1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Безбедни градови“: Заштита од можните депортации на Трамп

Есиф Амиен
18 ноември 2016

Додека Доналд Трамп се заканува со депортации, либералните градоначалници ги уверуваат мигрантите дека се безбедни во нивните градови.

https://p.dw.com/p/2StMp
Studenten in Los Angeles demonstrieren gegen Abschiebung illegaler Einwanderer
Фотографија: Getty Images

Градоначалникот на Чикаго, Рам Емануел, во понеделникот одржа говор во кој се обрати и на половина милион имигранти без документи кои живеат во градот.

„До сите оние кои по изборите во вторникот се чувствуваа загрижено, вие се сте безбедни во Чикаго, Чикаго ве поддржува“ изјави Емануел. „Чикаго секогаш ќе биде безбеден град“.

Неговиот говор беше одржан еден ден откако новоизбраниот претседател Доналд Трамп во телевизиско интервју потврди дека ќе го исполни ветувањето дадено за време на предизборната кампања дека веднаш ќе депортира три милиони имигранти без документи од вкупните единаесет милиони кои моментално живеат во САД.

Минатата недела, градоначалниците на неколку големи градови, меѓу кои Њујорк и Сиетл се огласијапротив плановите на Трампсо свои ветувања: нивните градови ќе бидат „безбедни градови“ за имигрантите.

Што се „безбедни градови"?

„Безбедните градови“ прв пат се појавуваат во 1989 година кога градот Сан Франциско со уредба и забрани на градската полиција да ги спроведува законите за имиграција. Бројот на градови кои донесоа слични уредби се зголеми за време на администрацијата на Обама, кога беа депортирани рекордни 2.5 милиони луѓе во периодот меѓу 2009 и 2015 година. Поради тоа, про имигрантските групи во САД, на претседателот Обама му го дадоа прекарот „главен депортер“.

Во САД, спроведувањето на законите за имиграција е во ингеренција на федералната влада. Поточно, за тоа постои специјална агенција - Канцеларија за имиграција и царина (ИЦЕ) која е единствена која има ингеренции да отпочне процес на депортација и да лишува лица од слобода.

Сепак, Канцеларијата за имиграција и царина (ИЦЕ), од локалните авторитети често бара да ги пријавуваат лицата кои се сомничат дека се нелегални имигранти или пак истите да ги задржи за да можат да ги испрашаат. Со други зборови, локалната полиција треба да служи како очи и уши на федералната влада.

Но тоа не е случај во „безбедните градови“.

Не постои правна дефиниција за терминот, но Кеми Бело, портпарол на Центарот за национално имиграционо право за Дојче Веле изјави: „За нашите потреби, безбедните градови ги дефинираме како места каде учеството на локалната полиција во активностите на ИЦЕ на апсење и депортирање на имигранти е ограничено или целосно исклучено".

На пример, „Уредбата за отворен град" во Чикаго и забранува на локалната полиција да спроведува имиграционо право. Доколку некое лице е уапсено за кражба, полицијата не смее да го испрашува дали тој е граѓанин на САД.

Доколку истото лице треба да биде ослободено од притвор, а од Канцеларијата за имиграција и царина (ИЦЕ) сакаат да го испрашаат за неговиот имиграциски статус, на полицијата во Чикаго според Уредбата на градот нема да и биде дозволено да го „продолжи времето на притвор поради потребите на ИЦЕ“. Одбивањето на локалната полиција во „безбеден град" да прифати наредба за продолжено задржување на лица, упатена од страна ИЦЕ не претставува кршење на федералните закони. Таквите наредби не се обврзувачки, што значи дека во суштина тоа се барања, а не наредби.

Според Центарот за национално имиграционо право слични уредби постојат во 39 градови, вклучувајќи ги и трите најголеми градови во земјата: Њујорк, Лос Анџелес и Чикаго. Дополнително, четири држави Калифорнија, Вермонт, Роуд Ајленд и Конетикатат и 364 општини имаат слични одредби, кои до одреден степен се разликуваат, вели Кеми Бело.

Според Цезар Куатемок Гарсија Хернандез, „безбедните градови не ја спречувааат ИЦЕ да си ја врши работата“. Професорот по право на Универзитетот во Денвер потенцира дека „безбедните градови“ бараат од ИЦЕ да постапува според Уставот и да добијат судска наредба пред да задржат осомничено лице.

Досега, ниту еден суд не ги прогласил уредбите на „безбедните градови“ за незаконски или неуставни. Всушност, правната борба може да биде во корист на градовите. Федералниот суд во октомври одлучи дека наредбите на ИЦЕ, а не одбивањата на градовите се незаконски, велејќи дека ИЦЕ го злоупотребува авторитетот со тоа што и бара на полицијата да задржува притвореници без судски налог - што е забрането со 4 амандман на Уставот на САД.

Ефектот „Доналд Трамп“

„Безбедните градови“ повторно се најдоа во фокусот на дебатата за имиграционата политика во предизборниот период. Во јули минатата година, во Сан Франциско беше убиена млада жена од страна на нелегален имигрант од Мексико кој претходно пет пати бил депортиран од САД. Нејзината смрт брзо стана политичко прашање откога Трамп изјви дека убиството било „срамно и можело да се спречи“.

Како одговор на убиството, републиканските законодавци подготвија предлог закон со кој може да се казнат „безбедните градови“ со тоа што ќе се оневозможи нивниот пристап до федерално финансирање доколку одбиваат да соработуваат со ИЦЕ. Предлог законот беше именуван „Доналд Трамп“ од страна на демократите кои сметаа дека Трамп допринел целиот случај да добие политичка димензија.

Демократите успеаа да го блокираат носењето на законот, но Трамп за време на кампањата вети дека како претседател „ќе се погрижи“ за безбедните градови затоа што нивните уредби „предизвикале голем број на непотребно насилство и смртни случаи".

Настрана од правната битка, Трамп се закани дека ќе го ограничи федералното финансирање на „безбедните градови", казна која вети дека ќе ја спроведе и без одобрување на Конгресот. Градовите како Чикаго може да изгубат милиони долари во форма на грантови за градски проекти.