Германија: Крај на вонредната состојба на 25 ноември?
27 октомври 2021Партиите кои водат коалициски преговори во Германија - СПД, Зелените и ФДП - постигнаа согласност за завршување на „епидемиолошката вонредна состојба“ прогласена поради пандемијата на коронавирус во земјата. Вонредната состојба, според можните идни владини партнери, би требало да заврши на 25 ноември. Потоа со преодни правила ќе се регулира важењето на мерките за заштита на ниво на цела држава, за да се спречи секоја од покраините да има различни мерки и да важат различни правила.
Заменик шефот на пратеничката група на СПД, Дирк Визе, укажа на големите предизвици кои ги носи пандемијата, пред сѐ за здравствениот систем во земјата, и рече дека затоа вонредната епидемиолошка состојба била задржана подолго од година и половина. Таа последен пат беше продолжена во август годинава. Сега, како што вели Визе, ситуацијата е поинаква отколку во август, пред сѐ во поглед на целосно вакцинираните луѓе. Затоа е исправно да се заврши вонредната состојба. Затворање училишта или локдауни во меѓувреме се несоодветни, потенцира социјалдемократот Визе. Сепак, додава и дека 25 ноември нема да биде т.н. Freedom Day (ден на слободата). Во дел од покраините ситуацијата со инфекцијата не е добра, па мерките против ширење на коронавирусот ќе бидат и натаму неопходни. Според Визе, целта е „Ковид-19 напролет да биде зад нас“.
„Ситуацијата останува проблематична“
И ко-шефицата на пратеничката група на Зелените, Катрин Геринг-Екарт нагласува: „Ситуацијата е и натаму проблематична“. На граѓаните, со оглед на моменталното повторно зголемување на бројот на новозаразени, им е и натаму потребна заштита. Тука Геринг-Екарт во прв план ги става децата и луѓето кои не можат да се вакцинираат против Ковид-19. Освен тоа, треба и натаму да се спречува проптовареност на здравствениот систем.
Повеќе:
Кој не сака да се вакцинира, го плаќа тестот за корона
Германија: Настапува „вистинскиот“ четврти бран на пандемијата
ФДП ги потенцира оптоварувањата за правната држава
Преодните правила би требало на покраините да им овозможат задржување на правото за воведување „помалку интензивни“ мерки против корона по завршувањето на вонредната состојба. Такви се на пример носењето маски или правилото 3Г.
Преодните правила, кои партиите кои преговараат за коалиција ги имаат на ум, би требало првично да важат до 20 март, изјави парламентарниот раководител на ФДП, Марко Бушман. За таа цел треба да се промени параграфот 28а од Законот за заштита од инфекции. Со епидемиолошката вонредна состојба на национално ниво „беа поврзани големи оптоварувања за правната држава“, оценува Бушман. Тука тој ги набројува забраните за излегување во текот на локдауните, што ФДП ги критикуваше како неуставни.
Сега Бундестагот би требало да дебатира околу завршување на вонредната состојба. Тоа би можело да се случи на средината од ноември, проценува Геринг-Екарт.
„Епидемиолошка состојба“ беше првпат воведена во март 2020 година и оттогаш е постојано продолжувана од страна на Бундестагот. Вонредната состојба на сојузната и на покраинските влади им овозможува носење мерки против короната на поедноставен начин, без согласност од парламентите.