1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Две можни сценарија по полуоставката на Борисов

Даниел Смилов
5 август 2020

Борисов најави нешто како полуоставка. Но таа само долева масло на огнот на сомнежите кои ги предизвикаа протестите. Излезот од кризата треба да се бара на поинаков начин, смета Даниел Смилов.

https://p.dw.com/p/3gTYx
Der bulgarische Minsiterpräsident Boyko Borissov auf einer PK in Sofia
Фотографија: BGNES

ГЕРБ изненадувачки собра илјадници активисти во Софија кои од премиерот добија инструкции да размислуваат. Таква инструкција беше потребна, затоа што, всушност, сопартијците на Бојко Борисов треба да размислат за незамисливото од нивна гледна точка: влада без нивниот лидер.
Во релативно краткиот говор, претставен како „програмски“ од страна на премиерот, се покажа дека нема политичка програма, па дури ни јасен план за акција. Освен вообичаените клишеа за автопатите, метрото, олигарсите и „неблагодарниот“ Христо Иванов, во говорот имаше само една значајна точка: Борисов всушност си даде полуоставка. Полуоставката е нов елемент во високата политика на Балканот. Тоа е исто како оставка, но со одредба дека може и да не се случи.

Две можни толкувања

Националната конференција на ГЕРБ во Технолошкиот парк може да се толкува на два начина. Најверојатно, Борисов решил да се повлече од функцијата премиер, но сака неговата партија и „патриотите" да формираат влада без него. Оваа влада ќе се потпира на истото парламентарно мнозинство и главната предност што ќе ја има во однос на привремената влада е дека ќе може да работи заедно со актуелното Национално собрание.

Исто така е можно дека ГЕРБ и „патриотите“ ќе се обидат да формираат нешто како „експертска“ влада без да ги вклучат нивните клучни политички фигури во неа. Задачата на оваа влада ќе биде двојна: да ги смири протестите и да донесе непопуларни одлуки со оглед на здравствената состојба и претстојната економска криза. Од гледна точка на Борисов, овој начин на повлекување е помалку ризичен, затоа што владата сепак ќе зависи од парламентарното мнозинство предводено од ГЕРБ.

Второто можно толкување на оставката на Борисов е дека станува збор за театар што треба да ги натера неговите приврзаници и „патриотите“ да го убедуваат да не се повлекува. Борисов бара од нив да ги потврдат своите заклетви и јавно да се изјаснат дека тој е незаменлив. Ако ова е поентата на она што се случува, тоа е многу лош политички театар, кој сигурно ќе добие „златна малина“ на крајот на годината.
Затоа ајде да се фокусираме на првата опција: полуоставката е најава за оддалечување на Борисов од премиерската функција и обид за формирање на нова влада во рамките на овој парламент. Основната слабост на идејата е дека таа е речиси невозможна. „Експертска“ влада би имала исклучително низок легитимитет доколку се потпира само на мнозинство на ГЕРБ и „патриотите“. Луѓето ќе го гледаат тоа едноставно како обид да се задржат овие две партии на власт. 

Bulgarien Proteste in Sofia
Антивладини протести во Софија со транспарент: „Г-ѓо Меркел не ли се срамите од овој корумпиран тип?“Фотографија: Reuters/S. Nenov

Главниот проблем со планот е всушност тоа што повлекувањето на Борисов ќе биде де факто признание дека сомневањата за корупција го компромитирале како лидер. Оваа дамка ќе остане врз ГЕРБ дури и ако Борисов не е премиер. Проблемот овде не е само личен - политичката вина е всушност колективна.

Сомнежите остануваат

Полуоставката де факто додава масло на огнот на сомневањата што ги поттикнаа  протестите. Борисов не кажа ништо за овие сомнежи во својот „програмски“ говор. За Иван Гешев ја повтори старата теза дека ГЕРБ нема никаква врска со неговото именување и дека тој не е „нивен“ кандидат. Самата идеја дека главниот обвинител треба да биде „нечиј" е длабоко контроверзна: ако тој не е на Борисов, тогаш чиј е сегашниот главен обвинител? Но, секој знае дека ова се само празни зборови без многу содржина. Зад нив останува поддршката за Иван Гешев од страна на Борисов и владата, и неговото реципрочно делување.

Дури и да си поднесе оставка од премиерското место, Борисов ќе им остави големо наследство од политички експлозивни сомневања за корупција на ГЕРБ и на „патриотите“, што ќе го направи создавањето на релативно стабилна „експертска“ (или каква и да е друга) влада речиси невозможно. А и изборната цена за половина година за ГЕРБ и „патриотите“ од еден таков потег сигурно ќе биде огромна.

Кога веќе почнавме да размислуваме за незамисливото, зарем не е време да се размисли за најбрзи можни предвремени избори и договорена привремена влада меѓу претседателот Радев и сегашното парламентарно мнозинство. Претседателот треба да направи компромис за составот на владата, а Националното собрание треба да ги изгласа неопходните закони што ќе обезбедат работа на привремениот кабинет во случај на негативен развој на здравствената и економската криза. Со добра волја од обете страни, договорот за овие прашања може да се постигне што е можно поскоро. Сè друго изгледа како полумерка или како лош театар.