1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поход на Ердоган против научниците

Јулија Вергин
1 ноември 2017

Турските научници кои потпишаа еден апел за мир се обвинети за терористичка пропаганда. Многумина од нив побараа засолниште во Германија. Но нивната иднина сепак е неизвесна.

https://p.dw.com/p/2moB1
Türkei Ankara Protest gegen Entlassung von Akademikern
Протести во Анкара против отпуштањето научници (11.02.2017)Фотографија: Getty Images/AFP/A. Altan

Дилек Диздар сѐ уште не добила обвинение. „Го очекувам секој момент“, вели професорката по интеркултурна германистика и превод на универзитетот во Мајнц. Диздар е една од 1128 потписници на мировниот апел на „Иницијативата на академиците за мир“, кој во јануари 2016 година беше адресиран до турската влада во вид на отворено писмо. Во него научниците побараа од турската држава да ги запре воените акции во курдските региони и мирно да го реши курдскиот конфликт. Потпис на апелот ставија и 120 турски научници кои живеат во Германија.

Обвинението на турското обвинителство гласи „пропаганда за една терористичка организација“. Според обвинението, потписниците имале за цел да ја претстават турската држава како „нелегитимна, уништувачка сила“ и како злосторничка, а од друга страна сакале да го легитмираат насилството на ПКК. Сега сите потписници по сѐ изгледа ќе бидат обвинети. Првите судски процеси почнуваат на 5 декември.

Дилек Диздар немала дилеми кога го потпишала апелот за мир. Така размислувала и Кадер Конук, директорка на Институтот за турски студии на универзитетот Дуизбург-Есен, која исто така го потпишала апелот: „Не мислевме дека апелот за дијалог и почеток на мировни преговори ќе покрене ваков бран на криминализација.“

Сега и Конук смета со обвинение. „Ердоган веднаш по објавувањето на петицијата ги деградираше сите потписници како псевдоинтелектуалци“, вели таа. „Оттогаш сме нарекувани таканаречени академици.“ Бранот откази почнал по неколку дена од објавувањето на апелот. Во меѓувреме, речиси половината од научниците имаат добиено не само отказ, туку и забрана за извршување на својата професија и забрана за патување.

Türkei Ankara - Erdogan hält Rede
Научниците обвинуваат дека Ердоган се обидува да затвори сѐ што размислува слободноФотографија: picture-alliance/AA/Turkish Presidency/Handout/Y. Bulbul

Солидарноста не е доволна

Како реакција на влошената состојба во која се наоѓаат труските научници, Кадер Конук и други иницијатори ја покренале „Академија во егзил“. Научници од Турција треба да добијат можност за непречено продолжување на својата работа и истражувања на две места во Германија - во Есен и Берлин. Новооснованата академија има распишано десет места за стипендисти, и тоа засега само за научници од Турција. Повикувајќи се на информации од мрежата Scholar's at Risk, Конук наведува дека „турските научници се едни од најзагрозените научници во светот“.

Турските научници кои сакаат трајно да останат во Германија би морале или да поднесат барање за азил и да се надеваат на позитивен одговор, или да добијат работно место поврзано со стипендијата. Со тоа не само што би им се помогнало на загрозените научници, туку голем профит би можело да има и германското општество, уверена е Диздар. „Овие луѓе со себе носат огромни ресурси. Тоа се социолози, психолози, литературни експерти, уметници и актери.“ Меѓутоа досега нема инфраструктура за да се искористи потенцијалот на овие луѓе, вели таа. А токму тој потенцијал е она што Ердоган се обидува систематски да го умртви, уверена е Диздар. „Треба да се затвори сѐ што размислува слободно. Тој се бори против сите интелекуталци.“