1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали „Македонија е се што имаме“?

3 април 2021

Дали безбедносниот систем е поставен на здрави темели или е вистинско време да се отвори прашањето за негово редефинирање врз принципот на 3Д- департизација, декриминализација и деполитизација. Пишува Марјан Ѓуровски

https://p.dw.com/p/3rXsX
Nordmazedonien, Skopje: Mazedonien Namensänderung
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Perkovksi

„Македонија е се што имаме“, тоа се зборовите на нашиот прв претседател по осамостојувањето. Тешко и болно изборено осамостојување, осамостојување кое носи иста тежина, како и зборовите на Киро Глигоров искажани од собраниската говорница на седницата за избор на претседател. И после толку изминати години од осамостојувањето се уште не ја сфативме тежината на таа негова мисла, на тие негови зборови. Низ сите изминати години, се чини дека најмалку мислевме на сопствената татковина. На моменти се запрашуваме: Дали поголемиот дел од македонската политичка елита ја сфатиле?

До овие дилеми дојдов преку размислување на еден млад човек кој ми беше доволна инспирација јавно да го поставам прашањето: Дали и како одговоривме на потребите на времето и на просторот како безбедносен систем на државата?!

Инспирација за оваа анализа се две различни генерации. Првиот е студент од Битола, а вториот е редовен професор во пензија. Две различни генерации, а со исти размислувања и заложби за промени во својата татковина.

Еден млад човек, амбициозен, амбасадор на својата земја преку спортот, пред пишувањето на неговиот есеј ме прашува дали ние како држава и систем одговоривме на потребите на времето и просторот? Мојот студент иако себеси се вбројува во категоријата на суверенисти, во нашето членство во НАТО ја гледа најпозитивната страна на паричката. Многумина ќе речат дека најголемата придобивка е зачувување на територијалната целост на државата, но за мене и колегата најголемата придобивка треба да биде реформата во безбедносно-воениот апарат, а потоа и целокупниот систем. Нашата војска и државно - безбедносен апарат треба да бидат прочистени од кадри кои можеби долго време работеле за туѓи интереси во нашата земја. Реформата во овој домен немаше да се случи доколку не пристапевме кон членството во НАТО. Истата ни е и тоа како потребна, затоа што долги години само позициите се заменуваа, а луѓето остануваа исти, како во безбедносниот систем, така и на други раководни позиции.

Како да тапкаме во место затскриени зад завесата на божем некаквите реформи кои никогаш вистински и не се случуваат, очекувајќи дека денес НАТО ќе треба да ја води битката за нас, вели во својот есеј мојот студент, а јас би додал се уште мислиме дека некој друг ќе ја заврши борбата против организираниот криминал и корупција, ќе ги заокружи реформите на тајните служби, нејзината контрола или пак за почеток ќе го распушти и така нефункционалниот систем за управување со кризи и заштита и спасување.

Отсекување на папочната врска со ју-системот

За краток временски период сведоци сме дека имавме неколку свечени церемонии во безбедносниот систем кои ја наметнуваат дилемата што е постаро јајцето или кокошката, бидејќи славиме 40 години од формирањето на одредени единици во годината кога одбележуваме три децении македонска држава и независен безбедносен систем. Ние како држава и безбедносен систем не треба да влечеме континуитет од поранешниот систем. Колку и да била добра намерата да се искаже кон некого почит и признание, тоа не е добра идеја во период кога нашите НАТО партнери се обидуваат да ја пресечат папочната врска со поранешниот безбедносен ЈУ-систем преку безбедносната проверка и во прво време безбедносните НАТО сертификати. На безбедносниот и одбранбен систем на државата му е потребна автентичност и градење на свои темели и корени, и секое поврзување со структури кои имале недефиниран ангажман на пример на Косово е во најмала рака дискутабилен.

Многу нешта во безбедносниот систем, почнувајќи од селекцијата и начинот на школување на кадарот за полицијата и другите безбедносни- (контра)разузнавачки служби треба да се менуваат, зошто не сум сигурен колку нам ни е потребен инстант кадар во услови кога имаме изградени високо образовни институции (Факултет за безбедност-Скопје, Институт за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет-Скопје, Воена академија).

