1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бомбите“ не му штетат на соживотот

Костадин Делимитов3 април 2015

Играњето на меѓуетничка карта во политичката криза е опасен чин кој, сепак, тешко дека може да влијае на влошување на соживотот во РМ. Наивно е да се очекува решение без учество на албанскиот фактор, сметаат експертите.

https://p.dw.com/p/1F2HV
Фотографија: DW/Aleksandar Metodijev

Албанците во Македонија се живо заинтересирани за демаскирање на актуелната власт и ефикасно решение на политичката криза. Објавата на таканаречените „бомби“, кои создаваат се‘ поголема нервоза на терен, ја продлабочуваат кризата, но тешко дека можат да генерираат позначајно нарушување на меѓуетничкиот соживот, коментираат дел од аналитичарите:

„Меѓуетничките односи во Македонија се фрагилни, тоа не е тајна, но дали има логика бомбите да им наштетат? Јас мислам не! Целта на бомбите, барем според опозицијата, е да се демаскира и дискредитира власта, а посебно владејачката ВМРО ДПМНЕ. Ако во тие бомби слушнеме нешто што е спротивно на интересите на албанската заедница јас не гледам логика тоа да генерира меѓуетнички тензии, туку револт кон одредени личности или политичката партија, но не кон сограѓаните Македонци. Единствено тензии може да има околу случајот Смилковско езеро како еден трагичен настан, но не гледам причина зошто и нервозите и тензиите би се насочиле кон сограѓаните Mакедонци. Едноставно тоа би можело да биде насочено кон личности кои направиле нешто лошо во таа смисла“, коментира за Дојче веле политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Mazedonien Land und Leute Tetovo
Меѓуетничките односи во Македонија се фрагилни, но „бомбите“ нема да им наштетат“, оценува Алберт МуслиуФотографија: Petar Stojanovski

Во јавноста веќе се објавуваат информации за подготовка на различни сценарија со меѓуетнички предзнак. Колку овие информации или дезинформации се опасни и колку реално тие можат да креираат меѓуетнички судири? Упатените не се изненадени од ваквата тактика, но не препознаваат услови за евентуални пожестоки компликации на терен:

„Такво нешто ќе се обидат да форсираат структурите на власт, затоа што во актуелниот случај тие се непосредно притегнати со инкриминираните дејства за кои веројатно знаат дека епилогот може да биде кривично дело. За да се спасат можеби ќе се обидат тоа да го покријат или надминат со некаков контролиран конфликт, но мислам дека како што поминува времето вистината излегува на виделина, нивниот авторитет, кредибилитет се губи. Нема да им веруваат и луѓето тешко дека ќе бидат подложени на информации за да можат да се вовлекуваат во некаков меѓуетнички судир. Она што го слушаме од препукувањата меѓу СДСМ и раководството на ВМРО ДПМНЕ не влијае врз влошување на меѓуетничките односи затоа што мнозинството од Албанците во Македонија имаат изразена љубопитност да се објават сите тие материјали кои се во аферата за да можат дефинитивно да ја знаат вистината и за Албанците функционери, посебно за оние кои се дел од власта“, коментира политичкиот аналитичар Исмет Рамадани.

Тоа што актуелниот коалиционен партнер во власта ДУИ не е директно инволвиран во кризата, или барем не досега, не значи и директна амнестија за министрите Албанци. Но наивно е да се очекува дека без инволвираност на албанскиот политички кампус може да се дојде до решение на кризата, смета Муслиу:

„Искрено, според мене, јас не сум од тие што веруваат дека ДУИ не што не сакала, туку немала можност да ги контролира тие механизми кои ги злоупотребувале нивните коалициони партнери. Но не можеме да гарантираме дека и тие не би ја злоупотребиле УБК доколку би ја менаџирале. Во процесот на создавање на коалицијата тие го бараа, но не го добија овој сектор. Но ќе повторам, политичкото решение не може ни да се замисли без политичките партии на Албанците. Затоа што тоа ќе подразбира политички договор во кој парламентот и пратениците ќе треба да изгласаат нешто што ќе се договори. Ова што се случи во Брисел само најнаивните веруваат дека беше политичкото решение, туку почеток на евентуално изнаоѓање на евентуално решение. Политичкото решение ќе треба да се прави во поширок состав. Само наивните можат да веруваат дека Радмила Шеќеринска и Никола Поповски ќе одат во Брисел и ќе се договорат, ова е покомплициран процес. Но за седнување по првпат и за еве, дури и давање рака, не беше лошо. Европскиот парламент ниту има капацитет ниту мандат да реши нешто, тие не можат во ЕУ да решат нешто, а камоли кај нас“, коментира Муслиу.

Ismet Ramdani
Исмет Рамадани: Верувам дека мнозинството од Албанците сакаат оваа криза да се надмине без некаков конфликт или загрозување на безбедностаФотографија: DW/F. Musliu

Рамадани смета дека е од клучна важност целосно да се демаскира се‘ она што се случувало во редовите на власта, што е и клучен предуслов за натамошен институционален епилог:

„Дефинитивно дека овој процес е важен и за Албанците во земјава за да можат во иднина да се определат за политичари кои немаат хипотеки, како единствени кои можат да ги претставуваат нивните интереси во идните влади. Политичари кои во исто време нема да бидат потчинети, сервилни, така што во однос на демократските процеси, градење на институции, правна држава, слободни медиуми, Албанците тогаш ќе го дадат својот придонес заедно со тие, условно кажано, македонски политички партии кои исто така се определени за тоа. Во исто време, со стабилни институции и стабилна политика интеграционите процеси ќе бидат ставени во еден дискурс кој дава повеќе надеж Македонија да се извлече од оваа криза. Верувам дека мнозинството од Албанците сакаат оваа криза да се надмине без некаков конфликт или загрозување на безбедноста на граѓаните со силно медијаторство, со една авторитативна, во смисол на индивидуален авторитет, една експертска влада која ќе подготви политички амбиент и институции за избори кои може да дадат легитимен претставник за формирање влада“, смета Рамадани.

ДУИ веќе се изјасни дека бара решенија преку Брисел и најави вклучување во втората фаза од започнатиот дијалог помеѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ со европските посредници. Во агендата најавија дека ќе инсистираат да се вметне и прашањето за името. Транспарентниот и сеопфатен дијалог, според оваа партија, е неопходност и гаранција за одржливо решение прифатливо за сите страни.