Бугарија: Државна безбедност, лустрација и мафијашка држава
10 август 2020„Лустрација! Бараме исклучување на поранешните членови на Бугарската комунистичка партија, агенти на поранешната државна безбедност и сите поранешни комунистички елити од политиката и општествениот живот!"
Речиси 30 дена траат протестите против бугарската влада, а сега сѐ погласни се барањата за лустрација како на пример овој на бугарската организација „Боетц”. И поранешниот претседател на Комисијата за актите на државната безбедност формирана во 2001, Методи Андреев, во интервју за „Радио Пловдив” наведува дека причина за „мафијашката држава” е тоа што немало лустрација.
Што е тоа лустрација?
Лустрација (од латинскиот збор лустраре, „да се обелодени” или „исчисти”) означува систематско отстранување на политички оптоварени лица од јавните функции. За тоа има само мал број историски примери: набрзо по донесувањето, повторно укинатото исклучување на поранешни националсоцијалисти од функциите во Германија по 1945. или во 1990. донесената забрана за припадници на тајната полиција на Источна Германија да исполнуваат јавни функции во повторно обдинетата Германија.
Со де факто лустрацијата Германија во 1990. година тргна по различен пат отколку другите земји од Источниот блок.
Лустрација, акти и архиви
Предуслов за лустрација е отворањето на архивите. Тоа што за обичен граѓанин наликува на прашлив куп хартии содржи експлозивни информации: документација за мачења, убиства, кодошење, психотерор, грабеж, проневера и перење пари. Не е случајност што сите комунистички служби за државна безбедност во 1989. почнаа со уништување на архивите. Во Берлин демонстрантите на 15. јануари 1990. навлегоа во централата на Службата за државна безбедност за да ја обезбедат токму таа архива.
Во Бугарија демонстрантите во 1990. година за мета ја избраа партиската централа на БКП, додека пак Службата за државна безбедност до летото 1990. уништи речиси 40% од нивната архива. Надвор од Германија сѐ до двете проширувања на ЕУ на исток во 2004., односно 2007. траеше процесот на отворање на документите на поранешните тајни полиции на речиси сите поранешни социјалистички држави. Во Бугарија таквите планови неколку пати претходно беа неуспешни.
Релацијата државна безбедност - мафија - корупција
Но, зошто прашањето за поранешните комунистички кадри во Бугарија и по 30 години го бранува општеството? Прашањето укажува на повеќе улоги што бугарската државна безбедност ги играла во периодот на транзицијата. Експерти како Момчил Методијев, истражувач на Софискиот институт за современа историја, сметаат дека е неоспорно оти кадрите и врските на комунистичката државна безбедност се клуч за настанувањето на модерната „мафијашка држава”.
Повеќе:
Протест против бугарската „држава во сенка”
Две можни сценарија по полуоставката на Борисов
Бугарија: „Отровното трио“ против Борисов
Бугарска верзија на „Нема правда, нема мир“
Преку исповрзаноста на офицерите на државна безбедност, партиските и економски функционери исчезнаа милиони и милиони од партиското и државно богатство во дивите години по 1990.
Советската тајна служба уште во 1980 наведувал дека во Бугарија има околу 1000 милионери кои преку државните функции дошле до богатство и моќ. Во 90-тите години нив им се приклучиле бројни нови. Во “црвени куфери” премиерот Андреј Луканов милони левови поделил на избрани кадри од партијата и државната безбедност за да основаат фирми, медиуми, бизниси, хотели и банки. Државни пари станаа приватни, офицерите на државната безбедност и партиски кадри добија стартна помош за новите времиња.
Кога падот на комунизмот старите партиски и кадрите на тајната служба делумно ги присили да се откажат од својата политичка моќ, тие си обезбедија на тој начин економско и општествено влијание. Проверките на денешната „Комисија за досиеја” покажуваат јасна слика за запоседнувањето на позиции во бугарската политика, економија и општество со официјални и неофицијални соработници на државната безбедност. Симболично таквата припадност и по 30 години стои за поврзаноста на комунистички кадри, дружини, криминални групи, корупција, богатење и матни зделки.
Неуспешна лустрација во Бугарија
Овoj маѓепсан круг во Бугарија никогаш не беше скршен. Бугарската социјалистичка партија која во летото 1990. беше повторно избрана, секогаш одново успеваше да ги торпедира сите барања за отворање на актите и обиди за лустрација. Потфрли и опозицијата. Во 1997. и 2001. година владата на Иван Костов се обиде да ги отвори архивите и да спроведе проверки, но не успеа. Особено “пикантен“ факт: уставните судии кои ги блокираа соодветните закони се поранешни информатори на државната безбедност.
Така отворањето на актите се одолговлечи до влезот на Бугарија во ЕУ, во 2007. година. Тогаш набрзина беше формирана денешната “Комисија за досиеа – КОМДОС“. Точно е дека на КОМДОС за првпат му успеа да ги собере преостанатите документи во сопствен архив и да ги отвори. Но поранешните агенти на тајните служби не мора да се плашат од лустрација или правни последици.
Во 2010. имаше еден поголем случај: високо рангирани бугарски дипломати масовно беа обелоденети како поранешни соработници на државната служба. За прв и последен пат следеа откази. Оваа „тивка лустрација“ беше поништена од Управниот суд бидејќи немало правна основа за тоа.
Неспроведувањето на лустрацијата во Бугарија е колективна траума. „Отворање на архивите и лустрација на почетокот на трансформацијата, ќе спречеа или во најмала рака ќе ги ограничеа старите кластери и зависности кои се уште постојат до денес и се база за денешната корупција,“ проценува Момчил Методијев. Долгата сенка на овие неуспеси веќе три децении ја прогонува бугарската политика и општество. Сега, повторно, се стаса до масовни протести.
Идниот модел на лустрација?
Дали лустрација е се уште реална опција и во 2020? Експерти како Методијев се скептични: „Тешко е да се каже какви резултати би имало од лустрацијата денес.“ Старите партиски гарди и оние од државна безбедност се веќе во пензија и им ја префрлија топката на следните генерации.
Новите елити, кои ги туркаат актуелните протести, тешко дека ќе се занимаваат со лустрација. 30 години по падот на комунизмот тоа има повеќе симболично значење. Но, една лустрација може да биде морална основа за изградба на нови елити. А желбата за нови елити е видлива во сите кругови на бугарското општество.