Почна имунизацијата со „Спутник“
5 април 2021Во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ денеска започна масовната имунизација на населението против Ковид-19. Први на листата се вработените во МВР, АРМ, вработените во јавниот превоз, воспитувачките во градинките и медиумските работници. На 48 пункта од 8 до 20 часот е планирано да се вакцинираат околу 3.000 граѓани.
Вакцинацијата се спроведува со руската вакцина „Спутник V“, којашто Северна Македонија ја доби како донација од соседна Србија. Во план е да се вакцинираат 20 илјади државни службеници кои се опфатени во оваа фаза од вакцинацијата. Повеќемина здравствени работници и припадници на МВР коишто се вакцинираа денеска велат дека сѐ поминало во најдобар ред. Тимовите вклучени во вакцинацијата очекуваат во следните денови да има поголем интерес за имунизација.
-повеќе на темата: Филипче ќе почека за вакцинација - предност им дава на колегите
„Утрово започна вакцинацијата, почнувајќи од припадниците на МВР. Вакцинацијата тече според сите протоколи и прописи. Се надеваме дека на дневно ниво ќе вакцинираме до 3.000 граѓани и на тој начин ќе завршиме еден процес кој го започнавме“, вели д-р Виктор Исјановски, директор на Здравствен дом Скопје.
Доколку се појави температура, треска или други симптоми по вакцинацијата, надлежните советуваат да се пие парацетамол. На вакцинираните им се препорачува да не се изложуваат на физички напор и не смеат да консумираат алкохол во наредните седум дена.
„Ги повикувам сите кои што сакаат и имаат можности, да дојдат да се вакцинираат. Вакцинацијата е многу потребна“, вели Денис Јанкуловски од Центарот за јавно здравје.
Претседателот Стево Пендаровски информираше дека се регистрирал за вакцинација и дека ќе ја прими првата вакцина којашто ќе биде достапна. И премиерот Зоран Заев изјави дека не сакаат да го нарушат редот на имунизација со тоа што се високопозиционирани во општеството со својата општествена функција. „Јас и министрите ќе бидеме пример за да ги охрабриме граѓаните да се вакцинираат против коронавирусот, но сакаме да го испочитуваме редот и редоследот на вакцинацијата и предност да им дадеме на повозрасните граѓани и хронично болните, паралелно со најекспонираните и најизложените на пандемијата“, порача Заев.
-повеќе на темата: Анкета: Само 50% од граѓаните сакаат да се вакцинираат
Според него, никој не треба да се мисли дали да се имунизира и додаде дека сите ќе треба да го почитуваат редот и да се пријават преку своите матични лекари во системот за вакцинација.
Министерот за здравство Венко Филипче оцени дека добро се спроведува вакцинацијата во сите вакцинални пукнтови низ државата. Тој информираше дека колабирале двајца граѓани кои денеска чекале за вакцинација во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Но, според него, тоа не е поврзано со вакцинирањето.
„Нема никакви проблеми со вакцинацијата на постари граѓани. Се користи и салата 'Борис Трајковски' за вакцинација, каде се вакцинираат по 300 луѓе за еден час. Само двајца граѓани имале состојба на лесна клиничка слика со колапс кој не се доведува во врска со вакцинацијата. За кратко време потоа, по интервенцијата на итната медицинска помош, се повратени и се во добра здравствена состојба“, изјави Филипче. Според министерот и девојката која имаше појава на тромбоза во окото по вакцинацијата со „АстраЗенека“ во Србија, се чувствува добро и ќе биде пуштена на домашно лекување.
„Правилото е 'Вакцинирај, вакцинирај, вакцинирај!', тоа е единствениот начин на намалување на бројот на заболени. Ве молам да ги спречиме собирањата и празнувањата, сите да бидеме одговорни“, порача денеска претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски.