1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Советот за безбедност ќе расправа за Ковид-19

ДТЗ
30 март 2021

За денеска е планирана и средба на Комисијата за заразни болести, која ќе ја анализира ситуацијата, пред утрешниот почеток на масовната имунизација.

https://p.dw.com/p/3rLvR
Nordmazedonien Sitzung des Nationalrats
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Шефот на државата Стево Пендаровски за денеска го свика Советот за безбедност, којшто треба да ја разгледа актуелната ситуација со Ковид-19, по порастот на заболени, но и на починати, во третиот, досега најразорен бран на вирусот. Како што информираа од кабинетот на шефот на државата Стево Пендаровски, освен редовните членови на Советот, на седницата ќе присуствува и министерот за здравство, Венко Филипче.

„На седницата ќе се разговара за актуелната состојба со пандемијата на Ковид-19 на територијата на Република Северна Македонија и мерките и активностите на надлежните институции“, информираше прес-службата на претседателот Пендаровски.

-повеќе на темата: Совет за безбедност: Како натаму против коронавирусот?

По последниот бран на вирусот и неговите уште позаразни мутации, ситуацијата станува загрижувачка. Болниците се преполни, а секојдневно се поголем број на помлади лица бараат лекарска нега и хоспитализација поради компликации од Ковид-19. За само една недела бројот на починати надмина 200.

Во исто време и Комисијата за заразни болести се очекува да одржи состанок на кој ќе се анализира состојбата со Ковид-19. Министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека состанокот не се одржал вчера,бидејќи статистичките податоци за нови случаи со ковид за време на викендите не ја даваат реалната слика, затоа што повеќето приватни лаборатории не работат и бројките вообичаено се помали.

-повеќе на темата: В среда започнува имунизацијата - што треба да знаете пред да се вакцинирате?

Засега не се најавуваат нови рестриктивни мерки со цел спречување на коронавирусот и неговите мутации. На сила останува полицискиот час од 22 до 5 часот изутрина, како и почитување на здравствените протоколи. Кафеаните работат со скратено работно време.

„Сметаме дека вакви балансирани мерки, рестрикција во движење комбинирана со индивидуална одговорност, во некои градови даде резултати. Кога е широко распространет вирусот сметаме дека само вакви мерки може да дадат резултати“, вели Филипче.

Моменталната состојба со вирусот, којшто зема се поголем замав, го одложи и пролетниот попис. Вчера премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски  се согласија дека пописот треба да се одложи и наместо од 1 април, се предлага тој да се спроведе од 5 до 30 септември, а локалните избори наместо во првата половина од октомври да се одржат во втората половина на истиот месец. Двајцата лидери се согласија дека тоа е потребно заради имунизација на граѓаните и на попишувачите, а со цел да добијат можност за втора доза од вакцината. Процесот на имунизација ќе тече во април, кога се очекува до крајот на месецот да стигнат 350.000 вакцини, а сукцесивно потоа и уште поголема бројка.

-повеќе на темата: Заев и Мицкоски согласни: прво имунизација, попис во септември

Средбата кај претседателот и на Комисијата за заразни болести се случуваат во пресрет на утрешната масовна имунизација којашто треба да започне во Северна Македонија. Во тек се подготовките во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје, каде ќе има 30 пунктови за вакцинирање. Приоритет во вакцинацијата со 20 илјади дози од „АстраЗенека“ кои пристигнаа од Ковакс механизмот ќе имаат граѓаните над 75 години, кои се пријавиле за вакцинација. Тие преку матичните лекари ќе добијат термини согласно местото на живеење во кој пункт и во кое точно време од среда натаму да се јават на вакцинација. Ревакцинацијата со вакцината АстраЗенека ќе биде за три месеци.