1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Под лупа софтверот на Рашковски

ДТЗ
10 март 2021

Генералниот секретаријат на Владата, во времето на Драги Рашковски набавил софтвер за сообраќајни прекршоци, кој не е во употреба, а бил платен 81.000 евра

https://p.dw.com/p/3qSLy
Dragi Raskovski Generalsekretär nordmazedonische Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) ќе ја истражува набавката на софтверот за изрекување казни за сообраќајни прекршоци преку видеонадзор, што лани го купил Генералниот секретаријат на Владата. Од ДКСК најавија дека ќе отворат постапка по допрен глас за да се истражи процесот на набавката. Велат дека ќе побараат од Владата да им го даде на увид планот за таа набавка и образложение зошто е купен софтвер, кој не е во функција.

Владиниот Генерален секретаријат, во времето на Драги Рашковски набавил софтвер за сообраќајни прекршоци, кој не е во употреба, а бил платен 81.000 евра. На огласот на Генералниот секретаријат на Владата во ноември 2019 година за изработка на софтвер за сообраќајни прекршоци, за автоматско казнување во системот „Сејф сити“ на МВР  се пријавиле три компании. Победила компанијата „Инвока“. Софтверот е платен во февруари 2020 година, шест дена пред изборите. Софтверот веќе една година не е во употреба.

Премиерот Зоран Заев изјави дека има докази дека имало комуникација меѓу Генералниот секретаријат и МВР токму поради постапките и можноста за имплементација и тестирање на самиот систем. Премиерот рече дека побарал од службите да ги соберат сите документи од набавката на софтверот што ја спровел Генералниот секретаријат и дека не се сомнева во процесот на набавка.

„Секако дека исклучувам сомнеж во набавката, тоа е направено, колку што се сеќавам, со ФИНКИ, со тендерска процедура. По информацијата во јавноста се обратив до службите да ме информираат барем усно, чекам да ми стигнат документите. Постапката била предвидена со буџет од 8 милиони денари, имало компетитивност, но сè уште не ги знам деталите… Спроведена е целосна постапка. Дадов насоки да се расчисти работата од позитивен аспект, затоа што е нешто што се спроведувало и за време на техничката влада“, вели премиерот Заев.

Рашковски на Фејсбук демантираше дека патентирал софтвер за следење на сообраќајни прекршоци, кој потоа Генералниот секретаријат на Владата го купил како јавна набавка за потребите на МВР. Поранешниот генерален секретар на Владата вели дека патентирал само идеја, исто како што имал, како што вели тој, идеја за попис и за поврат на ДДВ.
„Не сум патентирал никаков софтвер. Во С. Македонија не е можно да патентираш софтвер, туку само идеја - постапка. Категорично демантирам и отфрлам каква било поврзаност или корелација меѓу моите патентирани идеи со набавките кои Генералниот секретаријат на Владата ги има реализирано во времето кога јас бев генерален секретар“, вели тој.

Рашковски вели дека за да биде уште појасна огромната разлика меѓу идеја и софтвер (производ), ја информира јавноста дека уште во 2013 година има патентирано идеја и за гласање со отпечаток од прст. „И ја користам оваа прилика од напред да отфрлам каква било поврзаност на мојата патентирана идеја со било каков евентуален софтвер кој државата евентуално би го набавила после евентуален политички договор за употреба на таков софтвер за изборни процеси.Имам патентирани идеи и за попис од 2013 година, за поврат на ДДВ од 2016 година. Не е во ред да бидам напаѓан затоа што сум имал идеи и истите сум ги патентирал, а денес се достапни како јавни добра и за нашата земја и за светот“, реагираше Рашковски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека власта прави обид да се заташка случајот со Драги Рашковски кој потрошил државни пари за софтвер, кој не само што не е приоритет во време на пандемија, туку сега воопшто не е во функција.