1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Гневни демонстранти ја нападнаа амбасадата на САД во Багдад

ЖА / агенции
31 декември 2019

Стотици демонстранти упаднаа денеска во комплексот на американската амбасада во Багдад. Зградата претходно била евакуирана поради протестите предизвикани од воздушните напади на САД.

https://p.dw.com/p/3VXOY
Proteste bei der US-Botschaft in Baghdad
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/K. Mohammed

Повеќе стотини разгневени демонстранти провалија во комплексот на американската амбасада во Зелениот појас на Багдад, кој инаку се наоѓа под силно обезбедување. Американските војници одговориле со испалување солзавец и шок-бомби врз напаѓачите.

Во првите редови на демонстрантите биле приврзеници на ирачка шиитска паравоена група, кои успеале да ја преминат првата заштитна ограда на Зелената зона, марширајќи непречено низ сите контролни пунктови на зоната, извикувајќи „Смрт на Америка“ и палејќи американски знамиња. Демонстрантите кршеле по пат прозорци и ги уништувале камерите за безбедносно надгледување од ѕидовите. Ситуацијата е целосно непрегледна.

Proteste bei der US-Botschaft in Baghdad
Демонстрантите продреа во комплексот на амбасадата на САД во БагдадФотографија: picture-alliance/dpa/AP/K. Mohammed

Од комплексот на амбасадата се дига пламен. Провалената капија е страничен влез во главната зграда на амбасадата, оддалечена околу 200 метри од неа. Ирачкиот премиер Адел Махди ги повика демонстрантите веднаш да го напуштат теренот на амбасадата, порачувајќи дека војската ќе реагира против секоја агресија против странски амбасади.

Персоналот на амбасадата бил уште претходно евакуиран поради постојаните протести во ирачкиот главен град во последно време. Пред упадот  на теренот на американската амбасада, демонстрантите учествувале на погребот на 25 припадници на проиранска шиитска вооружена група, убиени во американски воздушен напад во неделата.

Proteste bei der US-Botschaft in Baghdad
Протести поради американскиот воздушен нападФотографија: Reuters/T. al-Sudani

Американската војска го изведе нападот против вооружената група Катаеб Хезболах во знак на одмазда за убиството на американски воен снабдувач, извршено минатата недела во ракетен напад врз ирачка воена база. Во воздушниот напад на американската војска животот го загубија 25 лица, а 50 се ранети. Нападот на САД, најголем против оваа ирачка  паравоена формација, како и повиците за одмазда, предизвикаа незадоволство во Техеран, Москва и  Ирак.

Американскиот Стејт департмент уште во мај привремено повлече дел од дипломатскиот персонал од амбасадата во Багдад и од конзулатот во Ербил поради тензичната безбедносна ситуација во Ирак. Во септември две ракети паднаа во непосредна близина на амбасаата во Багдад.

Специјалниот пратеник на американското Министерство за надворешни работи за Иран, Брајан Кук, тврди дека во последните два месеци се извршени единаесет напади врз американските трупи или американски државјани во Ирак.