Германија го депортира терористот Мотасадек
15 октомври 2018По речиси 15-годишно издржување затворска казна, помагачот во терористичките напади извршени на 11 септември 2001. година во САД, е пренесен со хеликоптер од затворот во Хамбург на аеродромот во овој град заради депортација во Мароко.
Мотасадек беше член на т.н. Хамбуршка келија во која припаѓаше и Мохамед Ата, пилотот на еден од авионите кои влетаа во кулите на Светскиот трговски центар во Њујорк. На Хамбуршката група ѝ припаѓаа уште двајца од вкупно четворица терористички пилоти и покрај Мотасадек, уште најмалку петмина поддржувачи. Мотасадек беше осуден на 15 години затвор за пружање помош во убиство на преку 3.000 лица и членство во терористичко здружение. Регуларното издржување на казната на Мотасадек би истекло во ноември.
Портпаролка на Министерството за внатрешни работи во Берлин неодамна изјави дека секоја депортација од ваков вид се врши во тесна координација меѓу земјите. Депортациите во Мароко се сепак покомплицирани, со оглед на тоа што оваа северноафриканска земја не дозволува депортирање на лица со чартер летови.