Ковид-19: Најкритично во четири градови
6 април 2021Северна Македонија се соочува со најсилниот бран на коронавирус досега. Прогнозите на епидемиолозите се дека наредните две недели се најкритични за развојот на вирусот кој зема сѐ поголем замав меѓу младите. Апелите се да се остане дома и што поголем број граѓани да се пријават за вакцинација. Во тек е масовната имунизација на населението, а само вчера, кога започна вакцинацијата во А1 Борис Трајковски арената, вакцинирани се 2.500 лица.
Министерот за здравство Венко Филипче најави дека кон средината на април ќе пристигнат дополнителни количества вакцини. Од денеска стапуваат на сила и засилени рестриктивни мерки, кои ќе важат во наредните две недели. Целта е да се заштити здравјето на граѓаните и здравствениот систем. „Во изминатиот период имаше огромен наплив на пациенти во болниците. Интервениравме со ангажирање дополнителни одделенија, инсталирање кислород, екстра кадар по системот на ротација и успеавме добро да го одржиме здравствениот систем и за секој пациент да се обезбеди болнички кревет“, вели Филипче.
Најкритично во четири градови
Надлежните тврдат дека сѐ уште има слободни болнички капацитети и покрај огромниот притисок врз болниците. Најкритична е состојбата во Битола, Кичево, Куманово и Тетово. Филипче оценува дека здравствениот систем во земјата е преоптоварен, поради што е неопходно воведувањето на ваквите мерки во пресрет на верските празници. „Имајќи го предвид искуството од минатата година, кога ваквите празници, конкретно рамазанските пости и Велигден, во истиот период сериозно ја искомплицираа и ја усложнија епидемиолошката ситуација, сметаме дека доколку тоа сега се случи со веќе оптоварен здравствен систем, тоа ќе биде кризна ситуација што тешко ќе се менаџира“, вели министерот.
-повеќе на темата: Клуч за угостителските објекти, полицискиот час ќе почнува во 20 часот
Тоа е и една од причината за воведувањето дополнителни рестриктивни мерки со цел да се сузбие третиот и досега најсилен бран на Ковид-19. „Верувам дека граѓаните ќе се придржуваат до сите овие мерки“, изјави Филипче пред салата „Борис Трајковски” каде е во тек вакцинацијата на вработените во АРМ, МВР, вработените во ЈСП, градинките и медиумите.
Во текот на вчерашниот ден се вакцинирани речиси 2.500 граѓани и продолжува оној систем на имунизација во сите здравствените домови ширум државата на возрасната категорија граѓани над 77 години. Како доаѓаат вакцините ќе се дополнуваат овие два системи и ќе се намалува возрасната граници. Возрасните граѓани ќе бидат повикувани преку матичните лекари, а преку системот на закажување и пријавување во институциите ќе се зголемува и бројот на граѓани кои ќе се вакцинираат во салата „Борис Трајковски”. Очекувањата се да има по 7000 вакцинирани граѓани на ден.
Нов локдаун
Од денеска во 20 часот до 05 часот почнува забраната за движење во земјата која ќе трае две недели. Целосно се затворат кафеаните, кафулињата, обложувалниците, фитнес центрите, реши вчера македонската влада. Целосна забрана да примаат гости ќе имаат и хотелите, мотели, хостели, пансиони и други објекти за сместување или на бензински станици кои имаат делови за служење храна. Објектите кои вршат подготовка и продажба на храна може да продаваат преку онлајн или телефонска нарачка. Исклучок се рестораните во склоп на хотелите, мотелите, хостели и пансиони за оние лица кои се сместени како гости, како и угостителските објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
-повеќе на темата:Коронавирус: Навала во центрите за тестирање
МВР соопшти дена граѓаните своите домашните миленичиња ќе можат да ги изнесуваат надвор во вечерните часови почнувaјќи од 22 до 23 часот, најмногу до 100 метри од објектот каде живеат. ЈСП, пак, информираше дека до 20 април јавниот превоз во Скопје ќе сообраќа до 20 часот, а билетарниците и центрите за персонализација ќе работат до 18:30 часот.
„Не губиме ништо“
Докторот Арбен Зибери во емисијата „24 анализа“ во однос на новите рестрикции истакна дека „не губиме ништо со тоа, туку може да добиеме со воведувањето на мерките поради големиот број на заразени“. Здравствените работници секојдневно се соочуват со новозаразени во болниците. Мерките и вакцинацијата ќе придонесат до подобрување на здравствената ситуација. „Треба да бидеме свесни дека луѓето малку ги почитуваа мерките. Треба сериозно да ја сфатиме работата, зошто не е вирусот за потценување. Почнаа и млади луѓе да умираат. Сметам дека кон крајот на април ќе имаме друга епидемиолошка слика“, рече доктор Зибери.