Континуирана криза во безбедносниот систем за управување со кризи

Нашата држава од осамостојувањето досега помина седум кризни состојби. Сите од нив, повеќе или помалку создаваа услови за прогласување на вонредна или воена состојба, но се функционираше како во услови на криза, без прогласување на вонредна или воена. Исклучок беше вооружениот конфликт во 2001 година, кога имаше обид за прогласување на воена состојба, 2020 година кога прво се прогласи кризна состојба, а потоа како што спомнав и вонредна состојба, по што Владата прогласи повторно кризна состојба која трае до денеска.

Седумте кризи кои креираа услови за вонредна или за воена состојба се: распадот на СФРЈ до референдумот и донесувањето на Уставот на 17 ноември 1991 година; Одбранбеното осамостојување и заминувањето на ЈНА од територијата на Р. Македонија во 1991-92 година; Грчкото ембарго и ембаргото на ООН кон СРЈ 1993-95 година; Бегалската криза во 1999 година; Вооружениот конфликт во 2001 година кога за малку ќе се воведеше воена состојба; Економската криза 2007, а потоа политичката криза; Кризата со пандемијата предизвикана од Ковид-19, за што беше прогласена вонредна состојба, но и повторно имаме еден вид политичка нестабилност.

 Nordmazedonien Prof. Marjan Gjurovski
Професор Марјан ЃуровскиФотографија: Marjan Gjurovski

Заедно со професорот Трајан Гоцевски како прв цивилен министер за одбрана од долгогодишно искуство и научените лекции досега од вонредната и од кризната состојба заклучивме дека во земјата имаме уставно-правна недоуреденост на системот за одговор на кризи, вонредна состојба и воена состојба. Истовремено, имаме парцијален пристап во организацијата на системот, а со тоа и во справувањето со заканите и со предизвиците, односно одговорот кон нив. Освен тоа, постои несоодветна координација на безбедносната заедница, нејасна и неефикасна организација на кризниот менаџмент, расцепканост на ресурсите и несоодветни резерви од клучни производи, нејасна претпочинетост на носителите на власта, злоупотреба на службите за државна безбедност и на ресурсите на системот за национална безбедност во политички цели (н.з. аферите Сина птица, Големото уво, бомбите, бегството на Мијалков, пробивањето на акцијата против нарко босовите и некои други).

Нема политичка криза во државата во која не се вмешани разузнавачко-безбедносни структури. Сведоци сме на комерцијализација на ресурсите на системот за разни цели кои не спаѓаат во јавното добро на граѓаните, немање на ефикасен систем за рано предупредување. Покрај тоа, особено не е соодветно регулирана критичната инфраструктура, но не се незначајни и партизацијата и депрофесионализацијата, која целиот систем го прави недоволно ефикасен. И на крајот, дефицитот на контрола на безбедносниот систем по разни основи. Затоа се поставува прашањето: Што треба да се направи за да се надминат овие состојби?

Денеска кога имаме драгоцено искуство од кризата предизвикана од коронавирусот, кога ни стојат на располагање истражувања како она на Факултетот за безбедност, а и државата има искуства од кризите од нашето осамостојување до сега, сето тоа се користи при изработката на Закон за вонредна состојба со кој правно ќе се уредат сите празнини со кои се соочувавме досега.

Nord-Mazedonien | Treffen des mazedonischen Sicherheitsrates bei dem Präsidenten Stevo Pendarovski
Седница на Советот за безбедност кај претседателот Стево ПендаровскиФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Добро е што се отвори дебата и таа треба да продолжи за до решенијата да се дојде преку широк политички и национален консензус. Национална и стратешка цел, треба да ни биде во иднина: уставно, законско, нормативно и правно уредување и институционална подготвеност за успешен одговор на идните кризи.

Но, мора да ја погледнеме и пошироката слика на проблемот. Би се сложил со професорот Гоцевски дека има потреба и од уставно-законско и нормативно-правно доуредување на системот за безбедност како најповикан систем за одговор кон сите видови и извори на загрозување на територијалниот интегритет и сувереноста, уставниот поредок, животите и имотите на граѓаните, материјалните добра, културното благо, историското наследство на државата и сл.

