Дали Иран сѐ уште ги контролира паравоените милиции?
16 јануари 2020Додека беше жив, шефот на иранските Ал Кудс бригади, Касем Сулејмани до последно беше активен и во движење. Според медиумските извештаи, од аеродромот во Багдад, каде што беше убиен со помош на американски дрон, наводно требало да замине на средба со ирачкиот премиер Адил Абдел Махди. Двајцата требало да разговараат за можните начини за ограничување на иранско-саудиските тензии. Додуша Сулејмани ретко патувал со мирољубиви намери. Уште откако во 1998 година ја презеде командата врз Ал Кудс, главно се занимаваше со тоа да изгради значајно место за режимот во Техеран, но и да ги прошири односите со нерегуларните, недржавни актери во арапскиот свет. Суштински столб на овие односи беше верата: шиитски ислам. Таа беше основата врз која Сулејмани градеше нови врски и ги прошируваше постојните. Владата во Техеран подолго време одржува контакти со недржавни актери. Најважен партнер им е Хезболах во Либан, кој е основан во 1982 година, но со годините има контакти и поддршка со повеќе паравоени ирачки милиции како „Братството за народна мобилизација“ (Ал-Хашд-аш-Шаби), во кое се обединети повеќе групи. Во Јемен, Иранците одржуваат тесни врски со бунтовниците Хути кои се обединети со мулите во Техеран пред се` во антагонизмот кон Саудиска Арабија. Во минатото Техеран изгради и мрежа од повеќе групи во Сирија, кои се блиски до претседателот Асад и се директна закана за Израел.
Со овие групи владата во Техеран има широка мрежа на сојузници на кои може да смета во случај на конфликт.
Лути милиции
Но, колку се лојални овие групи? Нивната подготвеност за борба со години веќе ја демонстрираат во централно арапските конфликтни зони. Но, дали ќе ја следат политиката одредена од Техеран, која се воздржуваа од големи контраудари, по убиството на Сулејмани?
На 3 јануари шефот на Хезболах, Хасан Насрала ги повика шиитските милиции да ги нападнат сите американски војници на Блискиот Исток, вклучително и со самоубиствени атентати. Американците ќе го напуштат регионот во „ковчези“ порача Насрала. Тој истовремено му се закани и на Израел. Според Насрала, Израелците сакале првично да го убијат Сулејмани, но или не успеале или не се осмелиле. Сепак, шефот на Хезболах не остава простор за двоумење дека неговите милиции се подготвени да се борат. Но, тој досега ги држи своите трупи настрана, исто како и останатите водачи на паравоените сили поврзани со Иран. Ова е најверојатно во координација со раководтсвото во Техеран, вели аналитичарот и познавач на исламот, Удо Штајнбах за ДВ. „Милициите се политички, а делумно и економски зависни од Иран." Хезболах досега секогаш ги следел упатствата на Техеран, а и јеменските Хути се тесно поврзани со Иран. Според Штајнбах, полабав однос имаат милициите во Ирак кои се поврзани со ирачката армија. Но во целина сите групи му се лојални на Техеран. „Речиси е незамисливо дека милициите политички или воено би функционирале самостојно по смртта на Сулејмани."
Грижата на Израел
Смртта на Сулејмани особено Израел го стави во состојба на подготвеност. Во случај на оружана пресметка, Хезболах располага со енормна сила, тврди во интервју за весникот „Тајмс оф Израел” поранешниот заменик претседател на Националниот совет за безбедност, Чак Фрајлих. Преку Хезболах за прв пат арапска групација е во позиција преку напади врз центри за мобилизација и складишта да го попречи не само процесот на мобилизација, туку и способноста за напад на земјата. „Ни претстои критична година во време кога нашите политички лидери се вмешани во безбројни надворешни проблеми", вели Фрајлих.
Ирак: милитанти со настојчива агенда
На Техеран до сега му беше доволна воздржаната реакција на убиството на Сулејмани. Нападите на американски бази во Ирак кои ги користи американската војска, не предизвикаа жртви. Но, ако милитантите поврзани со Техеран не се задоволни со исходот, би можеле и независно од Иран да се активираат, вели политикологот Дина Есфандиари од Њујоршка фондација за магазинот „Надворешна политика". Во случај на дилема, милитантите нема да се потчинат на волјата на Техеран. „Не е битно дали ќе престане Иран. Тие веќе се одмаздија за убиството на Сулејмани. За смртта мора да се одмаздат и ирачките единици за мобилизирање на народот", вели Есфандиари. Абу Махди Ал Муханди кој беше ирачкиот командант на единиците Хаш Аш Шаби, заедно со Сулејмани беше убиен на аеродромот во Багдад.
Друга оцена на ситуацијата сподели Удо Штајнбах. Какви ќе бидат идните иранско-американски релации ќе се одлучува исклучиво во центрите на двете земји: „Ако Иранците во Техеран сметаат дека треба да се направи исчекор кон САД, таквата одлука прагматично ќе ја спроведат. За тоа ќе одлучи ајатолахот Хаменеи. На таква одлука не би се противеле сериозно ни милитантите поврзани со Иран."