Работнички права: Во предворјето на Бангладеш
6 јануари 2018Ниски плати, неплатени часови, задушливи производни хали, шефови кои малтретираат, а одмор и боледување како луксуз - такви се условите во текстилната и индустријата за чевли во Србија. Од друга страна, тука е и државата која широкоградо ги субвенционира странските инвеститори, а замижува при кршењето на работничките права, пишува во анализата „Clean Clothes Campaign“ (Кампања за чиста облека), угледна меѓународна организација која се бори за подобри услови за работа во текстилната и чевларската бранша ширум светот.
Во производството на облека и чевли во Србија работат околу 100 илјади работници, проценуваат авторите, со напомена дека дури половината од нив работат на црно. „За тоа е пример Нови Пазар. Таму постои официјално производство на џинс во кое работната сила во голема мерка се вработува неформално“, наведуваат авторите на анализата Бојана Таминџија, Бетина Музиолек и Стефан Алексиќ.
Увоз на суровини, извоз на облека
Дури 80 отсто од производството се извезува, што на прв поглед делува како фантастичен податок. Повеќе од 37 отсто од извозот оди во Италија, 13 проценти во Германија, а околу 10 во Русија. Но авторите опишуваат за што точно се работи: таканаречениот систем Трговија на надворешно производство (ОТП) – промовиран од ЕУ- подразбира извоз на суровини и полупроизводи во земји како Србија или Македонија, каде завршната обработка е евтина, по што готовите производи оттаму повторно се извезуваат.
„Во прашање е производство кое додава многу мала вредност во еден производ. Се увезуваат суровини или полусуровини, во тоа се вложува единствено труд, па се враќа и се продава во земјите на потекло. Капиталот кој останува во Србија е само во вид на плати“, вели за ДВ, Стефан Алексиќ, еден од авторите.
А колкави се платите?
Просечните плати се нешто повеќе од минимални - 218 евра во текстилната, односно 227 евра во производство на чевли и кожна галантерија. Тоа, се наведува во анализата, е помалку дури и од минималната потрошувачка кошничка која ја дефинира Министерството за трговија, а далеку помалку од 652 евра - толку имено, според проценките на работниците кои авторите ги интервјуирале, му се неопходни за живот на четиричлено семејство. Авторите меѓу јуни и септември разговарале со 48 работници кои без исклучок барале да останат анонимни поради страв за своето работно место. Еден од наведените примери е „Техник дивелопмент“ од Врање, кој произведува за италијанската фирма Геокс. Тамошните работници наведувале дека менаџерите и контролите ги шиканирале, ги држеле во постојан страв од отказ или преместување, па дека дури и одењето во тоалет било проблематично. Според тврдењето на работниците, во текот на две жешки недели минатото лето, колабирале најмалку 20 лица, а во некои случаи надлежните им забранувале да ја контактираат брзата помош. Законот не се почитува ни кога се во прашање прекувремените часови, работата на празници, годишниот одмор или боледувањето.
Во корист на сопствената штета
„Србија не само што нуди евтина работна сила поради ниската минимална плата, туку тоа е земја чија влада обезбедува големи финансиски бенефити за странските инвеститори“, се наведува натаму. Директните субвенции за секој вработен, евтиното или бесплатно земјиште, инфраструктура, ослободување од данок, се само некои од подароците за крупниот капитал.
„Од буџетот всушност се финансира останувањето на економското дно“, вели Алексиќ за ДВ. „Проблемот е што живееме опкружени со други сиромашни држави кои сите се борат за мало парче капитал и се случува натпревар на државите за тоа кој ќе му понуди на капиталот подобри и поевтини услови за репродукција“. Тоа е таа трка кон дното.
Детали за минатогодишната студија на истата организација посветена на состојбата во Македонија можете да ја најдете на следниот линк.