Интегрален безбедносен систем

Затоа, прво ни треба концепциска расправа за тоа. Дали го задржуваме досегашниот концепт-модел на систем за национална безбедност- кој е парцијален и нема точка на обединување и координација на безбедносната заедница? Или, ќе пристапиме кон креирање на модел на интегриран систем за безбедност, кој има една точка на обединување на политиките за безбедност, точка од каде се даваат насоките за работа на безбедносните структури, се координираат активностите и ќе се обединуваат ресурсите од сите видови?

Второ: Доколку се одлучиме за интегриран модел на систем за безбедност, тогаш треба да се донесе одлука каде ќе биде таа точка, центар, каде ќе се обединува системот. Тоа системот ќе го направи многу поефикасен за одговор на се помногубројните безбедносни предизвици и ризици.

Има три можности

Прво: Тоа да биде Претседателот на државата како институција, а ќе се одвива преку Советот за безбедност на Р.С.Македонија, со кој претседава Претседателот на државата и високо позициониран државен функционер-советник за национална безбедност кој ќе биде и Секретар на Советот за безбедност. Ќе има и соодветна високопрофесионална и надпартиска администрација.

Второ: Тоа да биде Владата, каде ќе има Координативно тело или друг државен орган, на чие чело би бил Претседателот на Владата или пак од него предложен високопозициониран државен функционер, во ранг на Потпретседател на Влада, кој поминал дел од работниот век во безбедносниот систем на земјата и поседува професионален авторитет во безбедносната заедница. И овде треба да има соодветна високопрофесионална и надпартиска администрација.

Трето: да остане нашиот актуелен модел, кој креира парцијален систем за национална безбедност, во кој дел од безбедносната заедница (Армијата и Агенцијата за разузнавање) е во надлежност на Претседателот на државата, а останатиот дел кај Владата.

За кој модел и да се определиме, тоа треба да биде одлука на највисоко државно и експертско ниво, со помош и учество на НАТО, бидејќи сме дел од безбедносниот чадор на НАТО, а сакаме да бидеме и членка на ЕУ асоцијации, каде безбедноста и управувањето со кризи се нивен врвен приоритет.

По донесувањето на таа одлука која е клучна за правното, а потоа и за функционалното доуредување на системот за национална безбедност на Р.С.Македонија, треба да следуваат следните чекори: Интервенции во Уставот во смисла на одредби дека имаме интегриран систем за национална безбедност кој се уредува со Закон во кој ќе  се обединува безбедносната заедница. Соодветни надлежности кај највисоките државни институции согласно новиот модел. Донесување нови закони кои ги немаме: Закон за интегриран систем за безбедност и доуредување на областите на воена, вонредна и кризна состојба. Потоа е потребно измена и дополнување на Законите за координација на безбедносниот систем, за внатрешни работи, за одбрана, за служба во Армијата, за АНБ, АР, ОТА, Законот за финансиско разузнавање и сл. Неопходна е  реорганизација на системот за безбедност согласно новиот концепт и новите решенија.

Зад нас се три децении самостоен и независен безбедносен систем, треба да учиме од нашите успеси, но и од предизвиците и од грешките со цел да се изградат сопствени поцврсти заедници, малку генерации имаме кои биле вистински победници, нам ни требаат луѓе кои ќе победат, за тоа ни треба систем, силен, со визија, кој ќе ги има сите брзини.

Треба да бидеме генерацијата со која државата ќе се гордее, ни е потребна авангарда на новото време. Професионалците кои се уште се денес во безбедносниот систем и моите студенти за неколку години треба да бидат шампионите на новото време! Токму ние треба да бидеме генерација која со своето однесување ќе биде пример за следните поколенија!

Влатко Стефановски има една песна што се вика „Деца на сонцето“. И во таа песна тој пее дека ние сме деца на сонцето и сите сме фатени на орото, некој игра, некој само се сопнува. Оваа колумна ја посветувам на моите студенти кои денес и утре треба да бидат насушна потреба на безбедноста, одбраната, правниот и политички систем и заслужуваат достојно внимание и шанса во безбедносниот систем за да придонесат за безбедносно утре, зошто имаат и знаат што да покажат и затоа што нивна заветна е само татковината во која живеат и се школуваат.

Авторот е универзитетски професор