Албанија“ и „Коалиција Надеж за промени“. Девет партии настапуваа самостојно.
За гласањето да тече мирно се грижеа околу 12.000 полицајци. Според официјалното соопштение на Канцеларијата на јавниот обвинител, поднесени се кривични пријави против три лица, а двајца се уапсени под обвинение за попречување на изборниот процес.
Опозицијата ја обвинува владата на Социјалистичката партија на премиерот Рама за изборна измама и корупција. Претседателот на Албанија, Илир Мета, се обиде со декрет да ги одложи локалните избори, со образложение дека тензичната ситуација во земјата оневозможува демократско гласање. Рама го прогласи Мета за „ненадлежен“ за одлагање на изборите, по што Изборната комисија дозволи одржување на изборите на 30 јуни.
Повеќе:
Локални избори во Албанија - се стравува од немири
„Актуелната политичка елита никогаш нема да ја внесе Албанија во ЕУ“
Рама вчера оцени дека изборите се „историска поука“ која ниту една од партиите нема да ја заборави. „Демократијата не е само фраза. Избирачите имаат право да се одлучат помеѓу гласање и негласање, но мора да го почитуваат и правото на другите на гласање“, рече тој откако го даде својот глас на локалните избори. Рама ѝ подаде и рака на опозицијата за соработка, со цел да се реши парламентарната криза во земјата и на земјата да ѝ се помогне во отворањето на преговорите со ЕУ. „Ние сме подготвени да соработуваме на патот на европската интеграција“, рече Рама.
Лидерот на Демократската партија, Љулзим Баша, на тоа одговори дека „со Еди Рама на врвот на Албанија не може да има слободни и фер избори и дека промените ќе дојдат наскоро“.
Опозицијата со месеци демонстрира против владата на Рама. Демократската партија бара оставка на премиерот и предвремени парламентарни избори.