1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вучиќ: Постојат разузнувачки активности против Србија

ЖА
21 август 2017

Српскиот претседател изјави дека српските надлежни органи констатирале и имаат докази дека е извршено разузнавачко дејствување против Србија и затоа е повлечен персоналот од српската амбасада во Македонија.

https://p.dw.com/p/2iYo1
Serbien | Aleksandar Vucic
Фотографија: imago/Pixsell

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Белград изјави дека српските надлежни органи констатирале и имаат докази за извршено разузнавачко дејствување против Србија и поради тоа е повлечен дипломатскиот персонал од српската амбасада во Македонија.

Вучиќ пред новинарите рече дека за одлуката постоеле неколку причини, но „надлежните органи“ констатирале и му презентирале нему и на владата докази за таков вид на дејствување. Без оглед на тоа, Србија ќе продолжи да негува пријателски односи со Македонија, истакна српскиот претседател.

На Србија ѝ е важно „само тоа нашите луѓе да бидат подготвени и да се заштити пријателството на Србите и Македонците, но и да знаеме како да се работи во поинакво и ново опкружување, кое нам не ни беше познато до пред неколку месеци. Ќе чекамешто ќе кажат Албанците за Косово во УНЕСКО и ќе сочекаме што ќе каже Скопје на тоа. Наше е да се подготвиме и да умееме да одговориме. Да го заштитиме нашето дејствување од влијание на надворешни фактори и нивна активност“, потенцираше Вучиќ.

На прашање дали таа „надворешна сила“ е Русија, Вучиќ рече дека не помислил на тоа доодека зборувал.

Тој најави идни промени во персоналот во амбасадата, потврдувајќи го постоењето на бројни шпекулации, но и дека во наредните 10 дена сѐ ќе биде многу појасно.

Serbien Außenminister Ivica Dacic
Министерот Дачиќ вели дека во засиленото офанзивно дејствување против Србија е присутен и странски факторФотографија: picture alliance/AP Images/D. Vojinovic

Кратко по Вучиќ, со објаснување се огласи и српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ.

„По состанокот кој ќе го имаме овде и со претседателот Вучиќ, уште следната седмица дел од нашиот персонал ќе се врати во Скопје, а амбасадорот ќе се врати подоцна, по завршувањето на сите консултации кои имаме намера да ги спроведеме во Белград“, изјави Дачиќ за Танјуг.

Според него, вработените во српската амбасада во Македонија се повлечени поради постоењето јасни и девосмислени докази и констатирано засилено офанзивно дејствување кон Србија, во што, тврди тој, е присутен и странски фактор.

„Недвосмислено сакаме добри односи со Македонија. Сакаме да ги градиме зашто сме соседи, имаме многу заеднички интереси и затоа што сме два блиски народи. Но, обврска ни е да ги заштитиме нашите интереси, во  согласност со тоа ќе ги променуваме основните дипломатски принципи во меѓународните односи, односно принципот на реципроцитет во сите области“, истакна Дачиќ.

Претходно, и српската премиерка Ана Брнабиќ соопшти за одржани консултации со претседателот Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ.

Министерството за внатрешни работи на Македонија презема мерки за зголемување на безбедноста на зградата на aмбасадата на Србија во Скопје, откако добило информација од Министерството за надворешни работи дека Белград одлучил да го повлечче целиот персонал на дипломатското претставништво на итни консултации.

Македонското Министерство за надворешни работи пак соопшти дека добило нота од амбасадата на Србија во Скопје со која се известени дека целиот персонал е повикан на консултации во Белград.

„Министерството за надворешни работи не е запознато со причините за ваквата одлука и поради тоа воспоставува комуникација со МНР на Србија. Во согласност со релевантните одредби на Виенската конвенција за дипломатски односи институциите во Република Македонија преземаат мерки за заштита на безбедноста и интегритетот на амбасадата на Србија во Скопје", се наведува во соопштението.