1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Германија ги отвора границите од 25 јуни

БГ/ ДПА
17 јуни 2021

Германската влада од следниот петок ги укинува строгите ограничувања за влез на патници од трети земји надвор од ЕУ. Отворањето ќе важи и за државјаните на Северна Македонија.

https://p.dw.com/p/3v7uU
Einreise EU | Covid-19: Airport Corona Testing
Фотографија: Zumapress/picture alliance

Од петок 25 јуни во Германија ќе бидат дозволени посети и туристички патувања за вакцинирани лица од земји надвор од ЕУ, соопшти вечерва (17.06) германското министерство за внатрешни работи. Олеснувањето на мерките најпрво ќе важи само за целосно вакцинирани лица со вакцина одобрена од Европската агенција за лекови (ЕМА).

Во моментов, одобрени од ЕМА се вакцините на Бајонтек/Фајзер, Модерна, АстраЗенека и Џонсон и Џонсон. Руската вакцина Спутник V и двете кинески: Синофарм и Синовак засега немаат зелено светло од европската агенција. 

„Проширувањето на листата со други вакцини со слични стандарди за заштита ќе биде можна кога ќе бидат извршени потребните тестови“, соопшти германското МВР. 
Како целосно вакцинирани лица се сметаат оние кај кои минале 14 дена од примањето на втората доза на вакцината. 
За да се спречат измами со вакциналните сертификати, нивната точност ќе ја проверуваат авионските компании и полицијата.

Einreise EU | Covid-19: Airport Corona Testing
На пасошка контрола за влез во Германија од трети земји само со целосна вакцинацијаФотографија: Zumapress/picture alliance

Исклучок од зелената листа ќе бидат патници од ткн. територии со вирусни варијанти. Тоа, според Институтот Роберт Кох, се држави како Индија, Велика Британија или Бразил, каде се појавија нови варијанти на коронавирусот. 
Со одлуката, германската влада се приклучува кон препораката на ЕУ со која се согласија сите 27 земји членки. Сепак, земјите-членки и во иднина ќе имаат право при влез во земјата да наметнуваат и други барања како негативен ПЦР тест или обврска за карантин за патниците од трети земји. 

Од неделата (13 јуни) Северна Македонија е на зелената листа на држави со ниска инциденца на коронавирусот, на чии државјани им е дозволено патување во Германија. И ЕУ, во меѓувреме, ја смести земјата на зелена листа по падот на бројот на новозаразени од Ковид-19. 

Одлуката на германските власти значи дека македонските државјани од петок 25 јуни ќе можат слободно да влегуваат на германска територија доколку се целосно вакцинирани без оглед на причината за патувањето.