Обновување на германско-турскиот дијалог
6 јануари 2018Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел, кој денеска во Гослар го прими својот ресорен турски колега, Мевлут Чавушоглу, најави меѓу другото намера за повторно заживување на заедничка комисија за економска соработка. На пресот за новинарите, двајцата министри ја заобиколија темата за притворениот германски новинар, дописник на весникот „Велт“, Дениз Јуџел. „Можам само да кажам дека разговаравме за сите, па и за оние кои се сметаат за многу тешки теми, а во нив спаѓа и Јуџел“, изјави Габриел. „Турција е важен партнер за Германија. Двете земји ги поврзува поголемо заедништво отколку што понекогаш сме свесни за тоа“, рече тој.
Шефот на германската дипломатија ѝ навести на Турција, дека владата во следните денови сериозно ќе го разгледа прашањето околу лиферување опрема за антиминска заштита за оклопни возила. Во никој случај прашањето на извозот на оружје во НАТО-партнерот не се поврзува со случаите на притворање во Турција, истакна Габриел.
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу призна постоење разлики, проблеми, тензии и ескалации во изминатите месеци, но истакна дека Германија и Турција се држави кои меѓусебните тешкотии можат и сакаат да ги надминат по пат на дијалог и вистинска соработка. Анкара има извесни очекувања од германската влада на пример во поглед на третманот на ПКК, забранетата курдска Работничка партија. Чавушоглу рече дека водел исклучително доверлив и искрен разговор со Габриел, истакнувајќи го интересот на својата земја за актуелизирање на прашањето за царинска унија со ЕУ.
Повеќе на темата:
Поход на Ердоган против научниците
Ердоган - Турците во Германија да гласаат против „непријателите на Турција“
Германската канцеларка Ангела Меркел, по неколкуте случаи на притворање германски државјани во Турција, есеноска најави дека нема да ѝ даде мандат на Европската комисија да преговара околу проширување на царинската унија и се изјасни за скоро окончување на пристапните преговори на Турција и ЕУ.
Билатералните односи меѓу Германија и Турција од пред две години се движат во правец на екстрамна напнатост, меѓу другото и поради аферата Бенерман, германскиот сатиричар кој напиша подбивна песна за турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган; резолуцијата за геноцидот во Ерменија донесена во Бундестагот во јуни 2016. година, како и бранот апсења во Турција кој следеше по обидот за пуч во јули 2016. година. Откако во пресрет на одржувањето на турскиот референдум за промена на уставот во април 2017. година, на турски политичари им беа забранети јавни настапи во Германија, Ердоган ја обвини германската канцеларка Ангела Меркел за употреба на нацистички методи.
Пред посетата на Гослар Чавушоглу токму затоа апелираше за „нов почеток“ во германско-турските односи.