Неуспех за германското ЕУ- претседателство: Нова блокада
18 декември 2020Германската влада на крајот од своето шестмесечно претседателство со ЕУ доживеа уште еден неуспех. Чешка и Словачка вчера го блокираа усвојувањето на важниот текст– заклучоците за напредокот на Западен Балкан во процесот на проширувањето на ЕУ. Претходно Бугарија стави вето на усвојувањето на преговарачката рамка на ЕУ со Северна Македонија, што истовремено го блокираше и исто така планираното отпочнување на пристапни преговори со Албанија.
Ситуација се смета за прилично проблематична, со оглед на тоа што земји како Русија, Кина и Турција се заинтересирани за привлекување на балканските држави на своја страна.
Бавните напредоци во изградбата на односи со ЕУ можат да водат и кон запоставување на од Брисел бараните реформи за поголема демократија и владеење на правото.
Оттаму разбирлива е фрустрацијата која вчера беше присутна кај дипломатите на ЕУ. „Трагично е за Западен Балкан што во политиката на проширување повеќе табори во ЕУ меѓусебно се блокираат", се вели во Брисел. Тоа испраќа „катастрофален сигнал" кон Балкан и отвора шанса за други актери.
Посебно незадоволство се изразува што амбасадорите од Чешка и од Словачка во средата се согласиле со текстот на заклучоците, а вчера ја повлекле согласноста и ставиле вето. Главна причина за сегашната блокада во однос на политиката кон Балкан претставува спорот меѓу Бугарија и Северна Макеоднија околу делумно заедничката историја. Бугарија ја обвинува Северна Македонија за „кражба на историјата", одбивајќи да го признае македонскиот јазик за посебен, туку Софија го смета за бугарски дијалект.
Чешка и Словачка синоќа го образложија своето вето со лутината поради блокадата на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија. Освен тоа, тие конкретно критикуваат што на притисок од Бугарија во заклучоците е вметнат дел за спорот околу историјата со Северна Македонија.
Германското претседателство во последниот период вложуваше интензивни напорида ја придвижи Бугарија за попуштање во спорот со Северна Македонија, но владата во Софија остана тврдо на својот став. Во балканските земји кои аспирираат за влез во ЕУ покрај Србија и Црна Гора спаѓаат и Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Косово. Со Србија и Црна Гора веќе официјално се водат преговори за прием, а за Северна Македонија и Албанија, по повеќемесечни интерни дискусии во ЕУ, пролетоска беше донесена одлука за почеток на преговори. БИХ досега се сметаат само за потенцијални кандидати за преговори со ЕУ, пишува ДПА.