1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

ДКСК бара истрага како Рашковски добил луксузен подарок

ДТЗ
28 декември 2021

Станува збор за возило „доџ“ во вредност од над 50 илјади евра, а во анкетниот лист на Рашковски е пријавено дека вреди 5 илјади евра.

https://p.dw.com/p/44vEs
Dragi Raskovski Generalsekretär nordmazedonische Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе поведе иницијатива до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција за утврдување одговорност за Драги Рашковски кој незаконски примил возило како награда. Станува збор за возило „доџ“ во вредност од над 50 илјади евра, коешто го добила сопругата на Рашковски како подарок. Пазарната вредност на возилото е најмалку 50 илјади евра, а во анкетниот лист на Рашковски е пријавено дека вреди 5 илјади евра.

Горан Трпеноски, член на ДКСК, вели дека сопругата на поранешниот генерален секретар во Владата, Драги Рашковски, добила на подарок од Игор Христов (советник во Владата и еден од осомничените во случајот со Рашковски за набавка на софтверите) возило што вреди околу 50 илјади евра, кое истото го купил за невообичаено ниска цена од гостиварска фирма. Оваа фирма,пак, побарала од Генералниот секретаријат на Владата во декември 2018, да ѝ биде пренесено правото на градење и уредување за имот со деловен простор во Гостивар кој е во сопственост на државата.

Nord-Mazedonien Staatskommission für Korruptionbekämpfung
Државната комисија за спречување корупција ја истражуваше и набавката на софтвер за изрекување казни за сообраќајни прекршоци преку видеонадзор, што го купил Рашковски. Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Генералниот секретаријат го доставил барањето до Министерството за транспорт и врски, од каде што добиле одговор дека не се исполнети законските услови за пренесување на правото за градење. И покрај негативното мислење, Генералниот секретаријат на владина седница доставил информација со преддоговор за пренесување на правото за градење на гостиварската фирма.Но, информацијата не поминала на влада.

Станува збор за имот со вкупна површина од 366 квадратни метри деловен простор, во сопственост на државата, а со право на користење на УЈП во Гостивар и Централниот регистар – Гостивар.

Антикорупционерите по извршената проверка на пазарот, утврдиле дека возилото иако е произведено во 2005 година, чини од 50 илјади евра па нагоре, што е десеткратно повисока вредност од наведената цена во договорот. „Тука има доста работа и за обвинителството, за инспекциските служби, за катастар“, вели Трпеновски.

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) претходно ја истражуваше и набавката на софтверот за изрекување казни за сообраќајни прекршоци преку видеонадзор, што го купил Генералниот секретаријат на Владата. За Рашковски веќе е поднесено обвинение за злоупотреби на пари од буџетот за набавка на софтвери, кои воопшто не биле ставени во употреба.